Договорот бил предложен од претседателот на САД Доналд Трамп и треба да се реализира во неколку фази од кои најважен е оној за ослободување на израелските заложници, како и две илјади палестински затвореници. Понатаму ќе се решава кој ќе управува со Газа, но познато е дека палестинците инсистираат на постоење држава Палестина со главен град Ерусалем. Е последново може да биде причина за нови судири.
Но во рок од неколку часа голем број политички лидери во светот се огласија дека тоа е голем успех, пред сé на Доналд Трамп и некои од нив изјавија дека тој треба да биде номиниран за добивање на Нобелова награда за мир. Јас се согласувам со тоа дека склучениот мир е голем успех, но тоа не може да биде причина за доделување Нобелова награда за мир на претседателот Трамп. Познато е дека Владата на САД отворено го подржува Израел, особено во снабдување со оружје. Израел направи геноцид врз палестинскиот народ убивајќи околу 65.000 луѓе од кои над 20.000 деца.
Ќе наведам уште една голема причина заради која Доналд Трамп не ја заслужува Нобеловата награда за мир. Тоа е неговиот став кон климатските промени за кои вели дека се „голема измама“. Уште во првиот ден од стапувањето на должност како претседател тој потпиша указ со кој САД се повлекуваат од Парискиот договор за климатски промени. Потоа започна со укинување на разни регулаторни прописи со кои се ограничува експлоатирањето на фосилни горива и најави субвенции за дупчење за нови извори на нафта и гас. Од друга страна, стопирано е финансирањето на многу проекти за користење на обновливи извори на енергија. Претпоставувам дека зад овие политики за подржување на фосилните горива стојат одредени бизнис кругови кои имаат интерес од таквите политики.
Оваа политика на САД кон негирање на климатските промени и форсирањето на фосилните горива негативно влијае на многу други земји во светот. Еве денес читам дека австралиската држава Квинсленд, која има огромни резерви на јаглен, ја укинува претходната одлука на државната влада за затворање на сите свои електрани на јаглен до 2035 година, и дека ќе продолжи со разумен и прагматичен план за задоволување на своите енергетски потреби.
Сите земји во светот го имаат потпишано Парискиот договор за климатски промени во кои има и обврски секоја земја да доставува национални извештаи за емисиите на стакленички гасови и мерките што ги преземаат за нивно намалување. Само САД не го почитува овој договор иако е најголем производител на нафта и гас во светот, и има најголеми емисии на СО2 по жител. Чудно ми е како другите држави не реагираат на овој став на САД, дали се плашат од зголемување на царинските стапки со кои Трамп цело време се заканува? Како контра пример ќе наведам дека од 1 јануари 2026 година некои фирми во Република Македонија (и некои земји од Балканскиот регион) ќе мора да плаќаат јаглероден данок на инсистирање на Европската Унија во борбата за климатските промени.
Какво и колкаво влијание понатаму ќе има овој став на САД во светот ќе видиме на следниот 30-ти годишен самит на Обединетите Нации за климатски промени што треба да се одржи во ноември во градот Белем во Бразил.
Да споменам уште еден парадокс. САД не го ратификуваа договорот од Кјото (1997 г.) за климатски промени кога претседател беше Бил Клинтон, а негов заменик Ал Гор. По завршување на функцијата Ал Гор направи документарен филм за климатските промени и доби Нобелова награда за мир.
Веднаш, само по еден ден од склучувањето на договорот за Газа, Нобеловиот комитет објави дека добитник на Нобеловата награда за мир за оваа година е Марија Корина Мачадо, политички лидер на опозицијата во Венецуела, заради нејзината посветеност на демократските права на својот народ. Со тоа малку се смирија полемиките околу Нобеловата награда за мир.
Денес е голем празник на Република Македонија (РМ): Ден на востанието на македонскиот народ. На тој ден почна Народно Ослободителната Борба која со децении ја именуваме со кратенката НОБ и така е влезена во нашата историја. Но по промена на уставното име на РМ, „Македонската опера и балет“ е преименувана во „Национална опера и балет“ и сега на скратено ја викаат НОБ. Ги молам надлежните органи во државава да го вратат старото име на оваа уметничка куќа (МОБ), а НОБ и понатаму да нé потсетува на нашата Народно Ослободителната Борба која нема врска со опера и балет.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје











