понеделник, 8 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Грешките од кои што не учиме: Македонија, Кина и сенката на Тајван

Колкупати ќе ни се случува „Тајван“? Уште поважно е прашањето: зошто? Што лежи во заднината на ово намерно провокативно однесување кон НР Кина по прашање за кое веќе еднаш плативме висока политичка, па и безбедносна цена?

Да тргнеме од клучната 1999 година (за оние кои не биле родени или заборавиле). Тоа е времето кога како гром од ведро небо стаса веста дека Република Македонија го признала Тајван (т.н. Република Кина). Тоа е остров/земја која не само што не е призната како меѓународен актер со полн капацитет, ниту е блиску до ченство во ОН, туку е и експлицитно потврдена како интегрален дел на територијата и државноста на НР Кина, во рамки на политиката наречена „Една Кина“). Оваа заложба дваесетина години претходно ја потпишаа и САД и сите други држави со кои НР Кина има дипломатски односи. Вклучително и земјите на ЕУ! Како тоа една мала и слаба држава на Балканот се истрча како прле пред магаре и влезе во приказната позната како „милијардата на Циле“. Накусо, бидејќи ова не е место и простор за подлабока елаборација, група неодговорни политичари (од Демократска алтернатива, ДА) на своја рака, фактички без знаење на премиерот и претседателот Глигоров, наздравија со шампањско среде Тајпеи одлука да се признае суверенитетот и меѓународниот легитимитет на островот. Гледано од денешен аспект и користејќи модерна терминологија, тие се обидувале да бидат итри и да водат „трансакциска надворешна политика“ (Трамп можел вода да им носи). Ние вам формално признание, вие нам – пари. Чиста сметка – долга љубов. Така, професорот по меѓународно право и лидер на новата „трета опција“ Тупурковски и неговите гавази се обидоа да покажат дека се креативни и дека ќе ја извлечат Македонија од тешката економска и социјална криза. Тоа го сторија со кршење и на меѓународните норми и на договорот за заемно признавање со една од петте постојани членки на Советот за безбедност, која уште и нè призна под уставно име кога ни беше најтешко.

Македонија го погази зборот и потписот на највисоко ниво, буквално продавајќи се како на улица со црвени фенери (додуша, таа пракса продолжува и денес кога се нудиме или постапуваме под налог и за празни ветувања, па дури и име трампавме за шарени лажги и војнички шинел – но тоа е долга приказна и ќе ја оставиме за другпат). Од тој период се сеќавам на многу детали, но најтрогателниот е она обраќање пред медиумите на Глигоров (кому не му дозволија како претседател итно да се обрати пред Парламентот што е уставна можност): со солзи во очите, еден старец кој неколку години претходно преживеа атентат преколнуваше и предупредуваше! Не го послушаа. Милијардата им звучеше поопипливо од секој аргумент. НР Кина реагираше by the book, токму како што можеше да се очекува: прекин на дипломатските односи и вето во Советот за безбедност при гласањето за продолжување на мандатот на мировната мисија УНПРЕДЕП. Требаше да пукне во Македонија, па Борис Трајковски да пушта абери дека сака смирување. Кина прифати, но повторно потпишавме Коминике со кое се обврзуваме на почитување на политиката на „Една Кина“. Милијардата, се разбира никогаш не стаса, а ни признавањето не се официјализираше.

Оттогаш минуваа години во кои Македонија беше во лимбо, и без стратегија како да гради пријателства и негува односи со земјите во светот. Цената на конфликтот од 2001 беше голема, вклучително и на економски и социјален план. За разлика од нас, во тој период Кина правеше квантни скокови во решавањето на своите економски и социјални приоритети внатре, но и ја зацврстувањеше својата надворешната позиција.

За Груевски можеме да зборуваме (и сме зборувале) сенешто – но, ако нешто експлицитно треба да му се признае е свеста дека Македонија има национални интереси (и покрај сите грешки и гревови, мислам дека тој ја сака/ше Македонија и сакаше да ја види успешна). За нивно остварување, тој одлучи да се отвори кон светот кој веќе чекореше кон мултиполаризам. Дел од таа стратегија беше и приближувањето кон Кина. Тоа набргу ќе се поклопи и со зенитот на Иницијативата Појас и пат (2013) и односите меѓу двете земји бележеа нагорна линија. Се бараа начини за win-win соработка. Во тој период се потпишани најголем број билатерални договори и меморандуми за соработка. Куриозитетот, гледано од денешен аспект, е што на чело на македонската дипломатија се најде младиот Антонијо Милошоски, токму оној кој сега ја урива и води своја паралелна „политика“ – повторно со Тајван! Во рамки на проектот за блатералните односи меѓу Македонија и Кина, со колегите истражувачи направивме и критичка анализа на содржина на неговите говори и пораки од позиција на министер за надворешни работи и на пратеник (сега и потпретседател на Собранието). Резултатите покажуваат „биполарно нарушување“ на дипломатската позиција. Првиот конкретен чекор беше минатогодишната посета на Тајван на собир на некаква интерпарламентарна унија, што од кинеска страна беше видено како провокација. Неговиот одговор во медиумите беше: кинеската амбасада ми врши притисок, но ние сме независна земја и водиме сопствена надворешна политика. Нема тие да ни кажуваат со кого да соработуваме! Така си го погази и зборот и потписот на „политиката на Една Кина“. Деновиве, додека уште бев во Кина на две научни конференции, до мене стаса веста за посета на тајванска делегација во зградата на Собранието, што е продолжување на „независната политика“ од ланската година. Кинеската амбасада реагираше силно и брзо, а да биде иронијата поголема новата амбасадорка (за која чекавме 1,5 година) тукушто стаса и ги предаде акредитивните писма до претседателката и се сретна со премиерот и министерот Муцунски. Нејзините први чекори и пораки беа топли, пријателски и меки со подадена рака за соработка. За возврат доби жежок костен и беше доведена да одговори остро. Можеби Милошоски е вртикапа, но јас не би се обложила дека е ова самостоен чин на претставници на народот во Собранието. Ниту еден од нив не би се осмелил на ваков чекор да не дошло зелено светло (или можеби и барање) од Калето, од првата другарка на Силјановска-Давкова. И среде скандал, таа молчи – молчи како човек кој знае дека можеби има изборен легитимитет, но нема морален углед и авторитет дури ни кај оние кои ја предложија. Затоа си молчи и гледа Златно славејче. Некаде во истиов период потпретседателот на Владата Николоски, исто така, излетува со признание дека оваа Влада одбила кинески кредит без камата, ама затоа се задолживме кај Британците до гуша – и со високи камати!

Класично работење на сопствена штета, без компас, и без своја политика (видете само како гласаат во Генералното собрание на ОН)! Тешко е и да се објасни зошто. Освен ако во равенката не се вклучат западните господари. Нашата надводно надворешна политика е како од Министерството на смешните чекори од Монти Пајтон. Но, шегата настрана, оваа Кина од 2025 не е истата Кина од 1993 и од 1999. Ако има константа, таа е нивната црвена линија која се вика Тајван. Изборот на Кина помеѓу воздржаност и ставање вето во Советот за безбедност е огромна и треба да се проучи од надлежните и да се научи нешто. Овде не е место за тоа, ветото од 1999 година било со огромна тежина и порака. Порака која нашите не само што не ја сфатиле, туку и мислат дека САД ќе ги заштити. Ние, непотребно, иако лилипутанци во глобалните работи, се мешаме каде не ни е работа. Не знам дали станува збор за нечии „милијарди“ или за едноставно покажување вазалски однос, но работите не одат во наша полза. Ако владата и не сака поблиска соработка со Кина (на која ѝ припишуваат „малигни влијанија“ – можеби од страв да не се сетиме дека социјализмот функционира и е насочен кон обичниот човек и колективното добро), подобро е да биде дискретна и да не соработува отколку отворено да провоцира. Ем шуто, ем боде! Молам да каже некој официјален претставник од Илинденска или Водно кое добро го имаме ние ако ги нарушиме односите со Кина, а го добиеме Тајван за партнер?

Дали овде остана некој нормален и со елементарно познавање на дипломатија и меѓународна политика? Ова не е реторичко прашање, многу конкретно е за свет кој се наоѓа на вододелница, во еден од најдраматичните моменти на човековата историја.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ