петок, 23 јануари 2026

Форум во Давос: нема дискусии за климатски промени?!

Овие денови се одржува Светскиот економски форум во Давос (Швајцарија) на кој учествуваат близу 65 шефови на држави и влади и од кои шест се лидери на Г7, заедно со речиси 850 врвни извршни директори и претседатели на компании, многу научници, претставници на разни организации и други. Таму учествува и македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

Додека ја пишувам колумнава се случуваат бурни настани на форумот во Давос со голема динамика. Пред самиот почеток на собирот имаше многу напната атмосфера бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека ќе го преземат Гренланд ако треба и со воена сила. Се закани повторно со воведување високи царински стапки кон земјите на ЕУ кои се противат на намерите на САД за Гренланд. Можеби тоа беше причината што политичките лидери на неколку големи европски земји (Франција, Германија и други) да го напуштат собирот два дена по почетокот, односно пред пристигнувањето на Трамп. Но на третиот ден Трамп ја смени реториката дека нема да употреби сила, туку ќе води преговори за Гренланд. Наводно постигната е согласност за изградба на т.н. „златна купола“ што претставува антиракетен штит на дел од Арктикот од страна на САД и некои НАТО земји.

Треба да се напомне дека, по иницијатива на Доналд Трамп, на форумот е формиран „Одбор за мир“ за што е потребна поширока политичка елаборација бидејќи со тоа драстично ќе се менува светскиот поредок во однос на политиката, економијата, безбедноста и друго.

Познато е дека САД се повлекоа од Парискиот договор за климатски промени, а Доналд Трамп ги нарече дека тие се една голема измама. Уште повеќе, тој ја стимулира употребата на фосилни горива за да се зголеми економскиот развој на неговата земја. Организаторот на форумот примени тактика која ја зема предвид политичката чувствителност на Доналд Трамп на климатските промени. Сè што директно се заканува да ја намали употребата на фосилни горива е потенцијална провокација за американскиот претседател. Однапред е планирано на сесиите на форумот темите за штетите и намалувањето на климатските промени да бидат многу помалку застапени отколку во претходните години.

Ме чуди односот на лидерите на земјите членки на ЕУ. Тие категорично беа против заземањето на Гренланд од страна на САД, но бараа постигнување на компромис за заедничка одбрана на островот од трети сили (Русија и Кина). Во тој правец се договара изградба на т.н. „златна купола“. Но ЕУ не гукна ни збор за односот на САД кон климатските промени и за нивното интензивирање на примената на фосилни горива. Причината е јасна: се плашат од воведување на повисоки царински стапки што Трамп многу често го користи тоа како оружје за спроведување на интересите на својата земја.

Темата за климатските промени е постојано актуелна во цел свет, а ако малку се подзаборави, екстремните временски непогоди веднаш потсетуваат. Пред неколку месеци имаше големи горештини, а потоа и силни урагани со поплави во југоисточна Азија. Пред две недели во Австралија, а пред една недела во Аргентина имаше големи горештини и шумски пожари на илјадници хектари. Во Јужна Европа има интензивни врнежи и поплави, слично време се очекува во делови од САД. Но најмногу страдаат сиромашните земји кои имаат најмали емисии на стакленички гасови.

Веќе 35 години во координација со Обединетите Нации (ОН) и во национални рамки сите земји во светот преземаат мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови. Секоја година има климатски самит во организација на ОН, се изработуваат документи со евиденција на емисиите и планови за нивно намалување, мерки за адаптација итн. Во тој поглед межеби најнапредна е Европската Унија која планира да биде климатски неутрална до 2050 година, а и сите земји во светот работат на воведување / користење на обновливи извори на енергија што денес ја нарекуваме зелена транзиција.

Но САД го рушат овој „зелен бран“, а тоа го користат земјите богати со нафта и гас и големите корисници: САД, Саудиска Арабија, Русија, Кина, Иран, ОАЕ и Индија. Тука треба да се спомнат и големите мултинационални компании. Според пишувањето на „Гардијан“, кое го пренесува интернет порталот МКД.МК, половина од глобалните емисии на јаглерод диоксид кои ја поттикнаа климатската криза во 2024 година доаѓаат од само 32 компании за фосилни горива. Најголеми загадувач под државна контрола бил „Сауди Арамко“, додека во категоријата компании во сопственост на инвеститори бил „Ексон Мобил“.

Според истражувањата на илјадници научници кои работат на климатските промени, ако глобалното затоплување ја премине границата од 2оС во споредба со прединдустрискиот период (1850 г.), планетата Земја ќе има големи неповратни штети, а можно е огромно оштетување до уништување. Моментално прагот од 1,5оС е достигнат и без драстични мерки релативно бргу ќе се приближиме до 2оС.

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ