понеделник, 14 јули 2025
Андреа Перишиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Граѓански протести на Балканот: гласници на промените или бунт што брзо стивнува

Ако нешто нè учи историјата на Балканот, тоа е дека ниту една власт не е вечна. Но, ни промената не е загарантирана. Таа мора да се избори, упорно, свесно и солидарно.

Во изминатата деценија сведочевме на бројни обиди на граѓаните да ја променат состојбата во своите држави, од Србија, преку Црна Гора и Македонија, па сè до Босна и Херцеговина. Од „1 od 5 miliona“ и „Srbija protiv nasilja“ во Србија, преку повеќемесечните протести во Црна Гора под слоганот „Odupri se“, „Litija“ и најновите протести „Kamo sjutra“, до собирите поради пожарот во дискотеката во Кочани во Македонија, се чини дека граѓаните сè почесто се обединуваат во борбата против корупцијата, неправдата и институционалната неспособност.

Но, што се случува по првиот бран на незадоволство? Кои промени навистина се остварени, а што останува во маглата на очекувањата?

Црна Гора: Хроника на (не)успехот на протестите

Црна Гора е земја на контрадикции кога станува збор за граѓанската свест.

Протестите „Odupri se – 97.000“, што се случија во 2019 година, беа граѓански одговор на системската корупција и заробеноста на институциите во државата. Непосреден повод за почетокот на протестите беше видео-снимка и сведоштво на бизнисменот Душко Кнежевиќ, во кое тој јавно изјави дека подолг период ја финансирал Демократската партија на социјалистите (ДПС) и нејзиниот тогашен претседател Милан Ѓукановиќ „на црно“, вклучувајќи и исплата од 97 илјади евра на поранешниот градоначалник на Подгорица, Славољуб Стијеповиќ, пред избори.

На видеото објавено од Кнежевиќ јасно се гледа предавањето на плик со пари, што предизвика голем гнев во јавноста, бидејќи тоа беше директен доказ за она за што многумина со години зборуваа – дека власта во Црна Гора се одржува преку нетранспарентно финансирање, злоупотреба на државни ресурси, партиско вработување и корупција.

Граѓаните се собраа под слоганот „Odupri se“, симболично додавајќи „97.000“ – како бројка на еврата од аферата, а скандалот стана познат и под името „Koverta“. Протестите ги организираа независни интелектуалци, активисти и дел од опозицијата, и собираа илјадници луѓе во Подгорица и други градови. Се бараше оставка од Ѓукановиќ и највисоките државни функционери, формирање техничка влада која би организирала фер избори, реформа на обвинителството и другите правосудни институции, како и борба против корупцијата и криминалот на највисоко ниво.

Протестите траеја неколку месеци, беа мирни, со јавни перформанси, прошетки, јавни говори и други форми на граѓанска непослушност.

Сепак, и покрај големиот одѕив и притисок, протестите „Odupri se“ со време згаснаа, што беше последица на недостаток на јасна стратегија за следните чекори, недоверба меѓу опозициските партии и активистите, обиди од одредени политички субјекти да ги преземат протестите, како и отсуство на конкретен институционален одговор и репресивно делување на режимот.

Професорката по филозофија Јасминка Милошевиќ вели дека движењето „Odupri se“ „во значителна мера придонесе за будење на граѓанската свест и храброст и го отвори патот за други настани кои доведоа до смена на долгогодишната власт“, иако, како што објаснува, „постоеле недостатоци во организацијата и меѓусебната доверба“. „Она што му недостигаше на ова движење беше потранспарентно управување со акциите и малку повеќе меѓусебна доверба. Недостасуваше вистински пленум, малку повеќе непосредна демократија во водењето на движењето и активностите“, вели таа.

И граѓанскиот активист Александар Драгиќевиќ истакнува дека тоа беше „момент кога граѓанската свест исплива и се обедини околу иста идеја – борба против корупцијата“. Тој нагласува дека „недостатокот на консензус во општеството како да се продолжи понатаму“ бил главната причина зошто протестите не довеле до подлабока промена на системот.

„Odupri se“ претставува важен преседан во современата историја на Црна Гора, бидејќи покажа дека во земјата постои критична маса граѓани подготвени на отпор, но истовремено ги оголи и слабостите на опозицијата, партискиот систем и неподготвеноста на институциите да одговорат на волјата на народот.

Дали нешто суштински се промени од тогаш во Црна Гора? Можеби најдобар доказ за тоа е фактот што токму неодамна, речиси шест години подоцна, аферата „Коверта“ доби судски епилог. Сите обвинети добија ослободителни пресуди.

По „Odupri se“ следуваа протестите познати како „Litije“ во Црна Гора, кои се случуваа кон крајот на 2019 и во текот на 2020 година. Тие беа поттикнати како реакција на одлуката на тогашната власт (предводена претежно од ДПС) да усвои нов Закон за слобода на вероисповед. Најголема полемика предизвика член од законот кој предвидуваше дека верските заедници мора да се регистрираат како сопственици на имотот што го користат, но со обврска да ја докажат сопственоста врз објектите и земјиштето – сè што не е запишано или не може да се докаже како сопственост, преминува во државна сопственост.

Ова особено ја погоди Српската православна црква (СПЦ), која во Црна Гора поседува најголем број храмови и манастири, вклучувајќи некои од најважните историски и културни споменици (како што се Острог, Цетињскиот манастир итн.). СПЦ го доживеа овој закон како обид за одземање на црковниот имот, удар врз идентитетот и верските слободи на православните верници, но и како поддршка за формирање на автокефалната Црногорска православна црква (ЦПЦ), која тогашните државни власти ја поддржуваа.

Литиите беа масовни, мирни прошетки и молитви што ги организираа епархиите на СПЦ низ цела Црна Гора, во речиси сите градови во државата. Протестите имаа духовен карактер, со икони, црковни песни и свештеници кои ги предводеа. Се одржуваа двапати неделно, со учество на десетици илјади граѓани.

Главните барања беа повлекување на Законот за слобода на вероисповед, заштита на светилиштата и имотот на СПЦ и верските слободи за православните верници. Тогашната власт (ДПС) остана на ставот дека законот нема да го повлече, но по парламентарните избори во 2020 година, кога по 30 години беше сменета власта на Ѓукановиќ, законот беше изменет и спорните членови поврзани со имотот беа укинати.

„Литиите“ многу брзо станаа нешто многу повеќе од верски протест. За многу граѓани тие претставуваа отпор кон власта на ДПС и нејзината контрола врз институциите, борба за право на идентитет, верско и национално изразување, но и мобилизација на народот кој дотогаш ретко се ангажирал политички на таков начин. Иако беа првенствено верско движење, нивната сила лежеше и во тоа што обединија различни слоеви на општеството, дури и граѓани кои не беа религиозни, но сметаа дека државата ја преминала црвената линија.

Така, „Литиите“, иако започнати како спор околу имотот на верските заедници, прераснаа во широк општествен и политички отпор кој придонесе за промената на власта во август 2020 година и остави длабока трага во современата црногорска историја.

Нов повод за масовно граѓанско собирање се појави на почетокот на оваа година, по масакрот на Цетиње што го изврши Александар Мариновиќ, при што загинаа 13 лица, меѓу кои и две деца. Овој настан претставува најсмртоносно масовно пукање во поновата историја на Црна Гора.

Владата на Црна Гора прогласи тридневна жалост, а претседателот Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спаиќ изразија длабоко жалење за трагедијата. Сепак, јавноста остро ја критикуваше реакцијата на надлежните органи, истакнувајќи бројни пропусти во безбедносниот сектор – на денот на нападот во Цетиње имало само девет полицајци на должност, а полицијата изгубила драгоцено време барајќи го напаѓачот на погрешна локација.

Она што дополнително го продлабочи шокот и гневот кај граѓаните е фактот дека ова е втор масовен злостор во Црна Гора за краток период, по масакрот кој исто така се случи во Цетиње, а кој го изврши Вук Бориловиќ во август 2022 година. Тој уби 10 лица, меѓу кои и две деца.

Сето ова беше повод за организирање на протестот „Kamo sjutra“, кој многумина го доживеаја како крик против нормализацијата на насилството и неспособноста на институциите да делуваат превентивно.

Граѓаните очекуваа брза и одговорна реакција од државниот апарат, пред сè од Министерството за внатрешни работи и надлежните безбедносни служби. Наместо тоа, перцепцијата во јавноста беше дека властите покажале неодговорност и нетранспарентност.

Протестите „Kamo sjutra“ беа иницирани од страна на студентите, а многу брзо им се приклучија и граѓански активисти, поединечни невладини организации и интелектуалци. Главните барања на протестите беа: оставка од министерот за внатрешни работи, одговорност на вицепремиерот задолжен за безбедност, отворена истрага за пропустите на институциите, деполитизација на безбедносните служби и воспоставување одговорен и професионален безбедносен систем.

Власта ги оцени протестите како политички мотивирани и како обид за дестабилизација на државата, додека опозицијата (претежно ДПС na Ѓукановиќ), иако првично ги поддржа протестите, со време почна да ги користи за сопствена промоција, што предизвика незадоволство. Протестите брзо се изгаснаа, бидејќи граѓаните ja изгубија довербата – не само во власта, туку и во можноста за вистинска промена преку протести. Наместо пошироко граѓанско обединување, дојде до поларизација, манипулација и пад на енергијата.

Активистот Драгиќевиќ истакнува дека во овој случај „власта ја искористи целата своја пропагандна машинерија за да фрли дамка врз студентите како организатори на протестите, додека опозицијата, која сакаше да профитира од нив, ги присвои и на крајот направи огромна штета“.

Професорката Милошевиќ ги спореди овие протести со актуелните студентски протести во Србија. „Она што се случува во Србија е енциклопедиски пример за граѓанска непослушност и непосредна демократија на дело. Иако низ светот моментално има повеќе слични будења, ова е специфично на повеќе начини. Прво, сè започна од студентите – тие се посебно ранлива, но и освестена општествена група. Второ, многу добро ги контекстуализираа принципите на граѓански отпор, што е најголем проблем на многу други протести. Трето, конечно се излезе од дискурсот на војните од деведесеттите. Мислам дека слабата контекстуализација доведе до слабеење на сличното движење во Црна Гора. Кај нас, студентите не ги идентификуваа добро клучните проблеми во нашето општество“, смета таа.

Србија, Македонија, БиХИсти причини, слични обрасци

Студентските протести во Србија, кои започнаа по трагедијата во Нови Сад, каде што поради уривање на настрешница пред Железничката станица загинаа 16 лица, прераснаа во голем општествен бунт против корупцијата и автократскиот систем на Александар Вучиќ. Студентите покренаа лавина на отпор што се шири низ цела Србија, но таа енергија, се чини, денес се чувствува низ целиот Балкан. Реакцијата на власта беше репресивна – следеа апсења, претепувања, медиумска контрола. Опозицијата, исто како и во Црна Гора, се обиде да се приклучи, но студентите останаа на ставот дека не сакаат нејзино мешање.

Драгиќевиќ истакнува дека многу добро се виде како завршија протестите „Kamo sjutra“ во Црна Гора, и подеднакво јасно се гледа што сега прави Вучиќевиот режим со студентите и граѓаните кои ги организираат протестите во Србија. „Имаме политичка опозиција која е секогаш слаба, затоа што сите режими на Балканот се трудат да ја сведат опозицијата на таква што ним им е прифатлива. Денес гледаме дека ниту опозицијата нема доволна политичка моќ да предизвика вонредни парламентарни избори, ниту може да им понуди на граѓаните нешто ново и поинакво од она што веќе го нудат тие што се на власт. Ако го погледнеме бранот на незадоволство во Србија, ако ги погледнеме паролите, акциите – иако е помал, можеме да го споредиме овој бран на протести со протестите „Одупри се“ во Црна Гора, кога граѓанската свест исплива и се обедини околу иста идеја. Во Црна Гора тоа беше корупцијата. Во Србија тоа е падот на настрешницата во Нови Сад, зад кој исто така стои корупција. Во Северна Македонија тоа се протестите поради пожарот во дискотеката во Кочани – зад кој исто така стои корупција. Значи, граѓаните се обединуваат да кажат не на корупцијата, но и на корумпираните режими и системи“, вели Драгиќевиќ.

И во Македонија атмосферата е слична. По катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени, граѓаните излегоа на улиците, укажувајќи на корупцијата и негрижата на институциите. Истрагата откри сериозни безбедносни пропусти во објектот. Клубот работел без важечка дозвола, инспекцијата утврдила дека лиценцата била фалсификувана, немало противпожарен систем, доволен број апарати за гаснење, ниту излезни врати за евакуација. Истрагата сè уште трае, а јавноста бара одговорност и правда за жртвите.

Во Босна и Херцеговина, протестите почесто имаат локален карактер, од работнички штрајкови до иницијативи за чист воздух или против загадување на реките. Во земја длабоко поделена по етнички линии, тешко е да се создаде единствен граѓански фронт. Сепак, активизмот постои, особено во помалите заедници и меѓу младите.

Граѓанската свест на Балканот има долга традиција, само што погрешно го разбираме нејзиниот поим

„Граѓанската свест на Балканот има долга традиција, само што ние погрешно го толкуваме нејзиното значење. Балканот е специфичен – свеста и независноста што ја носи граѓанската свест, овде почесто се среќаваат кај земјоделците и сточарите, отколку во градовите. Тоа особено важи за Црна Гора“, посочува професорката Милошевиќ.

Таа наведува дека луѓето во градовите многу повеќе се под влијание на одредени интересни групи, пред сè – партиите. „Нашите партии не се демократски, не се оддалечиле ни за педа од партијата што постоеше во еднопартискиот систем. Тоа значи дека членството во одредена партија носи привилегии – полесно се наоѓа работа, и се напредува на општествената скала. Странското влијание е исто така силно. Во таква средина нема демократија. Дури и кога некои партии покажуваат отстапување од таквото однесување, или брзо исчезнуваат од политичката сцена, или почнуваат да прават компромиси за да преживеат. Во градовите има најмалку граѓани – ама затоа има најмногу малограѓани“, вели таа.

И Драгиќевиќ смета дека „граѓанската свест на Балканот никогаш не била целосно „заспиена“. „Секогаш сме имале активни иницијативи, протести – големи и мали. Но во изминатите 25 до 30 години, од Балканот заминаа над 20% од младите луѓе – во некои земји и до 25%. Со тоа ја изгубивме основата на тие протести, најпродуктивните луѓе, кои едноставно си заминаа од нашите држави. Сепак, гледаме дека доаѓаат нови генерации. Протестите во Србија се најдобар пример, како и обидите за протести во Црна Гора и протестите во Македонија.“

Потоа, објаснува Драгиќевиќ, доаѓа ситуацијата во која сега се наоѓа Црна Гора. „Денес, во Црна Гора е многу тешко да се организираат големи протести, освен ако не станува збор за локална иницијатива. Општограѓански протест што би собрал 10, 20 или 30 илјади луѓе е речиси невозможен, затоа што сите партии во Црна Гора биле на власт во некој момент, ниедна не се покажа како добра, и сите се обидуваат да присвојат или да се приклучат на одредени протести.“

Што понатаму?

Филозофи како Иммануел Кант сметале дека излезот од „малолетството“ е можен само ако поединецот го користи сопствениот разум. Политичката теоретичарка Хана Арент предупредувала на опасноста од пасивност и конформизам, додека бразилскиот филозоф Пауло Фреире ја нагласувал важноста на образованието како најсилна алатка за еманципација.

Сите овие идеи сè уште се актуелни во нашите општества, во кои, како што вели Милошевиќ, врзаноста за минатото е еден од најголемите проблеми. „Образовните системи ни се слаби, духовно заостануваме речиси цел век. Нема ниту оптимизам, ниту енергија за промена без вистинско образование кое служи за изградба на слободна личност, но и слободно општество. Не сум голем оптимист, но дејствувам во рамки на она што можам. Кога секој би постапувал така, ќе излезевме од оваа замка во која сме заглавени повеќе од 30 години. Не знаеме да прифатиме одговорност.“

Граѓанската свест не е природно дадена, таа се гради

Простор за дејствување постои. Локалните перформанси, граѓанските иницијативи, медиумските притисоци и културниот ангажман можат да ја одржат свеста будна. Граѓанската храброст не е резервирана само за улиците на главните градови. Таа може да се роди и во село, во училиште, во соседството.

Граѓанските протести на Балканот покажуваат дека постои желба за промена, но исто така откриваат колку се тие процеси кревки.

За граѓанската свест да преживее и да еволуира, потребна е синергија меѓу активизмот, образованието, уметноста, локалните заедници и политичката одговорност. Во спротивно, ризикуваме постојано да се враќаме на почетокот. Ако нешто нè учи историјата на Балканот, тоа е дека ниту една власт не е вечна. Но, ни промената не е загарантирана. Таа мора да се избори, упорно, свесно и солидарно.

Aндреа Перишиќ

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Љубомир Николовски

НБА глобална експанзија

Сашо Маневски

„Возвишените“ ЕУ вредности

Бранко Саркањац

Што го прави денес Македонецот Македонец?

Луси Ректорова

Пропаганда за мајчинство: руската забрана за луѓето кои не сакаат деца...

Жанета Ќосе

Како либералите ни го „избришаа“ јазикот и идентитетот и зошто ВМРО...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ