Сето ова зависи од тоа каква изјава денес ќе даде Доналд Трамп и колку проектили ќе паднат во регионот и што ќе погодат. Граѓаните најмногу се заинтересирани за цените на горивата за автомобилите. Информациите за тоа што се случува со цените на другите горива, како што се природниот гас и мазутот, се ставени во втор план или ги нема. Цената на природниот гас на светските берзи скокна за околу 100%. Овие горива се употребуваат многу во индустријата која што е многу поважна за функционирање на животот во земјата. Овие горива од друга страна влијаат и на покачување на цената на електричната енергија на светските берзи. Ова има влијание и во нашата земја бидејќи Република Македонија (РМ) купува електрична енергија на отворен пазар (најчесто како увоз), особено во зимскиот период.
Кај нас се случува парадокс во однос на електричната енергија, граѓаните „ич да немаат гајле“ бидејќи таа не поскапува за домаќинствата и малите потрошувачи. Тие плаќаат на универзалниот снабдувач, а тоа е „ЕВН Македонија“, кој ја добива електричната енергија од ЕСМ по бенефицирана цена од 65 евра/MWh, а ЕСМ ја обезбедува со производство и увоз по цена од околу 120 евра/ MWh. На тој начин ЕСМ свесно се става во голема финансиска загуба која се плаќа од буџетот (т.е. од граѓаните). Ова го прави државата за граѓаните да имаат прифатлива цена според нивниот стандард на живеење кој е релативно низок, односно еден од најниските во Европа.
Пред неполни два месеца Министерството за енергетика објави Годишен план за 2026 година базиран на пријавени и прифатени иницијативи за изградба на нови енергетски објекти за производство на електрична енергија во кои доминантно место имаат 59 фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 3.014 MW, 7 ветерни електроцентрали со вкупна моќност од 908 MW и една когенеративна гасна електроцентрала. Подносители на овие проекти се приватни компании така што произведената електрична енергија ќе ја продаваат на отворен пазар за да постигнат повисока цена, односно повисок профит. Државата ќе има некои добивки од овие проекти, но главниот проблем не се решава, а тоа е што ќе нема своја базна електрична енергија со цени кои ќе бидат рентабилни.
РМ нема извори на нафта и гас, а рудниците за јаглен во РЕК Битола и во Осломеј се веќе исцрпени. Во извесна мера тоа е хендикеп за енергетиката кај нас, но од друга страна тоа е поттик за премин на обновливи извори на енергија (ОИЕ): користење на вода, сонце и ветер. По енергетската криза во 2022 година цената на електричната енергија за фирмите и институциите кои ја купуваат на отворен пазар значително се покачи. Затоа, многу од нив решија да инвестираат во инсталирање на фотоелектрични централи. Погоре спомнав дека во Годишниот план на Министерството за енергетика за оваа година се одобрени многу проекти со ОИЕ, но тие не произведуваат кога нема сонце и ветер. Во такви периоди, особено додека трае грејната сезона, државата мора да увезува електрична енергија со релативно високи цени.
Во енергетскиот биланс на РМ за 2025 година објавен од Државниот завод за статистика е прикажан увозот на електрична енергија по месеци, а вкупната вредност за цела година е 2.087.217 MWh. Ако се земе некоја просечна цена од 120 евра/ MWh, се добива сума од 250.466.000 евра. Но на ова треба да се додадат и трошоците за увоз на лигнит (од Грција) и мазут кој се придодава во котлите на РЕК Битола за да се одржи согорување на јагленот бидејќи е неквалитетен. Немам податоци колкави се сумите за увезениот јаглен и мазут, но ако се земе некоја приближна вредност, сé заедно годишните трошоци за увоз (струја+јаглен+мазут) би била најмалку над 300 милиони евра. Па со овие пари може да се изгради ХЕЦ Чебрен во кеш за три години, а да не зборуваме за можностите дека за ваков тип на инвестиција може да се добие многу поволен кредит со долг период на отплата и неколку години грејс период.
Со оглед на гореопишаните состојби и збиднувања, се наметнува како најизводливо решение изградба на хидроелектрични централи кои се предвидени и во неколку претходни државни стратегии за енергетски развој на РМ. На веб страницата на ЕСМ е ставена публикација со наслов „Капитални проекти“, со датум мај 2022, во кој се прикажани планирани хидроцентрали за изградба со повеќе детали. Конкретно прикажани се: ХЕЦ Чебрен, „Тунел Теново-Козјак“ и „Вардарска долина – повеќе хидроелектрани“.
Би сакал да укажам на можности за изградба на пумпни системи со акумулација на вода во планински длабнатини, а ги има во повеќе земји. Ваква иницијатива е веќе објавена неколку пати од страна на Здружението на инженери на Република Македонија.
Голема штета е што Владата не предвиде финансиски средства во буџетот за 2026 година за изградба на хидроцентрали, барем за подготовка на документација за градба, а потоа почеток на градба во 2027 година.
Замислете да ги немаше во Македонија хидроелектраните изградени од државата пред повеќе децении. Бидејќи е дојден крајот на РЕК Битола, тие се сега темел на производството на електрична енергија во РМ, „колку-толку“.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје











