Со приближувањето на 5 февруари, рокот за размена на играчи во НБА, очекувањата кај навивачите и меѓу менаџментите на клубовите полека зовреваат. Ланската трампа на Лука Дончиќ од Далас во Лејкерс, објавена ноќта на 2-ри февруари, одекна како бомба низ кошаркарскиот свет и покажа дека мини предониот рок на средина од сезоната не е само за фино штелување на тимовите пред финишот на регуларниот дел од сезоната и борбата за пласман во доигрувањето, туку дека може да донесе сеизмички промени што ја редефинираат лигата. Годинава НБА се соочува со еден од најинтересните преодни рокови во последните години. Повеќе врвни играчи со неспорен статус на ѕвезди се вртат во оптек, но едно име доминира во секој разговор на оваа тема – Јанис Адетокумбо.
Двократниот НБА МВП, НБА шампион од 2021 година и 10-кратен олстар е центар на сите трејдинг разговори сезонава. Не е тајна дека неколку тимови веќе дале различни понуди до Бакси и за прв пат од неговото доаѓање во Милвоки во 2013-та, менаџментот почна да ги прима и разгледува понудите. Од повеќе страни е потврдено дека клубот од Висконсин е отворен за можна трампа, но не по секоја цена. Неофицијално, понуди за трампа до Милвоки доставиле Мајами, Минесота, Голден Стејт и Њу Јорк. Во НБА кулоарите кружи информација дека Милвоки не е заинтересиран за ново големо име за кое би го размениле Јанис, туку за целосна реконструкција на тимот. А за тоа им се потребни што повеќе можности за избор во првата рунда на драфтот во наредните години. Во таа смисла како пример се наведува Мајкл Бриџис чиј трансфер во Никси, Њу Џерси го наплати со 5 пика од првата рунда од драфтовите од 2025 до 2031-ва. Ова би била некаква формула за секој НБА тим кој пикира на аквизиција на Јанис Адетокумбо, плус некој искусен и квалитетен кошаркар кој колку-толку би ја пополнил празнината од заминувањето на Гркот. Врз основа само на понудата за избор во првата рунда, Оклахома, Бруклин, Шарлот, Мемфис, Сакраменто, Јута и Вашингтон имаат најмногу да понудат. Овие седум тима контролираат 50% од пиковите во првата рунда во следните 7 години кои можат да ги понудат за размена. Но, тоа не значи дека на пр. Оклахома би го растурила својот шампионски тим за да го доведе Јанис. Њу Џерси пак, имаат капитал на драфт пикови и актуелни договори со играчите што одговараат, но со ваков трансфер Адетокумбо би дошол во многу полош состав од оној што го остава во Милвоки. Во еден краток период минатото лето Милвоки водеше разговори на оваа тема со Њу Јорк. Поттик даде самиот Адетокумбо кој изјави дека играчите не соработуваат како тим и дека повеќе нема хемија во екипата на Бакси. Во друга прилика изјави дека Њу Јорк би бил единствена прифатлива опција, ако веќе мора да замине од Милвоки. Но, секој заинтересиран во предвид мора да има уште еден фактор, а тоа е истекувањето на неговиот актуелен договор на 1-ви октомври. Клубот што сега би го добил преку трампа, треба да биде сигурен дека тој ќе ја продолжи верноста кон нив и по завршувањето на договорот. НБА правилата му дозволуваат нов максимален 4-годишен договор во вредност од 275 милиони долари. Ова е сума од безмалку 69 милиони долари во просек годишно што значи дека секој клуб што би го ангажирал ќе мора да направи целосна реконфигурација на финансиите за да се вклопи во рамките на дозволениот платежен фонд. Сите овие услови велат дека многу пореален би бил летниот трансфер на Адетокумбо, освен… освен ако во игра не влезе клубот кој никогаш не пропуштил да го доведе најголемото име расположиво во моментот. А тој клуб е Лос Анѓелес Лејкерс.
Почнувајќи од Вилт Чембрлен во 1965-та, па Карим Абдул Џабар во 1975-та, преку Коби Брајант и Шекил О‘Нил 1996-та, па до ЛеБрон Џејмс 2018-та, Ентони Дејвис 2019-та и Лука Дончиќ лани, Лејкерси секогаш биле тим што нема лимит ако нешто наумат. И секогаш сакале да го доведат најдоброто и да направат спектакл. Дали и овојпат ќе активираат трансфер бомба, иако наизглед нема што многу да понудат освен Остин Ривс, останува да се види. Засега никој не ги споменува премногу гласно, но примерот со Дончиќ е показател како Лејкерси ги егзекутираат своите планови.

Меѓу најеминетните имиња кои се врзуваат за годинашниот средсезонски преоден рок се и Џа Морант, Џонатан Куминга, Џејрен Џексон, Зајон Вилијамсон, Мајкл Портер Јуниор, а од ветераните ДеМар ДеРоузен, Брук Лопез и Богдан Богдановиќ, за кого веќе излезе информација за можно враќање во неговиот матичен клуб Партизан за фантастична сума за европски прилики од 6 милиони евра.
Низ историјата
Првата голема трампа во зимскиот преоден рок во НБА се случи 1965-та со заминувањето на Вилт Чембрлен од Сан Франциско Вориорс во Филаделфија. Оваа трампа беше клучна за рушење на династијата на Бостон во 1967-ма кога Чембрлен, заедно со Били Канингем, Мет Гукас и Хал Грир, ја прекинаа серијата од 8 последовни титули на Селтикси.
Њу Јорк Никс на средината од сезоната 71/72 го доведоа Ерл „Бисерот“ (the pearl) Монро од Вашингтон создавајќи го легендарниот „Ролс Ројс“ бековски тандем со Волт Фрејзер и веќе следната година дојдоа до титулата.
1982-ра Хјустон Рокетс го испратија актуелниот МВП Мозес Малоун во Филаделфија 76. Овој потег на Филаделфија и донесе нова титула и тоа веднаш истата сезона, со чисти 4:0 во финалето против Лејкерси.
Доведувањето на Марк Агваер од Далас во Детриот 1989-та беше последниот дел од шампионскиот мозаик на Пистонси кои веднаш истата година, а и следната 1990-та, владееа во НБА и ги освојуваа шампионските трофеи.
Лејкерси со неверојатна трампа за само еден пик, и тоа од втората рунда од драфтот, во 1981-ва го доведоа извонредниот шутер Боб МакАду кој беше еден од клучните поентери во времето на лејкерсовиот „шоутајм“ во 80-тите и двете титули освоени 82-ра и 85-та.

1995- та, по цели 12 години минати во Портланд, со две учества во финалето, но без шампионски трофеј, Клајд Дрекслер во полусезоната беше разменет во Хјустон и веќе истата година, во тандем со Хаким Олајџувон, дојде до својот долгоочекуван шампионски прстен и тоа стартувајќи како дури 6-пласиран тим по регуларниот дел од првенството.
Трикратниот дефанзивец на годината Дикембе Мутомбо на средина од 2001-ва беше доведен во Филаделфија во размена која, меѓу другите, го одведе Тони Кукоч во Атланта. Резултат – истата година Сиксерси стигнаа до финалето против Лејкерси, а Мутомбо го освои своето 4-то признание за најдобар одбранбен играч во лигата.
На инсистирање на Коби Брајант 2008-ма Лејкерси го носат По Гасол од Мемфис во размена за пакет кој ги вклучуваше драфт правата на неговиот брат Марк. Гасол ја стабилизира играта на Лејкерси кои со него имаа три последовни учества во НБА финалето и две титули, 2009-та и 2010-та.
Меѓу поголемите трансфери во текот на сезоната се и оние на Џејмс Харден од Њу Џерси во Филаделфија 2022-ра, Кевин Дурант од Њу Џерси во Феникс 2023-та, истата година Кајри Ирвинг се пресели од Њу Џерси во Далас, за лани да се случи трампата на Лука Дончиќ од Далас во Лејкерси.
Секоја НБА сезона доаѓа до момент кога оптимизмот од стартот отстапува место на реалноста. Во средина на сезоната, пласманот кажува сѐ. Што се вели, нема лага, нема измама, бројките се неумоливи. Менаџментите јасно го гледаат потенцијалот и перспективите за исходот на сезоната со тоа со што располагаат. Некои се помируваат со изгледите, други се подготвени за промени. За овие вторите преодниот рок во февруари е последна можност за исправка. А, годинава тој носи една невообичаена тензија. Не затоа што размени сигурно ќе се случат, туку затоа што ако се случи вистинската, тоа би можело да го промени начинот на кој ќе се памети оваа сезона.
Љубомир Николовски












