сабота, 6 декември 2025
Александар Грижев

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

Северна Македонија се движи во особено чувствителен период: евроатлантски интеграции, чести изборни процеси, комплексни регионални и глобални безбедносни предизвици. Во такви контексти, странските кампањи за влијание многу ретко доаѓаат „со знаме и потпис“. Тие влегуваат низ пукнатините во нашиот систем: недоверба, недоследност, недоразвиена култура на транспарентност.

Кога ќе се појави нова конспиративна „вест“, добар дел од јавноста ја гледа прво на социјални мрежи, не во официјални соопштенија. До моментот кога институциите ќе реагираат, наративот најчесто веќе е „обработен“: споделен, искоментиран, врамен во уште неколку теории за „вистинската позадина“ на настаните. Ова не е само проблем на Северна Македонија туку дел од пошироки трендови на странско мешање и манипулирање со информации (СММИ), односно организирани напори од надвор да се влијае на нашите ставови, избори и политички одлуки.

Она што е специфично за Северна Македонија е што свесност за ризиците постои, но одговорот останува фрагментиран. Тоа е главната порака од документот за јавна политика Институционален одговор на странско мешање и манипулирање со информации во Северна Македонија, изработен од Институтот за комуникациски студии. Наместо интегриран систем, имаме мозаик од добронамерни, но често изолирани иницијативи.

Што всушност е СММИ и зошто е проблем на системот, а не само на содржината?

Под странско мешање и манипулирање со информации не мислиме на секоја лага на интернет. Станува збор за координирани, често подолгорочни напори на странски актери (државни или недржавни) да влијаат врз јавниот дискурс со комбинирање неколку техники:

  • креирање или засилување дезинформации;
  • користење мрежи од лажни или координирани профили;
  • таргетирање чувствителни теми (идентитет, етнички, родови прашања, евроатлантски интеграции);
  • комбинирање на информациски напади со други хибридни инструменти (сајбер-напади, економски притисоци, дипломатско „врамување“).

Овој тип влијание не се решава само со бришење поединечни објави или со санкционирање на поединечни медиуми. Потребен е системски одговор кој ќе ги гледа ризиците „одозгора“, ќе ги спојува коцките од различни институции и ќе реагира навреме и кохерентно.

Како изгледа „фрагментиран систем“ во пракса?

Истражувањето зад документот за јавна политика покажа дека во Северна Македонија постојат бројни институции кои, секоја во свој домен, имаат допирни точки со СММИ: безбедносни служби, регулатори, тела, министерства, служби за односи со јавност. Сите, на некој начин, „фаќаат“ дел од проблемот. Но:

  • нема централизирано место каде што информациите за сомнителни случаи се собираат и се анализираат заеднички;
  • реакциите најчесто се ад-хок и зависни од иницијативата на поединечни актери;
  • стратегиите и акциските планови постојат на хартија, но не се доволно операционализирани низ јасни улоги, протоколи и индикатори;
  • Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница не ја врши во целост функцијата што му е доделена;
  • ограничени се човечките ресурси, алатките и буџетите на институциите за мониторинг, анализа и стратешка комуникација.

На сето ова се надоврзуваат ниското ниво на доверба во институциите и силната политичка поларизација. Кога институционалната комуникација е задоцнета, нејасна или недоследна, манипулативните наративи многу полесно „се лепат“ врз постојните сомнежи и фрустрации.

Интегриран систем не значи нова цензура, туку појасна координација

Лесно е дискусијата за СММИ да се претвори во страв од цензура. Но, она што го предлага документот е нешто друго: национален механизам за координација и отпорност, кој ќе обезбеди:

  • јасно дефинирани улоги (кој што прави, кога и како);
  • уредени протоколи за размена на информации помеѓу институциите;
  • системско следење на ризиците и заканите;
  • усогласена и транспарентна комуникација со јавноста.

Тоа не е „министерство за вистина“, туку начин државата да престане да реагира парцијално и задоцнето. Наместо да гледаме одделни обиди за „деманти“ или „разоткривање“ кои не се поврзани, интегрираниот систем би овозможил навремено, кохерентно и веродостојно објаснување поткрепено со факти и современи комуникациски алатки.

Зошто ни треба ова сега, а не „кога ќе имаме време“?

Северна Македонија се движи во особено чувствителен период: евроатлантски интеграции, чести изборни процеси, комплексни регионални и глобални безбедносни предизвици. Во такви контексти, странските кампањи за влијание многу ретко доаѓаат „со знаме и потпис“. Тие влегуваат низ пукнатините во нашиот систем: недоверба, недоследност, недоразвиена култура на транспарентност.

Интегрираниот систем за одговор на СММИ не е уште една бирократска конструкција, туку инвестирање во:

  • подобра заштита на демократските процеси, особено изборите;
  • заштита на јавниот медиумски простор од организирано, странско влијание;
  • зголемување на отпорноста на институциите, медиумите и граѓаните на манипулативни наративи;
  • враќање на довербата во институционалната комуникација, преку навремени, јасни и доследни пораки.

Следниот чекор: од документ до одлука

Документот за јавна политика не претендира да биде „последен збор“ за оваа тема. Тој е обид, врз основа на истражување, интервјуа и компаративни практики, да се понуди јасна рамка за дискусија: каков систем ни треба, кои модели се реални, кои се ризиците ако останеме на статус кво.

Следниот чекор не е нова хартија, туку политичка и институционална одлука:

  • да се избере модел;
  • да се постават јасни рокови;
  • да се обезбедат ресурси, транспарентност и отчетност.

Додека тоа не се случи, ќе продолжиме да живееме во ситуација во која странските манипулации со информации се развиваат брзо и координирано, а нашиот одговор останува бавен и фрагментиран.

Aлександар Грижев

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Димитар Љоровски Вамваковски

Костурчанецот што ги збуни и Атина и Софија: Анастас Јанков, Македонец...

Љубомир Николовски

Уметноста на неуспехот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ