Годината кога била напишана белешката (1906) е период на жестоки судири меѓу грчката, бугарската и српската пропаганда, вклучувајќи ја тука, не по своја волја, и Македонската револуционерна организација (МРО). Главна цел во националните планови на балканските држави била „освојувањето на телото и душата“ на селанската маса (претежно етнички македонска). Иако текстот претендира да биде етнографски, во суштината тој е чисто пропагаден запис, пишуван за да го потврди грчкиот национален наратив.
Драгумис започнува со опис на македонските селски жени на пролет, кои „облечени во бело со црвени престилки се како цвеќиња низ нивите“. Ги бележи специфичните регионални разлики во носијата: во Битолско – долги и повеќекратно замотани појаси со тешки, црвени, златно извезени престилки; во Дедеагач – полесни и пократки појаси; во Охрид – најубави везови, извезени ракави и долни рабови на здолништата. Иако на прв поглед изгледа како етнографска набљудувачка белешка, но под површината, овие описи служат за создавање „етничка карта“ не врз база на јазик, туку врз база на перцепции, емоции и идеолошки предрасуди.
Во продолжение, Драгумис, кој претендира да го опише народот што го набљудува, преминува во расистички и деградирачки квалификации. „Славофоните“, пишува тој, „ќе ги експлоатираат посилните племиња“, „можат да станат што сакаш – Грци, Бугари, Срби“ „се мека и млака маса“, за на крај да „заклучи“ дека „се нечисти“. Тој ја артикулира тогашната грчка стратегија: „славофоните“ не се посебен народ, туку неоформена, „безбојна“ маса што силните (Грција, Бугарија, Србија) може да ја моделираат.
Забелешките на авторот за „нечистотија“, валканите јагнешки кожи, и описот како „жените уринираат стоејќи“ го покажува наративот кој единствено имал политичка функција, односно да создаде чувство на културна супериорност, да ги прикаже Македонците како „нецивилизирани“, неспособни за национална самостојност и да ја оправда грчката паравоена интервенција во османлиска Македонија (1904-1908).
Ова е во духот на ориенталистичкиот поглед кој Грците и Европејците во тоа време го имаат за „балканските селани“.
Проф.д-р Димитар Љоровски
Славофони селани (1906)
На пролет жените, бидејќи се облечени во бело со црвени престилки, се како цвеќиња низ нивите.
На нивите близу до Битола носат еден појас многу пати замотан околу нивниот струк. И одозгора имаат една тешка црвена престилка, тврда и златно извезена на крајот.
Во селата на Дедеагач не носат толку долги појаси ниту такви тешки и тврди престилки.
Во селата на Охрида везат најдобри везови; крајот на ракавите и здолништата е извезен.
Славофоните ќе ги експлоатираат како што и ги експлоатираат посилните племиња кои се пополитизирани и поспретни од нив, Грците, Бугарите, Србите; и можат да станат што сакаш, било Грци било Бугари било Срби. Тие се една мека и млака маса која можеш да ја обликуваш како сакаш.
Тие се нечисти.
Во неделите во Дедеагач се чисти, жените се преоблекуваат секоја недела и не ја вадат облеката до другата недела. Спијат со нив.
Јагнешките кожи што ги носат во селата на Битола се највалканите кожи што сум ги видел некогаш.
Жените уринираат стоејќи, отворајќи ги нозете. Носат само чорапи, до коленото, и ништо друго одоздола од нивната долга кошула.
[Ион Драгумис]











