Постои еден збор што секогаш ќе ги натера грчките националисти, десничарски или „левичарски“, да го изгубат трпението и да истурат купишта клетви против „непоткупливоста на скопјаните“, збор − динамит што постојано предизвикува експлозии: Илинден!
Гордо востание
Но, што е толку непоткупливо во зборот Илинден? Прво, со Илинден на македонски се означува денот на Св. Пророк Илија и е референца за востанието на 2 Август 1903 година, на празникот на светецот.
Причината зошто грчкиот национализам беснее при слушањето на овој збор е двојна.
Прво, Илинденското востание е една од најбрилијантните револуционерни страници на целата балканска историја и генезата на македонскиот народ: три недели, илјадници македонски бунтовни селани ги држеа соборени отоманските власти на поголемиот дел од површината на Македонија, принудувајќи ги беговите и земјопоседниците панично да бегаат и да се кријат за да спасат жива глава. Побунетите селани воспоставиле краткотрајна Република предводена од учителот Никола Карев. Востанието било толку масовно што било невозможно неговите противници да го негираат.
Во порака до својот татко, на 25 јули според новиот календар, а на 7 август по стариот, грчкиот националист Јон Драгумис напишал дека: „имаме словенска револуција во Македонија… Сите словенски говорни популации го следеле комитетот, православни и расколнички, а повеќето од нив доброволно“ и дека револуционерите ги окупирале градовите и селата населени со влашко и со албанско население, како што се Крушево, Писодери и Нимфео (Невеска).
Вооружените востаници воопшто не сакале да му се одмаздуваат на локалното муслиманско население, кое исто така се состоело од сиромашни земјоделци. Напротив, востаниците се обиделе да ги придобијат сиромашните муслимани на своја страна или барем да не ги свртат кон османлиската власт.
Идеите што доминирале во развојот на востанието имале повеќе врска со социјалната еманципација, а во никој случај со националната и религиозната омраза. Илинденското востание и неговото ширење во многу голема мера покажаа дека угнетените и експлоатираните селани со различни јазици, совест и религиозни верувања можат да се обединат против своите угнетувачи и да ја оспорат нивната моќ на рамноправна основа.
Брутална репресија
Но, Илинден ги згрозува грчките националисти од друга причина: Грчката држава од самиот почеток имаше непријателски став кон востанието во Македонија. Ова непријателство не беше само дипломатско по природа.
Агентот на грчката држава и организаторот на првите грчки банди „Македонски борци“ во 1903 година во Македонија, епископот костурски Германос Каравангелис, во своите мемоари опишува како самиот го прославил задушувањето на Илинденското востание со разрушување на бугарската гимназија во Костур, а потоа и со убивање на прогонуваните револуционери: „Но сега, по бугарската револуција, го искористив гневот на Турците, влегов во гимназијата и уништив сè што најдов. Мебел, прибор, бироа, наставни инструменти, мапи, книги, икони на егзархот Јосиф. Уништувањето беше толкаво што оттогаш ова училиште никогаш повторно не се отвори. Потоа ги запаливме сите училишта во селата.
Го убивме и генералниот директор на Костурско-Леринскиот округ, Лазо Поп Трајков… Тој отишол некаде на планина за да се лекува. Но, на планината, тројца од селото Желево го пронашле (Желево беше словенско село во Леринско од каде што Германос Каравангелис регрутираше вооружени платеници во име на грчкиот конзулат), му ја отсекоа главата и ја донесоа во Митрополијатата…“.
Настаните што ги учевме од грчките учебници како „Македонска борба“ всушност биле жестока потера по четите на „комитите“ (т.е. оние организирани во револуционерни комитети) од страна на османлиската војска. Во оваа потера, Османлиите соработувале многу хармонично со вооружените платенички групи на грчкиот конзулат, засилени со грчки армиски офицери, како што се Павлос Мелас и Телос Аграс. Со други зборови, грчките „Македонски борци“ биле предавниците на времето кои соработувале со окупаторските сили против поробените македонски селани и нивните комитети.
Да дадеме еден пример: На 30 јули 1905 година (нов календар), одред од 100 вооружени луѓе од грчкиот конзулат предводен од критскиот доброволец Каравитис влегол во селото Кладораби (денешен Кладорачи) во Леринско, бркајќи петмина македонски герилци. Вооружените мажи ги пребарале куќите, фатиле само двајца, уапсиле петнаесетмина други селани и ги однеле сретсело. Самиот Каравитис кажува што се случило потоа во своите мемоари:
– „Ефенди.“
– „Убијте ги сите!“ Му давам цврст нож, нож од Трикала, што го имав. Арапот го зеде ножот, го заврти во круг, потоа го бакна и ми го врати.
„Срамно е“, ми вели, „ваков нож да биде извалкан со крвта на овие луѓе, ама така сакаат“, и го зграпчи еден од мажите за коса, го удри во образот, како да удрил во штица. Бугаринот падна на земја, без да изговори ниту еден збор.
„Не биди толку глупав, ова не е начинот“, му велам. И ги замолив монастирците (жители на Битола) да им зададат по еден убод во левата страна и кој и да преживее, тој е виновен. На тој начин новите регрути да се стекнат со право да го добијат ножот в раце.“
Македонското прашање е „костурот во плакарот“ за злосторствата на грчката држава против многу прогонуваното македонско малцинство. Ова не се само настани што веќе поминале, бидејќи дури и денес буквално „ја зовриваат крвта“ со националистички митинзи во Солун и во Атина, со палење и давање глас на расистичката омраза.
Познавањето на македонското прашање и правилниот став кон него е одлучувачки показател за зрелоста на левицата и на пионерските борци на движењето. Бидејќи ниту една личност и ниту една општествена класа не може да се надмине себеси и да го промени светот, ако прво не се погледне во огледало и не каже: „Воздивни, воздивни и гази“.
Референцата за Илинден не е иредентизам. Илинден е и наша сопствена историја. Тој е дел од нашата интернационалистичка традиција и гордост, претчувство на Црвената Балканска Федерација, која еден ден ќе ги замени границите − рани на телото на Балканот.
Подготвил: Ицо Најдовски – Перин