Долгогодишниот принцип „осум часа работа, осум часа одмор и осум часа за што сакаме“, воведен пред повеќе од еден век, беше револуционерен чекор кон поправедна распределба на времето и трудот. Но, денес, додека светот на трудот доживува драматични промени поттикнати од дигитализацијата, зелената транзиција и вештачката интелигенција, таа рамнотежа е нарушена. Работата од далечина ги замаглува границите помеѓу професионалното и личното време, вештачката интелигенција ги предизвикува традиционалните работни улоги, а зелените економии бараат нови вештини и структури. Во овој контекст, основните идеи за правичност на работа, како што се работничките права и достојните работни услови, можеби веќе не се доволни. Тие мора повторно да се разгледаат и адаптираат за да останат релевантни во свет каде што начинот, местото и причината за работа постојано се преосмислуваат.
Како што велат мудрите, никогаш не треба да се измориме од одбраната на достоинството на трудот. Ова го отсликува вистинскиот дух на 1 Мај – ден што не се залага само за вработување и економска продуктивност, туку за основното достоинство на секој работник.
Но, достоинството на работа не постои само во зборовите. Тоа живее или умира во политиките, практиките и секојдневното искуство. И токму тука Западен Балкан стои на раскрсница. Иако импресивните економски показатели укажуваат на напредок, тие исто така прикриваат длабоки и упорни нееднаквости. Прашањето што мора да го поставиме не е само колкумина работат, туку и под какви услови, со какви перспективи и со каква цена за долгорочната благосостојба на регионот.
Да, постои напредок. Стапката на вработеност во Западен Балкан достигна историски високи 56,5% во 2023 година, споредено со 50,4% пред само три години. Невработеноста, исто така е на рекордно ниско ниво, со просек од 12%, значително намалување од 16,6% во 2020 година. Но, зад овие бројки се кријат длабоки структурни предизвици: неискоренета сива економија, ограничен пристап до квалитетни работни места, намалување и стареење на работната сила, континуирано иселување на таленти, несовпаѓање меѓу вештините и потребите на пазарот на трудот, како и фрагментирани пристапи кон мобилноста и миграцијата на трудот. Заедно, овие прашања го загрозуваат напредокот и ги продлабочуваат постојните нееднаквости.
Одливот на мозоци е реален и се забрзува. Од јуни 2024 година, Германија ги удвои квотите за работни визи за економиите на Западен Балкан, овозможувајќи дополнителни 50.000 граѓани легално да работат во Германија. Иако ова отвора можности за поединци, во исто време ја продлабочува празнината на пазарот на труд дома. Бизнисите низ регионот веќе ги наведуваат недостигот на работници и постојаниот одлив на таленти како нивни најголеми предизвици, според најновиот Балкански Барометар.
Несовпаѓањето на вештините додава уште еден слој на проблемот. Многу млади луѓе го завршуваат формалното образование само за да откријат дека нивните квалификации не одговараат на реалните потреби на пазарот. Застарените наставни програми и ограничената практична обука создаваат фрустрирачки јаз меѓу образованието и вработувањето, што доведува до висока младинска невработеност и дополнително поттикнува емиграција.
Како одговор на ова, владите во регионот почнаа да ги преиспитуваат имиграциските политики, со цел да привлечат странски работници за да ги пополнат празнините. Бројот на издадени работни дозволи за странски работници се има повеќе од удвоено во последните пет години – од 46.000 во 2018 година, на повеќе од 100.000 во 2023 година. Но политиката сама по себе не е доволна. Без соодветна имплементација, усогласување со целите за интеграција во ЕУ и силна заштита на домашните и странските работници, овие напори ризикуваат да останат краткорочни решенија.
Обезбедувањето фер плати, безбедни услови и значајни можности за кариера не е само економска стратегија. Тоа е борба за зачувување на човечкото достоинство пред лицето на брзите промени. Како што вештачката интелигенција ги преобликува индустриите, а границите стануваат сè попропустливи, ние мора да го заштитиме човечкиот аспект на трудот.
Овој 1. Мај, да го обновиме нашиот залог за иднина во која секој човек, без разлика на потекло или пасош, ќе има пристап до достојна, наградена работа. Не како привилегија, туку како основно право. Право кое вреди да се брани – денес, утре и секогаш.
Амер Капетановиќ,
генералeн секретар на Советот за регионална соработка (СРС)