понеделник, 8 декември 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Глави и безглави

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Кога едно жешко летно утро граѓанинот Шљупков тргна да пазарува, со себе го зеде сламениот шешир; главата, меѓутоа, ја беше заборавил дома. Граѓанинот Шљупков си испазарува сè што му треба: јабучар (кој и не беше баш јабучар), краставици, кромид, сиренце, јајца, лепче… Попатно, секако, ги поздрави комшиите (впрочем, некои ги поздрави, други ги опцу, секому според заслугите!), по што следеше дискусија за геополитика, педантно испеглана по сите рабови, како пензионерска кошула во недела. Сите пензионери, јадрото на пазарната економија и либералниот партиски плурализам во Апсурдистан, уредно си ги носеа своите шешири, качкети, паметни телефони, торби, очила, весници… со себе, меѓутоа, главите недостигаа. Па сепак, сите непречено си купуваа сè што им требаше, матеа… ова… бистреа политика, се р`чкаа и нечкаа, плаќаа сметки во банки и со најголема грижливост ги подредуваа во врзопчиња со ревносност на древни асирски библиотекари, така што кога ќе ги наредеа, овие сметки за струја, вода и што уште не личеа дека се пострашни, поважни и поепски од сумерскиот „Гилгамеш“ и Хомеровата „Илијада“ заедно – додека зад нив половина Апсурдистан чекаше ред…

Граѓанинот Шљупков си дојде дома, си здроби мезе, ракиичка… И си легна да спие. Следниот ден повторно тргна на пазар со сламениот шешир, а главата, која во меѓувреме сосема ја беше заборавил, си остана да чмае, дали на некој кауч, дали над машината за перење, дали во неа… впрочем, граѓанинот Шљупков веќе целосно заборави на својата глава. И не беше само тој, ниту, пак, само пензионерите; сите граѓани на Апсурдистан си ја тераа живеачката (ако така може да се каже) – без глава: плаќаа кирии, рати, сметки, на лето одеа на одмор на југ, а во остатокот од времето се преправаа дека се од север, си ги реновираа и прошируваа станчињата, киснеа во партиски штабови и кладилници, си ги вадеа очите еден на друг (за што беа особено вешти, и покрај тоа што немаа глави!), па сепак, ги почитуваа законите (и покрај тоа што законите воопшто не ги почитуваа нив) – освен на кривини. И така, во Апсурдистан навидум немаше ништо чудно – напротив, Апсурдистан совршено се вклопуваше во западниот либерален свет кој уште на времето еден прочуен апсурдистански револуционер го дефинирал како поле за не баш културен натпревар помеѓу паметните телефони и нивните глупави корисници.

И сè ќе си врвеше како под конец во Апсурдистан, доколку до Метафизичката управа не допреше глас дека во Апсурдистан, ете, граѓаните граѓанисуваат без глави. Бидејќи во главата е умот, а умот е трансцендентален, такво нешто за Метафизичката управа беше недопустлив злостор! Така, Управата ја прати метафизичката полиција за да утврди и истражи каде се главите на Апсурдистанците и што се крие зад целата таа работа. Полицијата, меѓутоа, никаде не можеше да ги пронајде главите на Апсурдистанците, ниту, пак, можеше да утврди како овие, ете, си тераат некако и без глава! Очигледно, и на Апсурдистанците им одеше добро без нивните глави штом тераат така, но и на главите им одеше добро без нивните Апсурдистанци, штом си траат и нигде не се покажуваат! Бидејќи овој случај сериозно го загрозуваше самото постоење на Метафизичката управа, Управата реши да го затвори и заташка случајот. Исто како што веќе пред тоа го имаше заташкано случајот, дека впрочем и целиот свет, каде Сонцето уредно изгрева на Запад, а заоѓа каде и кога ќе му речат од некоја комисија, па според тоа и овој свет се вика Западен, ете, си тера некако веќе со столетија – без глава!

А што се случило навистина со сите овие глави? За тоа, секако, имаше само гласини. Некои велеа дека сето ова почнало уште многу одамна, кога главите, бесни од тоа што нивните сопственици не им ја оддавале почитта и вниманието што овие мислеле дека ја заслужуваат, ја оформиле Метафизичката управа (кои некои ја викаа и цивилизација) за да им се одмаздат, па, ете, оттогаш па натаму ги тормозат со сè некои бесмислени прописи, правила, премиси, дискурси, конкурси, тендери, џандари, џендери… Други го велеа токму спротивното: дека Метафичката управа е заговор на безглавите, а главите, гледајќи дека времињата се опасни, избегале и се скриле, чекајќи погоден момент да ги нападнат безглавите. Трети, пак, едноставно, не велеа ништо, туку само си тераа…

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ