Од метафизичка гледна точка, тешко беше да се утврди дали Апсурдистан е монистичко или дуалистичко устројство: имено, со Апсурдистан наизменично владееја две непомирливи политички сили, Едните и Другите, меѓу народот познати како СДСМ, скратено од „Сè Да Собереме и – Магла!“ и ДПМНЕ, што беше скратено од „Демек Патриоти, Мајката Ни Е…“, па, знаете како завршува ова! Понекогаш ќе се вмешаа и Третите, но на крај и тие завршуваа де со Едните, де со Другите. Меѓутоа, критичарите на овој дуализам велеа дека всушност тоа е монизам, бидејќи дуализмот меѓу Едните и Другите е само привид, а сè што постои е вечното Едно и Исто, а тоа е Светата Столица, пардон, Светата Фотелја на власта, која, бидејќи света, беше свето политичко троединство од лоповл’κοт, арамолепството и некад’рноста.
Но, да ѝ ги препуштиме овие високопарни расправи и спекулации на Метафизичката управа, која многу подобро се разбира од нас во овие работи! Она што е многу поважно е, дека Апсурдистан ја сфаќаше еднаквоста многу се(и)риозно, далеку посериозно дури и од најнапредните неолиберални демократии кои проповедаа родова, трансродова, расна, масна, гнасна и секаква друга – само никако и под никои услови класна! – еднаквост! Во Апсурдистан не беа еднакви само мажите и жените, религиите и етникумите, луѓето и кучињата… туку дури и граѓаните и ѓубрето беа изедначени! Еве, на пример, во Апсурдистан ѓубрето слободно се движеше по улиците, се собираше на јавни места и политички се организираше во групи и партии исто како и самите граѓани! Никој не смееше ни да помисли да му го ограничи на ѓубрето демократското, неприкосновено право на слободно движење и изразување по апсурдистанските улици, булевари, тротоари… Меѓутоа, прогресивноста на Апсурдистан не застануваше тука: додека партнерите на Апсурдистан се бореа со ксенофобија и враќаа назад мигранти со сомнителна боја на кожата и уште посомнителни дефицити во паричникот, Апсурдистан великодушно го примаше и увезуваше ѓубрето од своите стратешки партнери, не дискриминирајќи притоа дали тоа ѓубре е пластично, комунално, гумено, медицинско или канцерогено… Бидејќи, белите дробови можеби го дискриминираат ѓубрето, но пред огнот – сите се еднакви!
Главното село… ова… главниот град, во таа смисла беше најхипстерајската престолнина во прогресивниот неолиберален свет каде ѓубрето ја имаше освоено јавната и културната сцена и беше главен двигател на смрдеа… пардон… на пулсирачкиот и вибрантен живот на метрополата! Од невладиниот бизнис-сектор, меѓутоа, веќе стигнаа и првите предупредувања: некои граѓани, кои упорно протестираа против уметничките перформанси на ѓубрето, беа обвинети за ѓуброфобија и мизоѓубрија!
И не само тоа! Во духот на еднаквоста, на вечното револуционерно братство меѓу граѓанството и ѓубрето, апсурдистанските политичари ги третираа апсурдистанските граѓани како – ѓубре!
Рајко Пеколски












