среда, 9 април 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Геоекономската дилема: глобализација à la Си или изолационизам à la Трамп?

Роберт Каган еднаш напиша дека Америка и Европа се како две различни планети, обликувани од фундаментално различни вредносни системи и политички култури.

Во неговата метафора, САД потекнуваат од Марс, додека Европа е од Венера. Европа го ја прифати оваа критика и почна да се усогласува со милитаристичкиот парадигма на моќниот сојузник. Нормативната наметка на меката моќ не беше целосно отфрлена – особено кога стануваше збор за промовирање на т.н. „европски вредности“ во соседството, на кое и натаму му се ветува интегрирање и подобро утре.

Маските паднаа. Европа сè повеќе се обидува да ја ослободи својата слика на убавина, мир и мудрост. Таа го ослободи духот на колонијализмот од шишето и тргна кон сопствено економско самоубиство. Сѐ повеќе гледа непријатели насекаде – како внатре, така и надвор од своите граници – и шири клима на воена параноја меѓу своето население под изговор на заштита од секакви закани за безбедноста.

Додека политичкиот Запад се труди да најде баланс во она што често личи на дисфункционален брак – кој сега изгледа како да се движи кон неизбежен развод – на другата страна на светот се одвиваат настани кои донесоа оптимизам и верба во алтернативи. Кина започна со изградбата на позитивен мир (во Галтунгова смисла на благосостојба, прогрес и еманципација), и успеа во искоренување на екстремната сиромаштија, култивирање на стабилна средна класа и постигнување на невиден економски напредок. Кога се поставуваат темелите на позитивен мир на домашен план, не изненадува што таквата филозофија се рефлектира и на надворешен план. Во согласност со принципите на Повелбата на ООН – а водена од сопствената историска мудрост – Кина се отвори за светот и ја прегрна глобализацијата како предуслов за изградба на мостови на соработка. Тоа го направи без да наметнува политички услови или да се меша во внатрешните работи на другите нации.

Како никогаш порано, во последниве денови, сме сведоци на длабокиот цивилизациски расцеп меѓу САД и Кина (за сега, Европа ќе се бори со своите демони и празното посакување да стане глобален актер). Од враќањето на Трамп во Белата куќа, не беше тешко да се предвиди дека ќе се случи голем раскол на повеќе фронтови – како кога слон влегува во продавница за порцелан. Прекршувањето на основните норми на пристојност, меѓународниот хуманитаризам и основните политички и економски принципи е евидентно – и тешко за гледање.

По извесно време на размислување, и со традиционалната трпеливост и спокојство на искусен шахист и мудрец, Пекинг го предвиде потегот на Трамп, најавен како „Ден на ослободување“. Додека светот го чекаше повторното отворање на циркускиот шатор во познатата Градина на розите (каква иронија) во Белата куќа, во Пекинг се одржа инаков состанок. На 28 март, највисокото кинеско раководство, предводено од претседателот Си Џинпинг, се сретна со извршните директори на повеќе од 40 глобални корпорации. Пораките кои беа испратени ги одразуваат духот на кинеската политичка филозофија: ние не ги делиме државите/нациите/субјектите на пријатели и непријатели, туку на пријатели и потенцијални пријатели. Во обраќањето, претседателот Си всушност порача дека Кина останува отворена врата за светскиот бизнис. Накусо, Кина се позиционира како оаза на глобализација и стабилни економски односи и подава рака за соработка.

Претседателот Си не само што им оддаде признание на некои од најпознатите глобални корпорации за нивната долгогодишна соработка со Кина, туку и не заборави да каже дека отвореноста кон странскиот капитал ѝ помогна на земјата да се приклучи на глобалната економија, да го забрза развојот, да ја модернизира индустријата и да ја зголеми вработеноста. Според него, странските компании не само што имаат стекнато профит во својата соработка со Кина, туку и имаат и позитивен придонес за трансформацијата на земјата кон подобро. Кинеската политика на отвореност кон светот ќе продолжи со уште поголем интензитет – со подобрување на институционалните правила, либерализација на пазарот и фер третман за странските фирми. Кина нуди стабилен политички систем, безбедна средина, регулирани закони и огромен потрошувачки пазар – најголемата средна класа во светот. Во заклучокот, Си нагласи дека вербата во Кина значи верба во подобро утре, а инвестирањето во Кина е инвестирање во иднината.

Само неколку дена подоцна, на 2 април, се случи антиклимакс на другата страна на планетата. Американскиот претседател Трамп изведе перформанс од кој сè уште мнозина не можат да се опорават. Оно што е евидентно е дека, воведувајќи зголемени тарифи (царини) за сите земји во светот, тој виде (и создаде нови) непријатели, дури и меѓу сојузниците. Мерките беа објаснети како нужни поради „национална опасност“ (поради правни, а не безбедносни причини), но целиот говор (кој мнозина го оценија како соодветен за детска градинка, а не за претседател на воено најмоќната држава на светот) беше говор на самовиктимизација и желба за одмазда за наводно „брутализирање, силување и ограбување на добриот американски народ“ (ни збор за експлоатацијата, интервенциите, грабежот и желбата за анексија на туѓи земји). Економистите овие мерки ги толкуваат како пример на економски протекционизам – обид за заштита на домашната индустрија преку бариери за странска конкуренција. Но, и како бегање од вистината, во најмалку две суштински точки: прво, за американскиот трговски дефицит не се виновни другите држави, и второ, дури и евентуалните позитивни ефекти од војната на тарифите ќе ги почувствуваат најбогатите, а не најсиромашните слоеви на американското општество.

Не треба да си многу умен за да заклучиш дека овој потег (па и настап) на Трамп е дијаметрално спротивен на она што го промовира Си. Додека Кина испраќа порака на отвореност, соработка и меѓузависност, американската администрација ја затвора економијата, се изолира и создава непредвидливост на светските пазари. Кинескиот пристап се базира на концептот на взаемна корист и глобална поврзаност, додека Трамп ја засилува економската фрагментација и ризикува нарушување на глобалните синџири на снабдување.

Не требаше многу време за да лидерите на земјите погодени од тарифите ја сфатат ситуацијата како избор меѓу два модела: моделот на Си, кој вели „дојдете, соработувајте, инвестирајте, и заедно ќе напредуваме“; и моделот на Трамп, кој практично порачува „затворете се, штитете се, и борете се секој за себе“.

Во ваков контекст, Кина се обидува да се позиционира како предводник на глобалната стабилност и раст, додека САД играат на картата на изолационизам и национален приоритет. Настапот на Си само го потенцираше сигналот кој неговата земја одамна го испраќа: Кина е застапник на глобализацијата и создава услови за партнерски односи. Пораката е „Можете да инвестирате тука, ќе ви обезбедиме стабилност, инфраструктура, и пристап до огромен пазар.“ Во време на глобална нестабилност, Кина се обидува да биде „оаза на сигурност“ за капиталот, нудејќи долгорочна предвидливост и геоекономски интерес.

Од друга страна, САД се движи по траекторија на изолационизам и хегемонија во својата зона на интерес (без оглед на изјавите на Рубио за мултиполарен свет) и економски национализам. Воведувањето (во најмала рака, чудно пресметани) тарифи е директен удар врз основите на економската глобализација, но и на правилата на Светската трговска организација. Ова не е нова траекторија, бидејќи зачетоците ѝ беа во првиот мандат на Трамп, но таа сега се радикализира, односно доведува до апсурд. Наместо да биде двигател на глобалниот раст, САД дејствуваат како најголем глобален економски реметач.

Геополитичките импликации на кинеската и американската траекторија можат да се опишат како моќ преку поврзување и соработка наспроти моќ преку контрола и закани. Некои ќе речат дека кинеската „мека моќ“ се шири преку инфраструктура, трговија и инвестиции. Таа ја користи економијата како средство за „ширење на влијанието“, но без директна конфронтација. Кина гради глобална мрежа на меѓузависност, но настапува како пријателски инвеститор, особено во земјите од Глобалното мнозинство. Сега, по прогласувањето на Трамповата економска војна, таа станува атрактивна и за Глобалниот север, и најважно за земјите од нејзиното соседство.

Стратегијата на САД е таа на економски уцени, пазарења и мир преку сила (сето тоа во оревелијански стил). Нејзините економски алатки се како оружје (вепонизирани): санкции, царини, рестрикции. САД сѐ повеќе наликуваат на економски суверенист, кој го користи својот долар, пазар и влијание за да ја одржи геополитичката доминација. Но, истовремено, како да има одлепување од стварноста и когнитивна дисонанца која скапо ќе ги чини токму американските граѓани. Плутократската клика на власт е онаа што го осиромаши американското општество за сметка на богатите, а сега со тарифите (кои ќе доведат до зголемени цени на производите) цената повторно ќе ја платат најсиромашните. Се чини, овој потег на Трамп е катализатор за падот на Империјата и дедоларизацијата на светско ниво.

Стратегиско прашање на денот гласи: кој ќе ја предводи пост-неолибералната глобализација? Ова е веќе свет на пост-неолиберализам (некои тврдат дека капитализмот е одамна мртов), а ако е сè уште актуелно прашањето дали глобализацијата ќе продолжи, тогаш уште поважно е кој и како ќе ја обликува. Дали ќе доминира инклузивна, поврзана глобализација со новите центри на моќ? Или, ќе превладее фрагментирана (де)глобализација меѓу неколку ривалски економски блокови?

Во моментов, Кина вели: „светот е доволно голем за сите.“ САД одговараат: „Или си со нас, или си против нас. Но, во секој случај, ќе плаќаш повисоки тарифи и/или купуваш наше оружје.“ Оваа разлика не е само економска – таа е цивилизациска, вредносна и стратешка. Од тоа како ќе се развие оваа динамика, ќе зависи иднината на глобалниот економски поредок.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Стефан Влахов Мицов

Што остана од нас, Македонците?

Александар Стојановски

Влијанието на Вселенската патријаршија врз светското православие

Јове Кекеновски

Фeноменот Томсон

Бранко Прља

Дали ВИ создава уметност или само бескорисен дигитален шум

Ристо Цицонков

Замена на мазут и нафта за греење на разни згради

Јове Кекеновски

Судирот меѓу централнолевичарските и десничарските политички сили во ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ