петок, 13 март 2026
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Енергетска криза, за кого како

Веќе две недели прва вест, или меѓу првите, е енергетската криза во светот, а во врска со воениот напад врз Иран од страна на САД и Израел. Веднаш се споменува цената на барел нафта, дали оди нагоре или надолу. Цената на нафтените деривати е исто така меѓу првите вести и во нашата земја.

Околу 20% од светската потрошувачка на нафта и природен гас се транспортира низ Ормускиот таснец од Персискиот Залив кој е контролиран од Иран. Во овие денови транспортот низ овој теснец е речиси блокиран од страна на Иран заради воените дејства. Со ова се штетно погодени земјите од Заливот кои се сега спречени да извезуваат нафта и течен гас, а тоа се Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Бахреин и Кувајт. Се разбира дека ова се одразува и на земјите корисници (увозници) на тие количини на горива.

Воените напади почнаа на 28 февруари и се извршуваат од воздух со авиони и балистички ракети. Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека тие извојувале победа за два дена и сега треба да довршат уште малку работи. Верскиот (највисок) лидер на Иран и извесен број високи функционери беа убиени со бомбардирање на неколку згради во Техеран, што значи има и цивилни жртви. Ова малку ме потсетува на воената инвазија на Ирак во 2003 година од страна на САД зедно со неколку сујузници под изговор дека тогашниот претседател располага со хемиско оружје за масовно уништување. Подоцна се установи дека такво оружје не постоело. Паѓа во очи дека САД и неговите сојузници „случајно“ вршат воени окупации на земји во кои има извори на нафта и гас. Да ги спомнам: Ирак, Либија, Сирија, Венецуела, а речиси во сите држави во Персискиот залив имаат воени бази.

Мене лично ме погоди бомбардирањето на едно училиште во јужен Иран со што е извршено убиство на 168 ученички и 14 наставници, веројатно со изговор дека било несакајќи. Но не гледам реакција во меѓународни кругови за ова злосторство. После масакрот во Газа ова изгледа како ситна работа.

Но сега да се навратам на новата енергетска криза во светот предизвикана од нападот врз Иран и блокирањето на Ормускиот теснец. Цената на барел нафта е покачена на околу 100 американски долари, но се менува на дневна основа зависно од тоа каква изјава денес ќе даде Трамп, дали паѓаат бомби и проектили во Иран и во соседните земји. Цените на нафтата (и гасот) на светските берзи растат, а тоа влијае на економијата во поголемиот број земји, значи веројатно ќе следи и поширока економска криза. Се поставува прашање кој ја предизвика?

Одговорот треба да се бара во тоа кому му одговара ваквата ситуација. Логиката кажува дека поголеми финансиски профити во ваква ситуација имаат земјите со поголема воена индустрија каде што на прво место се САД. На ова се надоврзува и производството и трговијата со нафта и гас. И тука на прво место се САД, па следуваат земјите Саудиска Арабија, Русија, Канада, Кина итн. Но важно е да се погледне и списокот на нјаголемите компании кои тргуваат со нафта. Тоа се Saudi Aramco, ExxonMobil (САД), Chevron (САД), Shell (седиште во Лондон), PetroChina (Кина), TotalEnergies (Франција), ConocoPhillips (САД) итн. Иако многу од нив имаат и долгорочни договори за испорака со одредена цена, во кризни ситуации прогласуваат т.н. „виша сила“ и ги покачуваат цените за да извлечат што поголем профит.

Енергентите, особено нафтата и гасот, се важни за секоја држава бидејќи не може да функционира без нив, и плус има многу големо влијание на успешноста на економијата. Гледаме што се случува со Германија и падот и/или стагнирањето на нејзината економија бидејќи прекина со користење на рускиот гас (заради ЕУ санкции кон Русија), а претходно реши постепено да ги отстранува од употреба јагленот и нуклеарната енергија.

Бидејќи побарувачката на нафта и гас стана поголема, нивната цена скокна на светските берзи, а мене ми изгледа дека е настанат енергетски хаос, на пример не гледам причина цената на гасот да скока во земјите на Европската Унија (ЕУ) бидејќи тие речиси не го увезуваат од земјите од Заливот што се гледа од прикажаната слика подолу.

Слична е состојбата и со увозот на нафта во ЕУ кој во проценти од разни земји изнесува соодветно: Норвешка 14,6%, САД 14,5%, Казакстан 12,2%, Либија 8,9%, Нигерија 6,3%, а од земјите од Заливот (Саудиска Арабија и Ирак) само 11,9%.

Да потсетам дека САД и ЕУ постигнаа договор со кој се воведуваат царини од 15% за европскиот извоз во САД (намалување од 50%), при што ЕУ се обврзува да купува енергенти (нафта и гас) во вредност од 750 милијарди долари. Каква логика има ако САД ги покачат цените? Тие се најголеми производители на нафта и гас во светот, значи не зависат од моменталната криза во Заливот.

Сега се остварува заложбата на Доналд Трамп дадена пред изборите: „America first” (Америка на прво место). Сите мислевме дека тоа се однесува на интересите и состојбите внатре во САД, но сега гледаме дека тоа се однесува на целиот свет. Вчера изјави дека Иран е готов (поразен) и дека светската енергетска криза ќе ја снема за многу кратко време.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Александар Иванов

Од „Колектив“ до Кочани

Љубомир Николовски

Различни ноти за иста игра

Клементина Брзаковска

Фрчковизмот што ја претвори опозициската СДСМ во циркус без компас

Александар Иванов

Тектоника на новиот свет: Американскиот софтвер, кинескиот хардвер и битката за...

Јове Кекеновски

Анализа на кризата во Ормускиот теснец

Билјана Ванковска

Кина планира развој за пет години однапред, Западот јури кон нова...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ