недела, 21 декември 2025
Александар Стојановски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Европа плаќа и за војната и за корупцијата

Европската помош за Украина одамна престана да биде само прашање на безбедност. Таа сè повеќе станува прашање на доверба - и тоа доверба што забележливо еродира. Затоа што дел од европската поддршка исчезнува во систем што премногу лесно ја претвора војната во алиби за корупција.

Кога европските пари во Украина се претвораат во договори за енергетика, обнова, снабдување и јавни набавки, ризикот експлодира. Подолги синџири на изведувачи, итни постапки и суспендирани правила создаваат идеални услови за надуени цени, провизии и политички поврзани посредници. Секој таков скандал ја разјадува поддршката во ЕУ и истовремено му дава на Вашингтон уште една причина да каже: „контрола пред пари“.
Случајот со „Енергоатом“ е учебник-пример. Истрагата на НАБУ за договори вредни околу 100 милиони долари, поврзани со енергетскиот сектор, беше доволна за да се разниша владата, да се бараат оставки и да се блокираат кадровски решенија. Но суштината е едноставна: енергетиката е сектор што донаторите мора да го финансираат заради стабилност, а токму таму корупцијата е најскапа. Секоја провизија во таа сфера директно се претвора во ризик за европските буџети и во политички товар за оние што ја бранат помошта.
Аферата „Златни јајца“ ја покажаа истата логика во военото снабдување. Надуени цени за храна за армијата, истраги за милиони долари и наводи за купување имоти во странство е  типичен украински проблем. Во европската јавност ваквите приказни се сведуваат на една реченица: нашите пари стануваат туѓи имоти. По таа точка, аргументите за солидарност звучат сè потешко.
Ништо подобро не изгледа ниту во сферата на оружените набавки. Истрагите, меѓуинституционалните конфликти и отворените судири околу контролата врз набавките создаваат опасен впечаток: системот што треба да ја „затвори корупцијата“ сам станува дел од проблемот. Дури и без докажана кражба, сигналот е разорен – парите за одбрана се движат низ политизирана и нестабилна структура.
За ЕУ цената не е само финансиска. Таа е политичка. Со слаб раст, притисок врз буџетите и конкуренција меѓу приоритетите (енергетска транзиција, социјални политики, сопствена одбрана) секој нов пакет за Украина станува потежок за одбрана дома. Корупциските афери го трошат политичкиот капитал побрзо од кој било геополитички аргумент.
Во односите со САД последиците се уште појасни. Во Вашингтон украинската корупција е аргумент број еден за „проверки пред пари“. Секој нов скандал значи повеќе услови, повеќе надзор и помалку доверба. Европа, која веќе носи значителен дел од товарот, се наоѓа меѓу чеканот на солидарноста и наковалната на сопственото јавно мислење.
Најопасното, сепак, е чувството на морален ризик. Перцепцијата дека дел од елитите во земјата-примател живеат со логиката „додека има војна, ќе има и пари“. Тоа не значи дека некој свесно ја продолжува војната, но создава слика што е политички токсична: Европа плаќа санкции, инфлација и одбрана, а дел од средствата по пат се претвораат во провизии и имоти.
Токму таа слика денес најсилно ја поткопува поддршката за Украина. И токму затоа Брисел ќе мора да избере: или многу построга контрола и условување, или постепено губење на јавната поддршка. Среден пат веќе нема.

Александар Стојановски, Брисел

КОЛУМНИ

Весна Попоска

Како хибридните закани ги користат граѓанските слободи за да ја поткопаат...

Билјана Ванковска

Кафкијанскиот запад: од владеење на правото до ерата на избришани личности

Ристо Цицонков

Штедење енергија – внимавајте од каде доаѓаат советите

Љубомир Николовски

Светислав Кари Пешиќ  – вечниот професор на европската кошарка

Харис Љево

Исламофобијата како политичко оружје

Александар Стојановски

Информациски напад пред избори: што стои зад објавата на Блумберг за...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ