сабота, 7 февруари 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Епстин низ македонска призма: академски империјализам, мозоци како суровина

Најновото „копање“ по последната транша на објавени преписки на Џефри Епстин, создава неверојатна бура, но и дефокусира од суштински нешта. Најважното лежи во конкретниот приказ на декаденцијата на глобалната елита.

Списокот на тие кои што го владеат светот, а кои проповедаат едно додека злоставуваат деца, постојано расте. Тоа создава и глобална чаршија која или гледа сеир, или озборува, или можеби и ужива во падот на големците. Иако не дозволив Епстин да ми стане главна занимација, сепак се сложувам дека оваа архива зборува за времето во кое живееме и за маските и лицемерието на тие што проповедаат демократија и вредности. Ако ме прашувате лично, и пред ова и без ова, за мене најголемите злосторства се случуваа на отворена сцена. Не станува збор за личности, туку за метастазиран систем на злото. Доволно е да се потсетиме на што се подготвени: да убиваат неказнето, уништуваат земји, региони, експлоатираат и убиваат општества брзо или бавно. Во моментов, на пример, повеќе би сакала да зборуваме за „гушењето/давењето“ на Куба, Венецуела или Иран. Грамши велеше дека ваквите временски периоди кога стариот поредок умира, а новиот се бори да се роди, е време на морбидни симптоми (време на монструми). Шекспир кажа нешто што сега паѓа на ум како прва асоцијација: пеколот остана празен, сите ѓаволи се меѓу нас.

Можеби нашата јавност може да е здивне што кај Епстин немало македонски политичари клиенти, но сепак има нешто „ѓаволско“ и во оваа периферија длабоко вознемирува. Кај нас никој не се занимава со корените на злото, туку со неговата појавна форма; главна (за светот мала) тема се мозоците. Поточно, извозот на мозочно ткиво. Она со што сега (по допрен глас) се занимава Јавното обвинителство, кое покренало случај, беше познато во академските кулоари. Од многу одамна. Но, како што обично бива, за тоа само се шушкаше и озборуваше; или немаше докази или волја некој некому да се замери. Но најновиот Епстинов цунами, во една преписка само попатно ја споменува малата земја на Балканот, Македонија, како извор на човечки примероци за истражување на елитниот Колумбија универзитет во Њујорк. Се претпоставува дека контекстот најверојатно бил околу стапување во контакт со богати донатори (клиенти/пријатели на Епстин) кои би покажале интерес за овие научни истражувања. Бранувањата во македонската јавност не запираат, но ја промашуваат големата слика. Настрана од интересот за познатите личности од нашата средина или дури и злорадоста кај некои (кога некој познат по својата ароганција и потценувачки однос кон научниците во земјата во која бил роден), тој дел е небитен. Она што треба да нè интересира е академскиот неоколонијализам, заедно со академските компрадори, што во случајов се сведува на користењето на „суровини“ од сиромашна земја (село без кучиња, би рекол народот) и градење наука на елитно американско ниво.

На почеток веднаш да се разбереме: сосема е разбирливо што во одредени научни полиња се работи со човечки материјал. Всушност, од древните времиња на првите медицинари (од Ибн Сина кај нас познат и како Авицена, па и пред него) сознанијата за човековото тело доаѓале од аутопсии (казниви дела во тоа време, кога телата не смееле да се сквернават). Дури и студентите на медицина, учат Анатомија во клиничките мртовечници. Она што овде е загрижувачко што едвај некој го поставува клучното прашање: зошто една мала и далечна земја, со едвај два милиони жители, би транспортирала мозочни примероци од душевно болни? Прашањето всушност треба да се постави обратно: како е можно САД, земја со 350 милиони жители, да не може да биде изворот на материјалите за Колумбија или кој и да е друг истражувачки центар? Да не е трагично би било смешно објаснувањето на инволвираните: мозочното ткиво се извезувало затоа што во САД немало доволно примероци!?! Ќе помисли некој дека во САД нема душевно болни и самоубијци! Не треба многу напор да се дојде до одговорот, кој потоа отвора серија други потпрашања. Имено, „недоволниот број примероци за анализи“ е резултат на постоење на ригозорна и прецизно уредена постапка за доаѓање до вакви примероци во САД. Покрај постапката, етичките комитети, нивоа на одлучување и слично, во фокусот е т.н. „информирана согласност на семејствата, односно законските старатели“ на починатите. Во случај на тужба на болницата или истражувачкиот центар поради отсуство на ваква согласност и/или на некои други правни и етички аспекти, опасноста од тужби и високи трошоци, губење репутација и слично создава отпор кај домашните институции. Затоа, собирањето примероци во такви услови се покажало како неисплатливо и ризично. Одговорот е најден во општества на светската периферија во кои немало (јасна) процедура и институционална рамка. Зборот „информирана согласност“ (слично како „информирана јавност“ на пример) овде може лесно да се протолкува на погрешен начин, ако буквално се преведе. Овде зборот информирана согласност значи дека едно лице (член на семејство или законски старател на лице без деловна способност) треба да се согласи на учество во истражувањето преку донирање на ткиво/орган откако ќе биде суштински известено што тоа значи: која е целта на постапката и студијата, кои се ризиците или потенцијалните добивки, а најважно од сè дека има можност да не прифати без никакви последици. Обичната согласност е она ливче на кое набрзина ставате потпис во миг на длабока вознемиреност, тага, конфузија и сл. Има тука уште еден момент кој е многу важен, а кој има и социјално и лично значење: категоријата на душевно болни е веројатно најзапоставената и најстигматизираната, па затоа и најранлива. Институциите во кои се сместени овие луѓе (најчесто заборавени и од семејствата и од Бога) се опишуваат како пекол на земјата. Пациентите најчесто доаѓаат од најниските социјални слоеви, па така да се зборува за „информирана согласност“ од семејство кое има уплав другите да не дознаат дека имаат душевно болен, а и не е сосема во ситуација да разбере цел на некакво истражување во научна област за кој никогаш не слушнало, е рамно на невозможно.

Интересно е што сите засегнати избегнуваат да дадат конкретни одговори и документирани согласности, па се во фаза на префрлање на одговорноста од едни на други. Некои божем не се сеќаваат дали во 1996 година и подоцна имало „информирана согласност“, други тврдат дека сè било по пропис (некаков правилник, односно интерен подзаконски акт?!), односно одлуки за извоз на материјал носеле некакви етички комитети формирани набрзина, па наводно подоцна биле склучени и меморандуми за соработка меѓу Колумбија и домашните универзитети. Накусо, во земја во која и денес нештата се матни и се одвиваат без почитување протоколи и правила, најчесто со користење на лични познанства и влијанија, јавноста не е убедена во тоа дека зделката била направена законски. Иако некои тврдат дека Македонија, односно научната заедница имала научен бенефит од соработката, не е јасно во што се состои таа полза. Досега не излегоа во јавност професори кои би потврдиле дека работеле на тие истражувања и нивните сознанија се применети овде. (Лично, фетишот на „статии со импакт фактор“ ми е сосема небитен.)

Она што останува најзапоставено е системскиот проблем на односот на академски центар и периферија, неоколонијализам во науката во која послабата страна е таа што носи „суровини“, а развиената продуцира висока наука. Во таквата асиметрична размена, по некој од слабата страна може да одигра улога на посредник и за тоа да биде награден, дури и со истражувачка позиција.

Не сум стручна да кажам дали генетиката е предоминантна или тука е и влијанието на социјалната средина, колективната психоза, страв и несигурност коишто влијаат врз „давателите на мозочно ткиво“. Она што сигурно го знам дека Македонија останува подложна на експлоатација од секаков вид, а дека амбициозни луѓе (како што вели народната изрека) и мајката би ја продале за некаков профит или кариера. Не знам како ќе заврши „дебатата“ и случајот во Јавното обвинителство, но во земја во која царува неказнивост (особено кај елитата), па уште и за случаи од пред неколку децении, веројатно е дека ова ќе се заташка до наредниот скандал. И ќе се заборави. Она што ќе остане е прашањето за протоколите, за чувањето на правата и на семејствата и на починатите, несовесното работење и подложноста на морална корупција.

Додека ние сега се будиме и отвораме очи за некакви строги постапки и протоколи во медицината и научно-истражувачката работа, светот се тресе од корен. Изгледа душевно болните, најопасните цело време биле во врвовите на власта, онаа на која нашиве вазали се поклонуваат како да се еманација на Моралот и Вредностите. Има нешто гнило во западниот свет: смрдеата доаѓаше не само од малиот остров на Епстин, туку и од метрополите, а најмногу од отворените масовни гробници од Виетнам до Либија, Сирија и сега Газа. Не знам зошто овие научници од елитни универзитети молеле за пари за наука од монструми? За доброто на човештвото?! Зошто не ги проучувале нивните социопатски и психопатски (видливи) модели на однесување? Ако се веќе научници… Ах, да! Тие се дел на проблемот, а не на решението. Бидејќи во воено-индустрискиот комплекс за кој зборуваше Ајзенхауер, во меѓувреме се вгнездија и медиумите и академската фела. Еден сложен и моќен Борг, кој ни повторува дека или сме глупави и ништо не разбираме или дека „отпорот е залуден“.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Драган Даниловски

Tивката архитектура на безбедноста во здравството

Ристо Цицонков

Инвестициски циклус од 5,7 милијарди евра во енергетскиот сектор

Александар Иванов

Анатомија на заборавот: како ја избришавме институционалната меморија? (и дали имаме...

Билјана Ванковска

Бeзбедност за кого? За истражувачите или истражуваните!?

Александар Стојановски

Виктор Орбан и миграциското прашање: политиката што ја смени Европа

Љубомир Николовски

Февруарска НБА берза

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ