Основата за ветото на Бугарија е оспорувањето на историјата на Северна Македонија, конкретно – како бугарската окупација на земјата за време на Втората светска војна се учи во училиштата, статусот на македонскиот јазик и нерешениот проблем со бугарското малцинство во Северна Македонија.
Политизирањето на процесот на интеграција во ЕУ од внатрешни и странски актери, ја нахрани широко распространетата идеја дека политичката волја за прифаќање на Северна Македонија во ЕУ е поважна од спроведувањето на внатрешните реформи содржани во условеноста на ЕУ.
Всушност, една неодамнешна анкета покажа дека 49% од граѓаните на Северна Македонија веруваат дека причината поради која земјата не е во можност да се приклучи на ЕУ е затоа што соседните земји го попречуваат нејзиниот пат кон ЕУ, додека само 31% веруваат дека тоа е поради недостаток на внатрешни реформи, што создава лажна перцепција за домашниот демократски потенцијал, и простор за префрлање на вината и за политичка манипулација со императивните демократски реформи.
Странски влијанија како значајна закана за стабилноста и демократијата
Незадоволството од актуелната влада, за која граѓаните сметаат дека нема влијание во надворешните работи на државата, и генерално опаѓачката доверба во ЕУ, влијааат врз политичките и општествените процеси, отворајќи ги вратите за надворешни актери како Русија, Кина, Турција и арапските држави од Персискиот Залив – да вршат влијание.
Русија е особено активна во обидот да го изврши своето влијание во Северна Македонија, користејќи тактики како што се дезинформации и пропаганда, обезбедување финансиска поддршка на политичките партии и вклучување во сајбер напади.
Руското влијание особено се фокусираше на политичките и економските институции во земјата за да ги поткопаат демократските процеси и да ги унапредат нејзините интереси.
Во една изјава, Олег Шчербак, поранешниот руски амбасадор во Северна Македонија, издаде предупредување по одлуката на земјата за влез во НАТО. Тој изјави дека: „ако дојде до конфликт меѓу Русија и НАТО, вие [Северна Македонија] ќе ја имате улогата на легитимна цел.“
Влијанието на Кина во Северна Македонија е првенствено економско, фокусирајќи се на трговијата и инвестициите, преку иницијативи како „Појас и Пат“ и „Соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа“. Сепак, кинеските инвестиции се обвиени со корупциски скандали и допрва треба значително да придонесат за економскиот развој на земјата.
Кинеските проекти, особено инфраструктурните проекти, обично ја занемаруваат социо-економската и финансиската одржливост и регулативите на ЕУ, што доведува до високи нивоа на долг и прекршување на воспоставените антикорупциски механизми во земјата.
Таков беше случајот со автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, кинеска инвестиција која беше обвиена со корупциски скандали врзани со високи функционери, меѓу кои и поранешниот премиер Груевски.
Јавното мислење покажува предност за земјите од ЕУ и Г7 како економски партнери во споредба со Кина. На Кина и недостасуваат значителни платформи за промовирање на својата идеологија и се соочува со културни разлики што го ограничуваат нејзиното влијание.
Турција, земја со историски и културни врски со Северна Македонија, исто така, се обидува да го прошири своето влијание, особено меѓу етничкото албанско население, користејќи главно техники на мека моќ преку стипендии, образовни размени, инвестиции во културни институции и за историски знаменитости. Турција обезбеди финансиска и политичка поддршка на различни албански политички партии и организации за да ги унапреди своите регионални интереси.
Влијанието на Турција во Северна Македонија е генерално помало, за што сведочи недостатокот на одговор од македонската влада во врска со „ѓуленистите“, но нема сомнеж дека земјата е присутна преку нејзините многубројни пристапи.
Покрај овие актери, и различни екстремистички групи, исто така, се обидуваат да го извршат своето влијание во Северна Македонија, особено преку ширење на екстремистички идеологии и радикализирање на ранливите групи.
Странското влијание во Северна Македонија претставува значајна закана за стабилноста и демократијата на земјата и за да се намали, бара заеднички напори и од домашните и од меѓународните актери. Без кредибилен надворешен поттик од ЕУ, недостатокот на доверба во визијата на локалните политичари може да игра значајна улога во слабеењето на демократијата.
Инвестициите во создавањето поддршка од долу нагоре за демократијата се клучни за Северна Македонија. Западните сојузници мора да го искористат вакуумот создаден од војната во Украина. ЕУ мора да развие подобра комуникациска стратегија во однос на нејзините инвестиции, помош и поддршка во Северна Македонија. ЕУ исто мора да го обнови својот кредибилитет во Северна Македонија преку суштински ангажман на двете страни за решавање на македонско-бугарскиот спор.
Иако анкетите на јавното мислење покажуваат дека ЕУ е витален играч и може да продолжи да нуди вистинска опција наспроти напредокот на авторитарните земји, поддршката постојано опаѓа. ЕУ и земјите-членки на ЕУ мора да помогнат за создавање на конструктивен дијалог. Демократските сили мора да инвестираат во градење на внатрепартиска демократија за да го ублажат потенцијалното влијание од третите актери преку локалните политичари.
На крајот, потребни се внатрешни напори за борба против корупцијата и градење на независно судство со цел државата да може успешно да се спротивстави на потенцијално малигните влијанија. Во двете области реформите најмалку напредуваат. Покрај тоа, двете области се клучни во градењето доверба во политичкиот систем.
Влијанието на нелибералните странски актери може да се намали како што се намалува корупцијата, а правдата се зајакнува, и затоа е неопходно да се врши континуиран притисок врз политичките актери да продолжат со реформите.
Останува едно прашање: Дали напорите на ЕУ ги даваат посакуваните резултати во однос на демократизацијата? Дали ние правиме доволно за развивање на нашата демократија? Јавното мислење и развојот на настаните укажуваат дека одговорот на ова прашање е не.
Антидемократските чувства кај граѓаните се сѐ уште силни и после три декади демократија, а надежта за развој на демократско општество полека бледее.
Влора Речица
Текстот е напишан како дел од проектот „Западен Балкан на крстопат: Демократско назадување и влијание на надворешните актери“ предводен од Прашкиот институт за безбедносни студии, подржани од National Endowment for Democracy (NED)











