Во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, лидер на СНСД и до неодамна претседател на ентитетот Република Српска, вешто го користи овој глобален тренд за да креира провокативна реторика против Бошњаците (муслиманите) во БиХ. Додик се позиционира како наводен бранител на христијанството во „загрозените области на Балканот“, користејќи ја исламофобијата како политички капитал.
Неговата стратегија не е изолиран случај; слични шеми се среќаваат кај десничарските политичари низ целиот регион, од Србија до Хрватска, каде што исламофобијата и антиимигрантските наративи се спојуваат во единствена идеолошка матрица.
„Одбрана на христијанството“ како политички проект
Политичката реторика на Додик во последниве години сè повеќе се потпира на идејата дека Србите и православието се загрозени од „муслиманскиот фактор“ во Босна и Херцеговина. Тој ја користи исламофобијата не само како средство за делегитимизирање на политичките претставници на Бошњаците туку и како начин за хомогенизација на сопствената гласачка база. Реториката за „одбрана на христијанството“ во неговите говори има двојна функција:
- Предизвикување страв: Додик тврди дека муслиманите во БиХ претставуваат закана за идентитетот и безбедноста на Србите, со што се создава атмосфера на постојан ризик.
- Легитимација на политиката на одвојување: Исламофобичната реторика служи како оправдување за политички проекти што водат кон понатамошна етничка фрагментација и потенцијално распаѓање на државата.
На овој начин, Додик станува дел од поширокиот глобален тренд каде што десничарските лидери ја користат исламофобијата како идеолошка рамка за зајакнување на национализмот и авторитарните политики.
Глобалниот контекст на исламофобијата
Исламофобијата не е феномен ограничен само на Балканот. Во Европа и во САД, десничарските партии и движења со години градат политичка моќ врз стравот од муслиманите и од мигрантите. Од Марин ле Пен во Франција, преку Алтернатива за Германија (АфД), па сè до Доналд Трамп во САД, исламофобијата се користи како реторичко оружје што ја поврзува „одбраната на христијанската цивилизација“ со антиимигрантските политики. Реториката на Додик, според тоа, е локална верзија на истиот модел во светски рамки: таа се потпира на истите мотиви; страв, мобилизација по основ на идентитет и демонизација на „другиот“.
Слични реторички стратегии наоѓаме и во други земји во регионот. Во Србија, десничарските политичари често ја користат исламофобијата за да ги оправдаат антибошњачките ставови. Во Хрватска, исламофобијата е испреплетена со антиимигрантскиот дискурс, каде што мигрантите од Блискиот Исток и Африка се прикажуваат како закана за „католичкиот идентитет“.
Еден од највпечатливите примери е случајот од Загреб, каде што калуѓерка се самоизбоде, а десничарските медиуми и политичари, без да чекаат полициска истрага, веднаш ја раширија лажната вест дека била нападната од мигрант кој извикувал „Алаху Акбар“. Оваа манипулација покажува како исламофобијата функционира во пракса: создавање морална паника, ширење дезинформации и искористување на стравот за политички придобивки. Иако подоцна приказната се покажа како лажна, штетата веќе беше направена, а исламофобичниот наратив доби нова потврда во очите на дел од јавноста.
Механизми за ширење на исламофобијата
Исламофобичната реторика во регионот се потпира на неколку клучни механизми:
- Медиумска манипулација: Десничарските медиуми често објавуваат непотврдени или лажни вести во кои ги поврзуваат муслиманите со насилство.
- Религиозна инструментализација: Христијанството се прикажува како „загрозено“, додека исламот се демонизира како „инвазивна религија“.
- Политичка мобилизација: Стравот од муслиманите се користи за хомогенизација на гласачкото тело и зајакнување на националистичките политики.
- Регионална координација: Иако реториката се разликува во нијанси, десничарите во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина користат слични наративи, претворајќи ја исламофобијата во регионален политички тренд.
Политичка манипулација
Сличен таков пример на манипулација можеме да најдеме во Мостар. Кога беше запален автомобилот на градоначалничката Марија Кордиќ, лидерот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, веднаш реагираше и го повика хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ напомош, обидувајќи се да го претстави како миротворец кој ги смирува тензиите во градот. Човиќ се обиде да го прикаже инцидентот како напад врз стабилноста и безбедноста на Хрватите во Мостар, со што реторички влезе во истиот простор што го користи Додик – простор на постојана закана и потреба од „заштита“.
Сепак, кога се испостави дека автомобилот го запалил човек близок до ХДЗ, целата приказна одеднаш замре. Ниту еден од политичките лидери не почувствува потреба да ѝ се извини на јавноста или да објасни како манипулацијата со инцидентот послужила за политичка промоција. Овој случај покажува како наративите за закана и „миротворство“ се користат селективно: кога инцидентот може да послужи како политичка придобивка, тој се експлоатира; кога ќе се открие дека изворот на проблемот е во сопствените редови, приказната се крие под тепих.
Во истата матрица се вклопуваат и активностите на Макс Приморац, хрватски лобист и член на Фондацијата Херитиџ (Heritage Foundation), кој неодамна пред Американскиот конгрес ја нарече Босна и Херцеговина „пропадната држава“ и ги опиша Бошњаците како доминантна муслиманска заедница која е сериозна „закана за Хрватите“. Приморац тврдел дека „третиот ентитет е единственото спасение за прогонуваната христијанска заедница“.
Неговите тврдења покажуваат како исламофобната реторика од регионот се пренесува на меѓународната сцена, каде што се обидува да ја обликува перцепцијата на американските политичари за БиХ. Иако конгресмените не ги прифатија неговите тврдења, самиот факт што ваквите наративи се пласираат во Вашингтон зборува за една координирана активност за легитимирање на исламофобијата и антибошњачкиот дискурс преку меѓународни канали. Изјавите на Приморац речиси целосно ја одразуваат реториката на Додик и Човиќ за инсистирање на заканата за „христијанската заедница“, демонизирање на Бошњаците и повикување на етничка територијализација како единствено решение за проблемите во БиХ.
Поларизација на општеството и нормализација на омразата
Реториката на Додик, манипулацијата со инцидентите од страна на Човиќ и лобирањето на Приморац во САД заедно формираат мозаик во кој исламофобијата станува политички капитал и има сериозни последици за општеството.
Прво, се продлабочуваат етничките и религиозните поделби, со што уште повеќе се нарушуваат веќе кревките односи меѓу Бошњаците, Србите и Хрватите во БиХ. Второ, исламофобијата се нормализира во јавниот дискурс, станувајќи „легитимна“ тема на политичките кампањи. Трето, ширењето на лажни вести и манипулации, како што е случајот во Загреб, создава атмосфера на недоверба и страв што ги поткопува демократските вредности на долг рок.
Затоа, исламофобијата не е само идеолошки дискурс туку и политичко оружје што ги обликува општествените односи, ги поларизира заедниците и ја нормализира дискриминацијата. Во овој контекст, реториката на Додик претставува локален израз на еден глобален проблем: употребата на стравот од „другиот“ како средство за зачувување и зајакнување на политичката моќ.
Исламофобијата и манипулацијата со инциденти не се само локални политички трикови туку се извезуваат и на меѓународната сцена. Додик, Човиќ и Приморац го користат истиот наратив: „одбрана на христијанството“ и „закана од муслиманите“ како легитимизација на нивните политички проекти. Примерот на Загреб, Мостар и Вашингтон покажува дека ова е координиран модел во кој стравот од „другиот“ се претвора во оружје за зачувување на моќта.
Ваквите наративи совршено се вклопуваат во она што во аналитичките кругови се нарекува логика на СНМИ/FIMI (страв/fear, несигурност/insecurity, манипулација/manipulation, идентитет/identity). Тоа е шема во која стравот се користи како почетна точка, несигурноста постојано се создава и се одржува, манипулацијата станува политичка алатка, а идентитетот се инструментализира со цел да се хомогенизираат заедниците и да се оправдаат политичките одлуки.
Исламофобичната реторика на Додик, селективната позиција на Човиќ за „миротворство“ и лобирањето на Приморац во Вашингтон се дел од истата поширока геополитичка матрица: локалните инциденти и наративи се трансформираат во глобално препознатливи модели на манипулација со страв за политичка придобивка.
За Босна и Херцеговина, ваквите наративи не се само реторичка игра; тие директно ги обликуваат општествените односи и политичката динамика. Манипулацијата со страв и исламофобијата ги продлабочуваат етничките поделби, ја нормализираат дискриминацијата и ја поткопуваат довербата меѓу заедниците.
Во земја која сè уште го бара патот кон стабилност и функционална демократија, инструментализацијата на стравот може да го парализира општеството на долг рок и да го спречи градењето на инклузивен политички систем. Токму затоа е важно да се разоткријат ваквите обрасци и да се посочат нивните последици: бидејќи само со критичко соочување со манипулацијата е можно да се изгради општество засновано на доверба, а не на страв.
Хари Љево
(Преземено од Республика)









