Суетата како економска и политичка сила
Постојат цивилизации што ја мерат својата големина според висината на небодерите, моќта на корпорациите или бројот на екрани што трепкаат во секој дом, односно според сопствената успешност и рационалност. Но зад таа фасада денес стои нешто многу подлабоко и многу потивко: цел еден систем што ја претворил човечката слабост во економија, суетата во политичка сила, а поединецот во производ. Токму во тој свет, кој постојано ги врзува луѓето за слика, статус и спектакл, се појавува човек што ја нарушува логиката на целата империја со тоа што одбива да учествува во секојдневниот циркус заснован врз наметнатите стереотипи.
Човекот што не можат да го купат
Западот, кој со векови проповеда рационалност и знаење, последниве седумдесетина години не успеа да ја претвори демократијата во простор на разумот, туку за жал во спектакл на суетата. Ова не е поради тоа што луѓето се „прости“, туку затоа што системот внимателно им ги фабрикува желбите. Суетата не е нивна слабост, таа е производ, креиран од малцинството богати, технократи, извршни директори, медиумски магнати, PR-архитекти, психолози на маркетингот и други. Тие ја фабрикуваат потребата, а масите ја купуваат. Суетата не е органска појава. Таа е индустриски произведена и внимателно дистрибуирана. Западната модерност го изгради својот престол врз нешто што никогаш не се признава јавно, а тоа е суетата како гориво на пазарот која масите наголемо го конзумираат. Во тој систем, генијалноста е дефект, а аскетизмот субверзија.
И токму во тој свет, каде сите аспекти на секојдневието станаа перформанс, се појави човек што ја нарушува логиката на целата империја.
Перелман како антипод на спектаклот
Григориј Перелман, најдобриот жив математичар, кој го реши Поенкареовиот милениумски проблем и потоа одби милион долари, Филдсова медала и слава, денес живее аскетски во станот на мајка му во Санкт Петербург, каде го пронајде својот простор на слобода. Слобода меѓу книги и една виолина.
Перелман одамна го пронајде она што современиот свет упорно го бара на погрешни места: среќа која не зависи од парите, од статусот, од спектаклот. Тој го реши најтешкиот милениумски проблем во математиката и потоа јасно покажува нешто што нашата цивилизација одамна сака да го сокрие: генијалноста не е спектакл. Таа е осаменост, труд, дисциплина и упорност што не се продава.
Алгоритмот на Перелман нема практична примена за масовните нагони. И токму тоа ја разобличува плиткоста на современата идеја за „корисност“. Неговото решение не генерира ниту пари, ниту моќ, ниту спектакл, туку знаење. А тоа е најмалку вреднуваната валута на нашето време.
Да беше Макијавели жив, сигурно би бил збунет: денешната власт управува преку страв и илузија, преку спектакл, но и преку огледало. Се работи за метафоричко огледало што им го покажува на луѓето сликата од самите себе, внимателно обликувана според интересите на елитите. Народот мисли дека избира, дека ја користи својата слобода и дека ги остварува своите желби и интереси, но всушност гледа само конструирана реплика на тие желби кои се во интерес на елитата. Огледалото ја замаглува границата помеѓу слободата и манипулацијата, па изборот и самосвеста стануваат илузија.
Денес народот верува дека владее, а всушност е воден и преку сопствениот страв, и преку внимателно создадени желби и личен интерес што му се сервираат како слобода. Западната демократија се претвори во шоу-простор, каде гласот на мнозинството е полесно манипулиран од кога било, бидејќи суетата е индустриски произведена, внимателно одржувана и длабоко интегрирана во секојдневниот живот.
И токму во таа цивилизација на спектакл и контролирани желби, Перелман се појавува како модерен Диоген. Слободен од пазарот, од публицитетот, од јавните очекувања, тој одбива да биде експонат во медиумска зоолошка градина. Одбива да им се допадне на оние што не го разбираат. Одбива да ја игра играта во која богатството е доказ за вредност.
На цивилизација која вреска дека „сѐ е на продажба“, човекот што одбива милион долари звучи како богохулење. Но токму во таа непокорност се гледа вистината: Перелман не го одби милионот; го одби системот што мисли дека сѐ може да се купи. Зошто би земал пари, кога веќе го има она што парите не можат да го понудат — потполн мир, ум што функционира без компромис и личен свет богат со идеи.
Западот ја изгради својата империја врз човечката слабост, а мојот идол Перелман ја изгради својата врз човечката сила. Западот го обожува спектаклот; Перелман ја избра тишината. Западот нуди благосостојба; Перелман нуди смисла.
Приказната за него не е само приказна за математиката, туку и за цивилизацијата. Не за Поенкареовата хипотеза, туку за нашата. Не за милионот долари, туку за цената на човечката душа. И последната реченица што Перелман им ја кажа на новинарите звучи како пресуда за нашето време: „Знам како функционира универзумот. Кажете ми, зошто тогаш би трчал по милион долари?“
И така, додека светот трчи по милиони, по статуси и по слики на социјални мрежи, Перелман тивко собира печурки, чита книги и свири на виолина, смеејќи се на бескрајната глупост на спектаклот. Неговата аскетска победа над суетата не е драматична, нема шарени рефлектори и фаќање на камери, но е повеќе од каква било медала или милион долари. И можеби токму тука е тајната: додека сите ние се обидуваме да бидеме видливи, тој е видлив во вистинската смисла на зборот, посебно за оние што знаат да гледаат подалеку. За мене, како човек што исто така живее со книги и вложува труд на сцената, овие моменти на посветеност се форма на слобода и радост, различна, но сродна на неговата.
Проф д-р Јове Кекеновски











