Палестина е признаена како независна држава од страна на 148 земји. Франција би била 149-та но и првата земја членка на Советот за безбедност на ООН (САД, Русија, Велика Британија, Франција и Кина) и прва земја членка на Г7 групата која би ја признала Палестина. Со надеж дека францускиот потег ќе охрабри и други земји, пред се од ЕУ, да го направат овој чекор, Франција се надева исто така дека ова ќе натера некои муслимански земји да го признаат Израел или барем да дадат сигнали во таа насока.
Реакции од Израел и САД
Се разбира, веста предизвика лутина и осуда во Израел а и во САД. Американскиот претседател Доналд Трамп, сојузник на еврејската држава, изјави дека одлуката на неговиот француски колега нема „тежина“ и „нема да промени ништо“. Во Израел, премиерот Бенјамин Нетанјаху ја осуди „наградата за тероризмот“, осврнувајќи се на нападот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Франција се реши на овој чекор поради протестите и емоциите на граѓаните што ги предизвикуваат речиси двегодишните напади врз Газа. Поради израелското етничко чистење на Газа, секојдневното бомбардирање и блокирањето на храна и хуманитарна помош за граѓаните на Газа кои умираат од жед и од глад. Посебно децата.
Франција и повеќе други западни земји со месеци бараат од Израел прекин на оган но на овие зборови Тел Авив не реагира. Освен со својата пропаганда според која во Газа нема глад туку Хамас е тој што ја шверцува храната и е одговорен за ситуацијата. Организациите кои се на терен целосно ја демантираат оваа верзија на настаните.
Јасно е дека западните земји применуваат двојни аршини. Кога Русија ја нападна Украина веднаш беа воведени санкции против Москва а неодамна ЕУ донесе 18-ти пакет санцкии против Русија. Такво нешто не е на дневен ред на ЕУ за Израел.
Само пред две недели, земјите-членки не се согласија околу ниту една од опциите за санкции што ги предложи шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, а ЕК промовираше нов договор за помош со Израел.
Франција би сакала нејзиниот чекор да го следат Велика Британија и Германија. Британските власти исто така покажуваат знаци на попуштање пред огромниот бран протести за Газа. Но, Германија не мрда од својата позиција на поддршка на Израел.
Пред сé поради злосторствата на нацистите, официјален Берлин останува слеп за злосторствата на Израел во Газа. Но, исто така слеп за нарушување на меѓународното право што Израел отворено го крши.
Израел сака да го анектира Западниот Брег
Наместо да прогласи прекин на оган, израелското Собрание (Кнесет) изгласа припојување на Западниот Брег на Израел со цел да се тргне од дневен ред секаков проект за палестинска држава. Анексијата на Западниот Брег би можела да го оневозможи создавањето одржлива палестинска држава, што меѓународно се смета за најреалистичен начин за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.
Пратениците во Кнесетот гласаа со 71 глас против и 13 гласови за предлогот, необврзувачко гласање кое повикува на „примена на израелскиот суверенитет врз Јудеја, Самарија и Јорданската долина“ – израелскиот назив за областа. Во него се вели дека анексијата на Западниот Брег „ќе ја зајакне државата Израел, нејзината безбедност и ќе спречи какво било доведување во прашање на фундаменталното право на еврејскиот народ на мир и безбедност во својата татковина“.
Идејата првично беше изнесена минатата година од страна на крајно десничарскиот министер за финансии на Израел, Безалел Смотрич, кој самиот живее во нелегална израелска населба и има позиција во израелското Министерство за одбрана, каде што ја надгледува администрацијата на Западниот Брег и неговите населби.
Западниот Брег, заедно со Појасот Газа и Источен Ерусалим, е под израелска окупација од 1967 година. Оттогаш, израелските населби се проширија, и покрај тоа што се нелегални според меѓународното право а и според израелскиот закон.
Политичко решение е неопходно
Емануел Макрон е убеден, со право, дека е потребна политичка перспектива за решавање на конфликтот меѓу Израел и Хамас и дека прекинот на огнот (кој мора да се договори во рок од шеесет дена, според желбите на американскиот претседател) нема да биде доволен за враќање на стабилноста во регионот.
Ова признавање треба да доведе до реформи на палестинската власт, разоружување на Хамас и негово исклучување од секоја идна влада, како и осуда на тероризмот од страна на палестинската власт.
Додека Израел и некои политичари во Франција сметаат дека овој потег е во корист на Хамас, официјален Париз верува дека со ова ќе се стави крај на оваа терористичка група и ќе биде награда за сите што одлучиле да соработуваат со палестинската власт, како што се обврзува Махмуд Абас во писмото пратено до Макрон на 9 јуни. Во писмото тој се обрзува на осуда на нападот од 7 октомври 2023 година и ветува дека во 2026 година ќе има парламентарни и претседателски избори во Палестина.
Се разбира дека признавањето на Палестина од страна на Франција нема брзо да донесе мир, ниту прекин на оган. Одлуката е симболична но сите земји и народи кои се за решение на две држави на Блискиот Исток, ја поздравуваат.
Светлана Јовановска












