Бидејќи целата неолиберална економија беше во фаза на деформи… ова… на реформи, со цел подобрување на кондицијата на трилијардерите… ова… на слободниот пазар, модерните држави (т.е. оние држави каде Сонцето изгреваше на Запад) воведоа серија мерки на штедење и кратење на непотребните буџетски трошоци. Секако, ништо не беше понепотребно отколку социјалната и здравствената заштита на тие паразити наречени граѓани и работници кои ги произведуваа трилијардите на трилијардерите, а сега – во името на неприкосновеното право и должност на Сонцето да изгрева на Запад и само на Запад, и да ги огрева трилијардерите и само трилијардерите – повеќе немаа право ни на трошките од тие трилијарди. Ова, во основа, беа главните карактеристики на најпрогресивниот систем кој цивилизацијата го беше измислила: либералната демократија. Затоа, Метафизичката управа, која беше должна да го штити Системот, ја воведе реформата со која сите граѓани се прогласуваат (или, како што тоа со модернизираната терминологија се викаше) се идентификуваат како мртви.
И така, еден ден на вратата на граѓанинот Шљупков заѕвони (поточно затропа, бидејќи ѕвончето веќе одамна не работеше кај граѓанинот Шљупков, единствено што работеше уште од акустичната апаратура за ѕвонење кај Шљупков беше ѕвонењето во ушите) поштарот. Носеше решение од Метафизичката управа, со кое граѓанинот Шљупков се прогласува за, (или како што тоа се вика во модернизираниот јазик на Управата, се идентификува како) – мртов.
– Потпишете овде! – рече поштарот, посочувајќи му на граѓанинот Шљупков еден розев лист, небаре требаше да потпише честитка за Денот на вљубените.
– Да потпишам? – се збуни граѓанинот Шљупков… – Но, но, како да потпишам дека сум мртов, кога сум жив?
– Тоа не е моја работа! – одбруси поштарот. – Потпиши!
– Ама како бре човече да ти потпишам дека сум мртов кога сум жив?
– Значи не потпишуваш?
– Не!
Тогаш граѓанинот Шљупков беше повикан на информативен разговор во Метафизичката управа. Службеникот му објасни на граѓанинот Шљупков, дека, по новата осовременета метафизичка номенклатура, тој е идентификуван како мртов, што значи дека е мртов, ама и дека истовремено не е, бидејќи животот е патријархален конструкт, а разликата меѓу животот и смртта е флуидна. Шљупков одговори дека ништо не разбира и дека сè што знае е дека е жив, макар одвај, но, ете, ако веќе не може подобро, би сакал да остане таков бар уште троа, да бутне уште некоја ракија додека може, па… што биде, биде! Тогаш на Шљупков му беше понудена стручна помош, која овој ја прифати (макар што, потајно се надеваше дека ќе му понудат ракија), по што беше однесен во друга просторија, каде темелно беше испендречен од метафизичката полиција (само колку да појасниме, пендречењето беше физичко!). Со тоа, граѓанинот Шљупков прими стручна феноменолошка помош која, верно, навистина му помогна да ја искуси и согледа флуидноста меѓу животот и смртта!
После овој феноменолошки третман, Шљупков потпиша дека се идентификува како мртов.
Следниот ден, Шљупков не отиде на работа. Мртвите не одат на работа. Ниту пак одговори на повиците на шефот и клиентите. Мртвите не одговараат на повици.
Барем така мислеше граѓанинот Шљупков. Се испостави дека, и покрај великодушната стручна помош, граѓанинот Шљупков не го разбрал добро концептот на неолибералната флуидност. И така, откако му беа одредени уште неколку стручни терапии, Шљупков, најпосле разбра:
Бидејќи смртта, нели, е флуидна, Шљупков, кој беше идентификуван како мртов, мораше да биде жив за потребите на Капиталот, и тоа прилично жив: секој ден одеше на работа, и тоа не на едно, ами на неколку работни места. И не само што одеше на работа, туку и работата му одеше дома: мораше да биде достапен во секое време, да работи од далечина… И сето тоа одвај му стигнуваше само за да плати хипотека за станот, сметки и комуналии. Бидејќи смртта е флуидна работа! И не е само смртта флуидна, туку сè е флуидно! Еве, на пример, да го земеме сонот: бидејќи и сонот е флуиден, Шљупков мораше да ја идентификува работата како сон. Така, и покрај тоа што Шљупков не склопуваше око 24/7, газдите му префрлаа дека е непродуктивен, оти многу сонува!
Шљупков веќе не примаше ниту здравствено, ниту пензиско осигурување. Се лечеше кај Баба Рада (но повеќе кај дедо Радомир, бидејќи имаше убава ракија), а за социјалната грижа во реформираниот неолиберализам беа надлежни – контејнерите! Впрочем, повеќе немаше ниту болници, ниту лекари, ниту брза помош, ниту јавен превоз, ниту јавни училишта, домови, театри… Наместо тоа, насекаде имаше депонии каде се гореше комунален, медицински, индустриски и каков не отпад, кој Апсурдистан, како една од најнапредните увозно-ориентирани економии штедро го увезуваше од своите западни партнери и сојузници. Но, ништо од сево ова веќе не беше никаков проблем, напротив! – бидејќи сите граѓани беа идентификувани како – мртви! А идентитетот е сериозна работа и мора да се почитува!
Рајко Пеколски












