вторник, 10 јуни 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Бизнис и моќ наспроти страст и традиција: газдите во НБА и Евролига

Во глобалниот кошаркарски амбиент, НБА и Евролигата претставуваат два целосно различни екосистема, и тоа не само во стилот на игра, туку можеби највеќе, во сопственичката филозофија.

Двете лиги имаат извонредни таленти, двете лиги се инспирација за навивачите иако нивната посветеност се манифестира на дијаметрално различен начин, двете лиги во најголема мерка имаат распродадени арени на натпреварите, двете лиги имаа максимална медиумска покриеност… но, се чини дека главната разлика е во луѓето кои седат на врвот на организациската пирамида  – сопствениците на клубовите, газдите кои своите клубови ги поставиле и ги раководат на фундаментално различен начин. Нивниот пристап кон клубот и спортот има големо влијание и врз организацијата на лигите и дава увид во тоа зошто кошарката различно функционира и различно се доживува на двете страни на Атлантикот.

Бизнис магнати наспроти патрони

Во НБА, сопственоста на еден клуб е пред сѐ деловен потфат со исклучително висок влог. Клубовите обично се купуваат од милијардери или инвестициски фондови кои пред сѐ имаат за цел поврат на инвестицијата и зголемување на капиталот, а потоа и проширување на брендот врз други бизниси.

Да го земеме за пример Стив Балмер, газдата на ЛА Клиперс. Поранешниот ЦЕО на Мајкрософт, своето богатство од 123 милијарди долари го изгради како акционер во фирмата во која работеше и управуваше цели 34 години. Клиперси ги купи во 2014 за тогаш рекордни 2 милијарди долари, со визија не само за клубот, туку и за проширување на неговите бизнис инвестиции. Преку базата на навивачи на овој клуб, стигна до сите НБА фанови нудејќи им го Кортвижн (Courtvision), иновативна онлајн веб-апликација дизајнирана со цел кошаркарските тимови, тренери и играчи да ги анализираат своите настапи. Го основа и Клипервижн (ClipperVision), стриминг услуга што нуди повеќе преноси истовремено со т.н. „фризирана реалност“ (AR:augmented reality) која овозможува да се следат натпреварите во живо, но со компјутерски генерирани податоци, видеа и слики кои гледачот сам ги селектира во реално време додека трае средбата. На овој начин Балмер влезе во иновативна стриминг дистрибуција на спортски медиуми избегнувајќи ги класичните кабловски телевизии. Притоа врз база на оваа платформа, веќе работи на понуда на други содржини надвор од спортот. Се разбира оваа услуга функционира врз систем на претплата и му носи значителен профит. Неодмна влезе во инвестиција на Интуит доум (Intuit dome), нова технолошки футуристичка арена вредна преку 2 милијарди долари, лоцирана во Игнлвуд. Инвестицијата му дава право на сите приходи врзани са арената како изнајмување за настани, целокупниот простор со продавници, кино сали, ресторани, паркинзи и сл., но и право на продажба на името на арената што носи двоцифрени милионски проходи на годишно ниво. Само како пример, Стејплс центар (Staples centar), арена каде што Клиперси и Лејкерси сега ги играат своите натпревари и која со своите 27 години веќе се смета за застарена, се согласи да се преименува во КриптоКом Арена (Crypto.com) за наредните 20 години за сума од 700 милиони или 35 милиони долари годишно. Со ваквите свои бизнис активности Балмер придонесе вредноста на клубот од 2 милијарди во 2014, да порасне на 4,8 милијарди во 2024 или за 280 милиони долари во секоја година во која тој е сопственик.

Наспроти ваков студиозен бизнис пристап, разработен до детали и со визија уште пред да се влезе во НБА бизнисот, повеќето сопственици на Евролигата повеќе личат на покровители и патрони отколку на бизнис ориентирани газди. Да го земеме за пример Панатинакос, сопственост на семејството Јанакопулос,  еден од 4-те тима што се пласираа во годинашниот финален турнир на Евролигата. Димитрис Јанакопулос е финансиски тајкун со неговата фармацевстка компанија Вианекс и најголем акционер во Суперфудс, компанија за производство на природни прехранбени суплементи. За разлика од Балмер, Јанакопулос во сопственоста на клубот не гледа бизнис, туку како што самиот изјавува, тоа за него е „семејно наследство и прашање на честа“. Тимот го наследи од неговиот татко, Павлос, кој го крена Панатинаикос во вистински европски кошаркарски гигант. Тргнувајќи од таа позиција, станува јасна и неговата емотивност во однос на клубот и избувливост кон се што го лимитира неговиот престиж, како кон менаџментот на Евролигата, така и во однос на сопствениот менаџмент, кон судиите, па дури и кон играчите. Во знак на протест во 2020-та, а и годинава, се закани и дека ќе го повлече тимот од Евролигата, а често својата фрустрација, на нималку џентлменски јазик, ја изразува на прес-конференции и на социјалните мрежи. За Евролига во една прилика изјави дека е „спортска мафија“, постојано критикувајќи ги судиите како „продолжена рака“ на највлијателните лица од менаџментот на лигата. Оваа година по поразот од Анадолу Ефес, повторно да се закани со напуштање на лигата. Негова мета беа и играчите, а познати се неговите судири, до физичка пресметка, со Дино Раџа и Василис Спанулис. Сѐ спротивно од тоа што се смета за нормален профи однос, прифатлив во НБА. Со тој негов пристап, Јанакопулос е повеќе патрон отколку бизнис ориентиран сопственик на клубот.

Се разбира, голем дел од овие фрустрации се резултат на темпераментот на газдата на Панатинаикос, но друг, можеби поголем дел се должи на постојаните финансиски загуби на клубот иако со години е меѓу најдобрите во Европа. Годинава, Јанакопулос најави инвестиција од 35 милиони евра, од кои 20,5 милиони во играчи и управување со клубот, а 15 милиони во реновирање на ОАКА аранета која, по долго лобирање, најпосле му е препуштена на управување од државата. Од друга страна, доколку стане првак, годинава Панатинакос од Евролигата ќе добие 1,76 милиони евра, скоро 12 пати помалку од тоа што го вложува во тимот. Од влезници и други приходи врзани за посета на натпреварите, клубот не може да смета на повеќе од 10 милиони, а од локален маркетинг уште 3 до 4 милиони. Јасно е дека неговото „семејно наследство“ го чини повеќе од 10-тина милиони годишно.

Но, ваквиот однос кон клубовите и лигата објективно во голема мерка е резултат и на различната поставеност на кошаркарскиот бизнис во Америка и Европа.

Франшиза наспроти клупски модел

НБА тимовите работат во затворен систем на франшиза. Нема промена на статусот или испаѓање од системот, а секој тим учествува во приходите од медиа права, продажба и лиценцирање. Сопствениците купуваат удел од лига која има приоритет на паритет и колективно договарање и има максимална глобална изложеност.

Во Евролигата клубовите се натпреваруваат во хибриден систем. Некои тимови како Реал Мадрид, Панатинаикос, Барселона, Фенербахче, Монако имаат постојани лиценци за учество, а други се квалификанти со непостојан статус. За разлика од НБА, лошите резултати можат да значат и испаѓање од најелитното клупско натпреварување. Со тоа сопствениците се соочуваат со поголема неизвесност и проблеми во планирањето на бизнисот. Годинава лигата размислува за проширување на 20 тимови, пред сѐ со цел да се задржи постојаноста и сигурноста на клупското финансирање.

Стабилност наспроти променливост

Сопственоста на НБА клуб е неверојатно стабилна. Тимовите се купуваат и продаваат преку процес на проверка/ветинг и остануваат врзани за најпотентните маркетинг пазари, а рамномерната поделбата на приходите остварени преку лигата, лимитите за плати и даноците за луксуз создаваат објективни услови за работа, давајќи фер шанса на сите сопственици.

Во Европа, нестабилноста е норма. Буџетите се различни од година во година во зависност од сопственичките амбиции, политичките промени или економската нестабилност. Некои тимови испаѓаат од Евролигата поради финансиски проблеми, други  пак остануваат конкурентни благодарение на постојаната поддршка поврзана со прелевањето на средства од фудбалските клубови како Барселона, Реал и Баерн, или од големи корпорации како Анадолу Ефес, Армани Милано, или од милијардери мецени како Монако.

Медиуми, маркетинг и идентитет

Сопствениците на НБА го врзуваат бизнисот со забава во т.нар. спортејмент (sportainment), кованица која јасно го изразува пристапот и на газдите и лигата кон кошарката. Спорт, но и забава за сите што ќе дојдат во арената или гледаат преку медиуми. На тој начин се привлекуваат и оние што не се хардкор навивачи за максимизирање на присустноста во арените, но и пред екраните. Тимовите во НБА се имот и содржина на лига вредна милијарди долари која знае да се продава самата како бренд, но и кошарката како спорт и забава.

Во Европа, маркетингот е помалку униформен и повеќе локализиран. Повеќето сопственици гледаат мал поврат на инвестициите од глобалната изложеност на лигата, а тоа што им се враќа најчесто е врзано за нивниот пазар. Со оглед на тоа дека пазарот од година во година е сѐ поскап и  издатоците за тимот се сѐ поголеми, домашниот адвертајзинг врзан за кошаркарката како спорт е лимитиран, а маркетингот на лигата е далеку од својот потенцијал, притисокот кон сопствениците е сѐ поголем со што односот кон кошаркарскиот бизнис го прави сѐ поличен и поемотивен. Тоа се пресликува и на навивачите кои со максимално емотивен набој влегуваат во секој натпревар посебно против финансиски најпотентите тимови и традиционалните ривали.

Управување и влијание

Сопствениците на НБА колективно ја обликуваат и развиваат политиката на лигата преку Одборот на гувернери. Нивното влијание е институционално и решавачко. Тие ангажираат комесари, одобруваат промени во правилата, преговараат за медиумските права и за принципите за поделбата на финанскиот колач. НБА Комесарот во име на клубовите преговара и со здружението на НБА кошаркари за нивните права.

Во Евролигата моќта е фрагментирана. Како акционери во приватната компанија Комерцијален имот на Евролигата (Eurolegue Commercial Assets) која управува со Евролигата, фигурираат клубови со долгорочни лиценци како и долгорочните инвеститори, но националните федерации, домашните лиги и ФИБА имаат одредено, не занемарливо влијание. Некои од сопствениците се ставени во ситуација на непропорционална моќ во управувањето во зависност од историјата на нивниот клуб, степенот на финансиско изложување или заради потенцијалот на нивниот пазар.

Два модели, но една страст

Сопствениците во НБА играат ладнокрвна бизнис игра. Инвестираат во лига која ветува сигурност, јасна структура и постојан раст. Сопствениците во Евролигата често се водени од страст, финансирајќи тимови кои се промовираат како национални симболи или се буквално лични семејни наследства. Во првиот систем се промовира мерливоста и стабилноста, во другиот страста и емоциите. Разликата во пристапот потврдува дека кошарката, иако е глобална по својата привлечност, сепак е многу локална во својата манифестација, но и во визијата на оние кои ги пишуваат чековите.

Тоа јасно се изразува и во претходната споредба меѓу Балмер и Јанакопулос: едниот пресметлив, аналитичен и глобално ориентиран, другиот емотивен, личен и локално ориентиран. Едниот управува со бренд во еден глобален конгломерат за забава, другиот управува во стил на политичка фигура, национална икона и чувар на традицијата. Но, и кошаркарските фанови од двете страни на атлантикот на некој начин ја поддржуваат ваквата поделба. Оние од другата страна одат на спортејмент со желба за квалитетно поминато време, овие од оваа страна одат на натпревар за да победат. Едните скандираат „одбрана“ и сакаат да ги видат ѕвездите на противничкиот тим во акција, другите пеат химни за својот тим, а противничките играчи им се најголеми непријатели. Едните се фокусирани колку на самиот натпревар, толку и на забавната димензија на натпреварот. Другите се целосно посветени на резултатот, стратегијата, попречување на ривалот, лојалноста кон клубот, па дури и кон притисок врз судиите. Затоа натпреварите од Евролигата, иако квалитативно посиромашни со ѕвезди, се многу поинтензивни, пожестоки и со огромен емотивен набој. И двете искуства се автентични на свој начин: НБА го нагласува гламурот, престижот и индивидуалниот талент, додека Евролигата се фокусира на на тимот и традицијата и страста. Навивачот од овие натпревари си заминува со различно искуство, но без оглед кој пристап ви „лежи“ повеќе, не пропуштајте го и другиот, затоа што секако има што да се види и таму, а на крајот, и на двата безусловно ќе можете да ја почувствувате магијата на кошарката.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Љубомир Николовски

НБА Финале  –  гледачите на тајм аут!

Билјана Ванковска

Новиот храбар свет

Христијан Илиевски

Зошто Трамп го сака Гренланд?

Ристо Цицонков

Нoва давачка: јаглероден данок

Илинден 1903: Предадената револуција на македонскиот народ

Драган Даниловски

Здравството не е трошок, туку предуслов за просперитет (приказната за Асклепиј)

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ