петок, 11 април 2025
Јове Кекеновски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Фeноменот Томсон

Марко Перковиќ – Томсон е човекот за чиј претстоен концерт на загрепскиот Хиподром 281.000 билети се продадени за помалку од 24 часа. И официјално ова стана еден од концертите со најмногу продадени билети во светската историја.

Томсон е името кое повеќе години наназад се наоѓа во мислите и устите на многумина, разделувајќи ги, но и соединувајќи ги. Неговата музика одекнува низ хрватската јавност како глас на патриотизмот, а паралелно со тоа и како симбол на контроверзија. Во центарот на неговата популарност стои нешто што го прави уникатен – неговиот феномен не е само музички, туку и културно-политички. Но, што всушност го прави Томсон феномен?

Томсон, или како што го нарекуваат, „пеачот на Хрватската војна за независност”, е дел од новата генерација која го гледа патриотизмот како начин за самоизразување. Неговите песни, исполнети со храброст, љубов кон татковината и сеќавања на тешките времиња од војната, не се само музика, туку и декларација за идентитет. За многумина, тој е симбол на хрватскиот патриотизам, носител на историски наратив што се пренесува од поколение на поколение. За младите, тој може да биде икона, а за другите, причина за контроверзија. Но, без разлика на тоа како го гледаме, неговиот феномен е неоспорен – многу поголем од тоа што е само на естрадната сцена. Томсон создава и пее песни кои се микс од патриотски и националистички мотиви и традиционални хрватски музички фрази во современи стилови (рок и хард рок), што го прави привлечен за многу млади луѓе кои сакаат да слушаат музика со патриотски карактер, но истовремено се модерни и динамични. Неговите песни често содржат текстови за херојство, Бог, татковина, вера, семејство и историја. Се работи за алузии на хрватското страдање, гордост и победа кое одлично поминува кај публиката. Неговата музика не само што влијае на културната сцена, туку и на политичките дебати, создавајќи контроверзии кои ја надминуваат музичката сцена и преминуваат во јавниот и политичкиот дискурс.

Но, ако се навратиме на помладата публика која го следи, ќе забележиме една интересна и многу значајна појава. Таа генерација која не ја доживеала војната и која не ја носи истата тежина на историјата, го гледа Томсон низ една друга призма. За нив, неговата музика е поврзана со идеја за национална гордост,  со чувство на припадност кон некоја идеја и историја, без да го разбираат во целост контекстот во кој тие песни настанале. Овој патриотизам, кој може да биде и емоционален и политички, за младите е начин да се поврзат со некои аспекти на нивната национална историја и култура.  Неговата музика често ја истакнува љубовта кон татковината, што може да биде важно за младите кои сѐ уште формираат свои национални идентитети. За многу млади луѓе, неговата музика и симболика се само еден начин да се изразат нивните чувства на национална гордост и припадност, додека за другите, таа претставува опасност од оживување на стари, болни спомени кои никогаш не биле целосно решени.

Меѓутоа, ако на феноменот Томсон му пристапиме и од еден друга аспект тогаш многу лесно ќе се увериме дека не се работи само за приказна за музика и емоции. Томсон не е само уметник, тој е и посебна контраверзна личност. Неговите јавни настапи често се придружени со контроверзни симболи и фрази, како на пример поздравот „За дом спремни”, кои предизвикуваат бурни реакции. Овој поздрав, кој потекнува од усташката епоха, ги поларизира луѓето. За некои, тој е потсетник на темните моменти од историјата на Хрватска, за други пак, тоа е симбол на храброст и отпорност. Овие контроверзии не само што го дефинираат неговиот јавен имиџ, туку и го прават неговиот феномен уште поинтересен за помладата генерација која можеби се уште не ги осознала историските настани што го обликуваат современиот политички пејзаж.

Во својот роден град, на стадиони и во арени, концертите на Томсон се многу повеќе од обични музички настани. Тие се места каде што се слави националната гордост и историјата, каде се покренуваат прашања кои се често премолчувани во официјалниот наратив. Кога ги слушате неговите песни, веќе не е важно само што се пее, туку и кој го пее и како неговата публика реагира на тоа. Тоа е феномен кој не се ограничува само на музика, туку и на идентитет, идеологија и на политичко-естрадната сцена.

Феноменот Томсон не е само продукт на неговиот талент или контроверзијата што го следи. Тој е симбол на еден период на хрватската историја и на еден специфичен момент во националната свест на нацијата. И додека мнозинството граѓани на Хрватска  го гледаат како артикулација на патриотизам и храброст, останатите го гледаат како промотор на поделеноста и недоразбрањата кои траат и денес. Неговиот феномен е сложен и многу повеќе од обичен музички успех; тоа е посегнување на национални, историски и политички линии кои оставаат траги во општеството.

Штета што во Република Македонија, и покрај големиот број талентирани интерпретатори, не се појави еден македонски Томсон. Но, да не се залажуваме – проблемот не е само во интерпретаторите. Најверојатно, причината лежи и во недостатокот на национална гордост и чувство на припадност кон својот народ, кон одредена идеја и историја. Тоа, според мене, е последица на длабоките, историски вкоренети поделби меѓу граѓаните по разни основи како и на начинот на нашето воспитување од мали нозе.

                                                                                         Проф д-р Јове Кекеновски

КОЛУМНИ

Каушик Басу

Тарифите на Трамп ќе го забрзаат економскиот пад на Америка

Стефан Влахов Мицов

Што остана од нас, Македонците?

Александар Стојановски

Влијанието на Вселенската патријаршија врз светското православие

Бранко Прља

Дали ВИ создава уметност или само бескорисен дигитален шум

Билјана Ванковска

Геоекономската дилема: глобализација à la Си или изолационизам à la Трамп?

Ристо Цицонков

Замена на мазут и нафта за греење на разни згради

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ