Заради климатските промени во цел свет има големи инвестиции во чисти технологии во енергетскиот сектор, а тоа се: обновливи извори на енергија, електрични мрежи, складирање (батерии) и зголемување на енргетската ефикасност. Тука е вклучена и нуклеарната енергија (иако некои организации не се согласуваат со тоа). Ова ќе влијае на намалување на емисиите на стакленички гасови, подобрување на енергетската безбедност и конкурентноста на решенијата базирани на електрична енергија. Според IEA инвестициите во овие чисти технологии во 2025 година ќе достигнат рекордни 2.200 милијарди долари. Од друга страна, потребите за електрична енергија се толку големи што ќе има значителни инвестиции и кај фосилните горива: природен гас, нафта и јаглен, вредни 1.100 милијари долари. Значи, поради економската неизвесност и загриженоста за енергетската безбедност во светот, глобалните инвестиции во енергијата ќе пораснат на 3.300 милијарди само во 2025 година.
Денес, Кина е убедливо најголемиот инвеститор во производство на електрична енергија во светот, трошејќи двојно повеќе за енергија од Европската Унија – и речиси колку што трошат ЕУ и САД заедно. На глобално ниво уделот на Кина во чиста енергија е една третина во следниов спектар на технологии: сончева енергија, ветер, хидроенергија, нуклеарна енергија, батерии и електрични возила.
Денешните инвестициски трендови јасно покажуваат дека е почната нова ера во производство на електричната енергија. Оваа година, инвестициите во производство на чиста електрична енергија се очекува да бидат околу 50% повисоки од вкупната сума што се троши за фосилни горива (нафта, природен гас и јаглен).
Се очекува инвестициите во производство на електрична енергија со фотоволтаици да достигнат 450 милијарди долари во 2025 година, што ќе претставува најголема ставка во инвестиции во производство на електрична енергија. Паралелно и инвестициите во складирање со батерии исто така брзо се зголемуваат и веројатно ќе надминат 65 милијарди долари во оваа година.
Капиталните инвестиции во нуклеарните електроцентрали пораснале за 50% во последните пет години и се на пат да достигнат околу 75 милијарди долари во 2025 година. Брзиот економски раст и соодветно побарувачката на електрична енергија во Кина и Индија исто така ги зголемуваат инвестициите во термоелектрани на јаглен. Во 2024 година Кина започна со изградба на нови електрани на јаглен со капацитет од приближно 100 гигавати.
Кога се градат постројки за производство на електрична енергија, мора да се предвиди и изградба на соодветни електро-мрежи за пренос на енергијата. Се проценува дека инвестициите во мрежите ќе бидат околу 400 милијарди долари годишно, а тоа не би било доволно за следење на новите производствени капацитети што може да влијае и на сигурноста во снабдувањето. Се препорачува зголемување на изградбата на електро-преносните мрежи до 2030 година заради одржување на безбедност во снабдувањето. Тука се јавуваат пречки при снабдувањето со трансформатори и кабли, како и долги процедури за добивање дозволи.
Во следниот период се очекува пад на побарувачката за нафта, а со тоа и пад на инвестициите во нафтениот сектор. Од друга страна, постои нагорна линија кај инвестициите во нови капацитети за течен природен гас (LNG), особено во САД, Катар, Канада и други. Во следните две до три години се очекува глобалниот пазар на LNG да го достигне својот најголем раст на капацитетот досега.
На глобално ниво интензитетот на инвестициите во производство на енергија е различен при што најнизок е во земјите во Африка. Денес овој континент учествува само со 2% во глобалните инвестиции во чиста енергија иако таму живее 20% од светското население и има брзо растечка побарувачка за енергија. Поради недоволниот раст на чиста енергија, но и намалување на потрошувачката на фосилни горива, вкупните инвестиции во целиот континент се намалиле за една третина во текот на изминатата деценија. За да се затвори овој финансискиот јаз во африканските земји и другите економии во развој, треба да се зголемат меѓународните јавни финансии и да се привлече приватен капитал.
Се разбира дека горниве предвидувања можат да бидат изменети заради моменталната геополитичка ситуација и воените судири при што се бомбардираат и извори на нафта и гас, системи за нивна преработка и транспорт, како и големи трафостаници. Но досега не сме виделе бомбардирање на фарми од фотоволтаици и ветропаркови.
Д-р Ристо Цицонков,
редовен професор Машински факултет – Скопје