понеделник, 2 февруари 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Бeзбедност за кого? За истражувачите или истражуваните!?

Заминав во пензија како професор со 42-годишно искуство во академската сфера, со посебен акцент на политичките и безбедносните студии. Сепак, се чини дека времето ме гази, па не стасувам да ги разберам најновите „изуми“ (се разбира, увезени од Западот).

Еве, да умрев вчера, немаше да знам дека концептот на безбедноста се „збогатил“ со уште еден вид, и тој се однесува на академската слобода! Кој ли ја напаѓа, се прашав кога првпат слушнав за т.н. истражувачка/академска безбедност. Уште поинтересно е дека ме просветли една невладина организација (или можеби тинк тенк е). Значи, концептот не е автохтон, не доаѓа од академската сфера, туку е инфилтриран преку невладиниот сектор, со грант на американска амбасада. Генијалните „идеи“ за новиот концепт на „истражувачка/академска безбедност“ се дериват на геополитичката параноја и лудило кое го тресе светот.

Дотичната невладина организација почна да објавува тези и препораки во оваа насока од почетокот на оваа година. Така, покрај различните видови „безбедност“ (воена, политичка, технолошка, сообраќајна, еколошка, безбедност на храна и вода, енергетска, и каква ли сè не), сега се збогативме со нов концепт. Ќе помисли човек, сè е безбедност и безбедноста е сè. Уште поинтересно е што најновиот изум доаѓа од лица кои не се дел на академската фела.

Да бидам искрена, првата куса вест за ова „чудо“ допре до мене случајно пред неколку месеци. Имено, на Правниот факултет, оваа невладина организација презентирала наоди од истражувачки проект за академската соработка меѓу Македонија и Кина. Ова е всушност многу добра тема за анализа, имајќи го во вид фактот што кинеските научни институции уриваат рекорди со искачување на врвот на Шангајската и другите ранг листи во академскиот свет. Од друга страна, нашите власти постојано инсистираат на Шангајската листа, а од македонските универзитети се бараат чуда – без инвестирање во високото образование. Покрај тоа, Кина навистина нуди извонредни услови за стипендирање на странски студенти на нивните извонредни универзитети (за разлика од САД кои ги бркаат).

Она што ме зачуди (ама не за долго) беше фактот што грантот за овој проект стасал од Американците. Втората чуденка беше презентацијата на проектот пред затворен круг на поканети гости, лица од менаџментот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, лица од амбасадата донатор и факултетот-домаќин. И секако, соработниците на „Естима“ – невладината која го реализирала проектот. Од времето кога студирав на Правниот факултет знам дека тој располага со голем амфитеатар. Поточно, тој има просторни и други можности да ги отвори портите за настан од ваков вид и да обезбеди транспарентност и споделување на сознанијата (тоа модерно се вика дисеминација). И секако, критичка дебата. Ништо од тоа! До моментот кога тезите за „истражувачката безбедност“ не почнаа да се пласираат преку социјалните мрежи.

Се разбира, овде не станува збор за безбедност при истражувањето (на пример, во лаборатории, болници и слично), туку – просто кажано – за „заштита од лошото кинеско академско влијание“. Сето тоа е стокмено на начин да не се сетиме, ама пораката (особено за учените луѓе и оние кои се заинтересирани за кинеските постигнувања) е примена. Според „Естима“, а согласно западното разбирање, истражувачката безбедност барала „јасни насоки, силни институции и информирани истражувачи“. Покрај тоа, додаваат дека „транспарентноста, управувањето со ризик и градењето знаење за Кина се клучни за одговорна меѓународна академска соработка“. На социјалните мрежи, на 9 јануари прашуваат дали знаеме што е тоа истражувачка безбедност. И даваат (ненаучен, туку геополитички) одговор завиткан во обланда: „Истражувачка безбедност значи заштита на академската слобода, податоците, знаењето и интегритетот на истражувањето во меѓународната академска соработка. Таа не е забрана за соработка, туку алатка за одговорна интернационализација, како и информирани, одговорни и транспарентни партнерства“.

Овој орвелијански јазик не бара поголем напор за дешифрирање. Во теоријата, ние препознаваме класичен пример на т.н. секјуритизација (жалам за англицизмот, но досега не најдовме соодветен термин на македонски). Тоа е процес во кој едно суштински небезбедносно прашање се става во безбедносен контекст, што потоа отвора бескрајни можности за специјални, па и вонредни мерки за обезбедување на „безбедноста“. Така, во име на безбедноста (па, еве, и на истражувачката) одговорните можат да подигнат аларм или да се повикаат на итни „безбедносни мерки“ или безбедносен менаџмент. За што? За истражувачка академската работа! Изгледа пак се враќаме на базичните идеи на универзитетска автономија (гарантирана со Устав). Треба ли да се враќаме на есенцијалните поими на слободата на критичко мислење, истражување без предрасуди, а во функција на општото добро? Тешко ми е и да замислам колеги на високи универзитетски позиции како слушаат за вакви изуми, кои вештачки се внесуваат во академската сфера, правејќи ја „внимателна“ и со свест дека некаде постојат замки и закани – главно од кинеска страна. Оној дел кој инсистира на „заштитата на податоците“ ме прави да се смеам на глас. Кои тоа генијални податоци да ги чуваме? Ние, „генијалците“ ќе внимаваме Кинезите да не научат или „украдат“ нешто од нас! Да не е трагично би било смешно. Плус тоа, нели треба да објавуваме?

Досега, за волја на вистината, академската слобода и универзитетската автономија повеќе ни ја загрозувале властите – вазалски и апологетски настроени кон сè што доаѓа од Запад, но параноични кога е Кина во прашање. Од наодите на невладината има само една работа која држи вода: да, точно е дека академската соработка со Кина е повеќе фрагментирана и случајна, отколку осмислена. Зошто? Па затоа што овде и кога не држат пендрек врз тебе, знаеш кога треба да замолчиш – или одбиеш проект, патување, конференција. За да не те регистрираат американските губернатори. Ако имаш Фулбрајт, тогаш си супер. Но, ако си зел кинеска стипендија, хмм… ќе те држиме со низок профил, да не расипуваш општ впечаток. Пред неколку години се обидував да посредувам кај факултетското и универзитетското водство за склучување меморандум за соработка на еден повеќегодишен проект со престижен кинески универзитет. Но, цврстото „НЕ“ одолеа на сите обиди. Неодамна УКИМ беше примен како член на големата научна асоцијација АНСО – ама никој не смее ни да ја сподели веста, не пак да се пофали со честа. Ах, да! Точна е и препораката на Естима дека треба да учиме повеќе за Кина (ама не од причините кои тие ги подразбираат). Јас би го формулирала „да учиме и за и од Кина“, ама кој ме прашува мене.

Иако поводот овде ми е еден проект (се насекирале Американците дека ќе научиме од Кина нешто, па нè ставаат под контрола и „интернационализација“ – што и да значи тоа), сепак ова со што тој се занимава веќе постои во стварноста. За жал, повеќето млади се веќе „вестернизирани“ преку образованието и на други начини, до степен на градење предрасуди од политички и културен карактер. Ја следат онаа невидлива, ама веќе појасна линија на разграничување на „наши“ против „ваши“. Иако науката, ако е наука, не познава таква поделба, туку е во функција на хуманоста, добрината, мирот и убавината.

Кога неодамна зборував со еден од моите најдобри студенти за можност да се јави на конкурс за учество на младинска размена во Кина, тој искрено ми кажа дека има малку скепса затоа што „тоа е авторитарна, еднопартиска држава“ (сè спротивно од она што го научиле преку часови, семинари, обуки и сл.). Му реков: „Зошто да не бидеш љубопитен? Оди со отворени очи и ум и самиот донеси заклучоци. Иако со една посета не можеш да дознаеш сè, но сигурно ќе знаеш нешто од прав рака наместо да ти кажуваат на проекти како да си го чуваш „интегритетот“. Навистина, неговите стравови дека ќе го превоспитуваат идеолошки се покажаа неоправдани, а виде што значи вистински напредок во технологија, роботика, градежништво, негување култура и слично.

Неодамна ја слушнавме сторијата за еден кинески студент на биомедицина во Сиетл (Gen-Z), Алекс, кој со видео стории ја покажал општата беда на американското општество и здравство. Имено, за да се издржува почнал да работи како форензички асистент, што вклучувало и справување со починатите бездомници без семејства. Митот за американскиот сон се урнал за час, преку прикажување на животот на маргините (луѓе кои работат и по неколку работи за да преживеат, а не можат да платат елементарни здравствени услуги). Всушност, тоа пред повеќе години го прикажа и Мајкл Мур во „Сико“, ама младите сега го именуваат со израз позајмен од видео-игрите kill-line: состојба во која ликот со кој играте е на линија на исцрпност и нема повеќе „животи“. Откако дигнал бура во јавноста, Алекс итно се вратил во Кина. Дебатата за Западот продолжува на Истокот.

Во врска со главната тема, моја препорака: штом чуете збор „безбедност“ бидете внимателни! Тој збор знае да биде и манипулативен и понекогаш го подразбира обратното (ќе ја жртвувате слободата и творештвото, а особено колегијалната соработка, во име на некаква безбедноста, која е само друго име на застрашување. На научните патеки, ако се вистински, единствената „опасност“ што ве чека е да научите нешто ново и оригинално и/или самите да придонесете во општочовечкото знаење за светот од минатото, сегашноста и иднината.

       Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Александар Стојановски

Виктор Орбан и миграциското прашање: политиката што ја смени Европа

Љубомир Николовски

Февруарска НБА берза

Александар Иванов

Иран како „клучниот бедем“ на Евроазиската безбедносна архитектура

Билјана Ванковска

За кого бијат камбаните?

Ристо Цицонков

Приоритет – производство на базна електрична енергија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ