Изгледа, демократијата кај нас зависи од бројот на оние што решиле да станат од кревет и да заокружат некој број.
Во Гостивар недостасуваа само дваесетина гласачи, дваесет луѓе од град што брои десетици илјади. Иронично, колку луѓе секојдневно чекаат ред пред некоја банка или бурекџилница. Ама не и пред избирачко место.
Законот е јасен: изборот е валиден само ако излезат најмалку една третина од запишаните гласачи. Но кој е тој „еден трет“, кога третината на народот одамна е во странство?
На терен, списоците беа полни со имиња на луѓе кои со години живеат во Германија, Швајцарија, Италија…
Гостивар и целиот Полошки регион одамна ги делат своите жители со дијаспората.
Излезноста не е мала само затоа што граѓаните се апатични и разочарани, туку и затоа што многу од нив едноставно не се тука.
А потоа државата ладно ќе рече: „нема цензус“, како да е тоа само бројка, а не болка на цел регион што одамна се празни.
Проблемот е системски. Државата инсистира да брои „духови“ во избирачкиот список.
И така, демократијата се претвора во аритметика на невозможноста.
Но дали некогаш навистина сме се запрашале што навистина недостасува? Не недостигаа тие дваесет гласа. Недостигаа верба, доверба и присутност. Недостигаа луѓето што треба да бидат тука, но не се. Недостигаа политичари што ќе разберат дека празнината на гласачките кутии не е мрзеливост, туку мирен, тивок и длабоко искрен протест на еден уморен народ.
Изборите ќе се повторат. Истите луѓе, истите кутии, можеби неколку повеќе излезени, доволно за да се надмине 33,33 %.
Но, суштината нема да се смени. Ќе се избере градоначалник со гласови на малцинство, додека мнозинството живее илјадници километри далеку.
Да, демократијата бара цензус. Ама кога цензусот станува бариера за легитимност,
можеби треба да се запрашаме дали е време да го ревидираме?
Во земја каде половина млад свет е во странство, барањето 33 % излезност е како да бараш сенка под зимско сонце.
Гостивар не падна на демократија, туку демократијата падна во Гостивар.
Затоа што таму каде што нема луѓе, нема ни цензус. А таму каде што нема надеж, нема ни глас.
И така, остана градот да чека нови избори. Можеби ќе излезат повеќе луѓе, можеби ќе се пребројат повеќе ливчиња. Но сè додека избирачките списоци живеат во 2010, а народот во 2025, секој цензус ќе биде мит, а секоја гласачка кутија-полупразна симболика.
Даница Среткоска












