Принципите на оваа иницијатива се едноставни, но длабоки: почитување на различноста на цивилизациите, посветеност на заедничките човечки вредности и одбивање на наметнување на моделот на една нација врз друга. Како што забележува мојата канадска колешка и пријателка Радика Десаи, иницијативата има цел да отвори простор за свет што се движи кон поголема рамноправност, признавајќи дека секое општество има свој пат на развој.
ГЦИ не стои самостојно. Таа се потпира и надоврзува на културната и филозофската димензија на пошироката рамка утврдена во уставната и стратешката мисла на Кина: концептот „Заедница со заедничка иднина за човештвото“. Овој концепт тргнува од едноставна премиса: човештвото е меѓузависно, не само материјално, туку и во секој друг поглед. Мирот, развојот и правдата се универзални стремежи, но начинот на нивното остварување не може да се диктира од еден центар на моќ (т.е. една цивилизација). Оваа визија е заснована на коегзистенција, а не на хиерархија.
Додека делови од светот стојат на работ на амбисот, чекајќи го исходот од најновите закани на Доналд Трамп, Кина продолжува да го прави она што најдобро го знае: ја зајакнува промоцијата на дијалогот и соработката. Така, деновиве, годишната конференција на Боао Форум за Азија се одржува во провинцијата Хинан и ја бележи својата 25-та годишнина со темата „Обликување на иднината заедно: нови трендови, нови можности и нова соработка.“
Контрастот не може да биде поочигледен: едната страна зборува на јазикот на принуда и брутална сила, а другата се фокусира на координација за развој и заедничка иднина. Додека Пекинг артикулира визија на цивилизациска коегзистенција, Вашингтон продолжува да издава ултиматуми и да ветува Армагедон. Во случајот на Западна Азија, јасно се гледа дека логиката на ГЦИ не само што се игнорира, туку активирано се негира. Ескалирачката војна предводена од Соединетите Американски Држави и Израел против Иран и Либан (а геноцидот во Газа се шири и на Западниот Брег) не е изолиран настан, туку дел од долг континуум на империјални интервенции. Тоа е продолжение на модел во кој цели општества се дестабилизирани, не затоа што ја загрозуваат глобалната безбедност, туку затоа што имаат ресурси или се спротивставуваат на вклучување во редот доминиран од САД.
За да се сфати сериозноста на моментот, треба да се потсетиме на блиското минато. Земјите кои сега се воена цел ги знаеме од училишните читанки. Тоа се Месопотамија, Левант и Персиската рамнина. Тоа не се ни периферни ни неважни простори. Таму лежат темелите на човечката цивилизација. Но, во изминатите две децении тие систематски се подложени на уништување во име на „слобода“ и „безбедност“. Во Ирак, инвазијата во 2003 година го разгради државниот апарат, го ограби културното наследство и отвори циклус на насилство кое се чувствува и денес. Во Сирија, прокси војната ги претвори историските градови, како Алепо, во урнатини. Во Либија, функционалната и социјална држава беше разурната, оставајќи зад себе фрагментација и отворени трговски пазари за робови. Овие не беа ненамерни последици; тие беа предвидливи исходи на интервенции водени од промена на режими и геополитичка контрола.
Истата логика сега се применува на Иран. Но Иран не е само уште една цел. Тој е поголем „залог“: цивилизациска држава со континуирано историско присуство од илјадници години. Постојаната демонизирачка кампања против „мулите“ (преку нелегални санкции дизајнирани да ја задушат економијата, да осиромашат и задушат, но и тајни операции, политичка дестабилизација и отворена воена агресија) е обид да се неутрализира независен центар на моќ. И потоа да се влијае врз клучниот ривал – Кина. Ова не е прашање на демократија или човекови права; ова е битка за опстанок за Иран но и глобално прашање на спречување на свет во кој Соединетите Американски Држави се и натаму како збудален Самсон. Но овој пат, САД и Израел се соочија со отпор без преседан: Иранците не сакаат да капитулираат и дури навестуваат можност да ги поразат империјалните сили.
Гледано од наша перспектива, на ум ми доаѓа уште еден историски контраст. Александар Македонски навистина го освоил Персеполис во 330 п.н.е., со воена кампања. Дури и прекрасниот град ќе биде запален (некои велат во пијанство, други велат намерно). Но, сепак, дури и во победата, Александар покажал степен на респект кон цивилизацијата што ја поразил. Античките извори бележат дека му оддал почит на Кир Велики, усвоил елементи на персиската култура и задржал елементи на персиска управа. Овие дела беа делумно прагматични, но исто така зборуваат за разбирање дека и поразените не се лишени од вредност.
Модерниот хиперимперијализам, пак, се заснова на далеку поразурнувачка логика. За него алтернативните цивилизации се пречки кои треба да се уриваат, наместо соговорници со кои треба да се дискутира и од кои може да се учи. Ова не се гледа само во политиката, туку и во културните наративи кои ја деградираат целата персиска култура, за што еден мал пример е познатиот филм „300“, каде Персија е сведена на карикатура на варварство. Современата империјална политика не бара синтеза; таа бара подаништво. Не ја признава плуралноста; ја наметнува хиерархијата.
Во овој контекст, кинеската идеја за „Заедничка иднина“ не е утопија, туку неопходен контрапункт на систем што сè повеќе се движи кон самоуништување. Ние сме во ера каде последиците од империјалната разулавеност ја надминува регионална нестабилност. Затоа, современиот империјализам достигнува нов праг на варварство. Тоа веќе не се дефинира само преку разурнување на градови и култури, туку преку спремноста да се ризикува глобална катастрофа во обид да се задржи падот на империјата. По ужасите видени во Газа, веќе не може да се зборува за случајности или исклучоци; империјата има систем во своето лудило.
Рамката на ГЦИ инсистира на друга логика: цивилизациите мора да коегзистираат, различноста не е закана, а преживувањето зависи од соработка, а не од доминација. Како што потсетува Радика Десаи, Маркс и Енгелс предупредија дека јазикот на „цивилизацијата“ може да се оружје за оправдување на потчинетост. Всушност, целиот колонијализам почива на таа „цивилизациска мисија“ на Западот, од кои цели општества не можат уште да се опорават. Денес, ова предупредување добива ново значење. Тие што тврдат дека ја штитат „цивилизацијата“ буквално ги разурнуваат нејзините темели, додека оние прогласени за непријатели се борат да го зачуваат својот историски континуитет и опстанок.
Да заклучиме: од едната страна стои визија (колку и да е можеби спора и без ефикасни механизми) за коегзистенција, меѓусебно почитување и мултиполарност. Од другата страна е систем што не толерира алтернативи и затоа се обидува да ги елиминира. Влогот веќе не е апстрактен. Разурнувањето на цивилизациите не е регионална трагедија; тоа е загуба за човештвото како целина. Во време на нуклеарно оружје и еколошка криза, продолжувањето на империјалната логика носи последици што ги надминуваат било кој конфликт. Историјата нема да го суди ова време според моќта, туку според длабочината на разурнувањето или способноста да се спротивстави на него. Прашањето веќе не е дали го препознаваме ризикот, туку дали постои народна и политичка волја да му се спротивставиме.
Времето истекува.
Билјана Ванковска










