Факт е дека денес во светот се одвива енергетска транзиција при што фосилните горива (јаглен, нафта и природен гас) постепено се исфрлаат од употреба, се оди на масовно користење на обновливи извори на енергија (ОИЕ) со кои се произведува електрична енергија. Тука припаѓаат сонцето, ветерот и водата.
Сепак, денес е јасно дека фосилните горива сѐ уште имаат доминантна улога и треба уште доста време за нивна замена со ОИЕ. Тоа го покажуваат геополитичките настани, особено војните во Украина и Блискиот Исток, кои направија турбуленции во енергетскиот сектор предизвикувајќи голема енергетска криза, најмногу од недостигот на нафта и гас.
Потребите за електрична енергија почнаа да се зголемуваат во целиот свет со воведување на електрични возила, греење со топлински пумпи, сé поголемата употреба на клима уреди за ладење, а голем замав земаат потребите за центрите за податоци (понатаму наречени дата-центри) со кои функционира вештачката интелегенција (ВИ).
Според Меѓународната агенција за енергетика (IEA) дата-центрите во 2024 година потрошиле електрична енергија од 415 TWh, а до 2030 година се очекува побарувачката да се зголеми повеќе од двојно: 945 TWh. Согледувајќи го овој факт, како и учеството на сесијата за енергетика на Светскиот економски форум во Давос, премиерот Христијан Мицкоски пред десетина дена говореше за иницијатива за регионално здружување на земјите од Западен Балкан за заеднички настап пред странски инвеститори во енергетиката. Ако се постави цел само на 0,01% од најавените глобални инвестиции, сумата би била околу 4.000 милијарди долари во следните 10 години, односно 400 милијарди годишно. Затоа, предлага земјите од Западен Балкан да се обединат и да понудат проекти што може да се реализираат со добра организација. Оваа иницијатива ќе ја предложи на следниот самит на земјите од Западен Балкан што треба да се одржи во проширен состав во јуни во Подгорица (Црна Гора).
За мене, а верувам и за пошироката јавност, ова е бомбастична изјава на премиерот Мицкоски и кај мене предизвика голем интерес, но во јавноста помина некако незабележително. Предлогот звучи многу оптимистички, но вреди да се анализира и да се оцени дали има можност да се реализира.
Бидејќи премиерот спомнува големи инвестиции, тоа значи дека се работи за производство на електрична енергија за големи дата-центри кај кои инсталираната електрична моќност би била околу 100 MW и повеќе. Познатите технолошки компании Amazon, Microsoft, Google, Meta Platforms и други најавуваат нови големи дата-центри со инсталирана електрична моќност дури до 1.000 MW. Колку за претстава да кажам дека приближно толкави се максималните потреби на цела Република Македонија (РМ).
Но да видиме какви се сегашните услови во енергетскиот сектор во земјите од Западен Балкан, а тоа се: РМ, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Првин да видиме каква е состојбата во РМ за производство на електрична енергија во електроцентрали во државна сопственост. Стабилна (базна) електрична енергија се произведува во термоцентралите РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј кои се многу стари, голем проблем е што рудниците за јаглен се исцрпени, па така се увезува извесно количество, а плус се троши и мазут (од увоз). Така, производната цена на електричната енергија е висока, речиси еднаква на онаа на отворен пазар. Инаку во план е овие електрани да се ликвидираат најдоцна до 2030 година. Околу 25% од потребната електрична енергија во РМ се произведува во хидроцентрали стари по неколку децении (некои и над 60 години). Во земјата има уште неискористен хидропотенцијал ограничен на неколку стотини MW. Од друга страна, последниве пет години има интензивна изградба на голем број фотоелектрични централи и мал број ветерни паркови, но тие не произведуваат ел. енергија кога нема сонце и ветер, а тоа не одговара за дата-центри кои работат 24/7. Во земјава има и гасна когенеративна централа (220 MWе), но таа е во приватна сопственост и ја продава ел. енергија на отворен пазар.
Со помош на интернет пребарување дојдов до некои информации за електроенергетската состојба во земјите од Западен Балкан, поточно за базното производство на ел. енергија.
Во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора околу 60 до 70% од базната ел. енергија се произведува во термоелектрани на јаглен, а околу 30% во хидроцентрали. Во Косово над 90% се термоцентрали на јаглен, а во Албанија скоро 100% се хидроцентрали, но има проблем во сушни периоди.
Македонија и другите држави од Западен Балкан немаат извори на нафта и гас, а некои имаат извесни резерви на јаглен. Но овие се фосилни горива кои ЕУ реши постепено да ги отстранува од употреба најдоцна до 2050 година, а некои држави и порано, особено ова се однесува за јагленот. Според овој факт, за нови инвестиции како извори за енергија остануваат само сонцето, ветерот и водата, односно обновливите извори на енергија (ОИЕ), и нуклеарната енергија за чија употреба има поделени мислења.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје












