четврток, 1 јануари 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Бeз илузии во новата година. Venceremos!

Искрено, не сакам резимирања на календарската година која заминува. Тоа ме потсетува на едни прилично здодевни теми од раните училишни години, кога секој од нас знаеше дека ќе треба да пишува на теми кои се повторуваа („Како го минав летниот одмор“ или „Падна првиот снег“, и сè во тој стил).

Откако станав редовен колумнист, од пред отпрлика четврт век, постојано се борев со овие предновогодишни моменти. Најчесто подлегнував на инерцијата и пишував, секогаш во обид тоа да биде со различен пристап. Најважната работа е да се каже студено, но рационално и логички дека 1 јануари не може да биде поинаков од 31 декември само затоа што се сменил календарот. Втората теза ми била во духот на Гринџ, оној кој не го сака „теророт на среќата“ за време на празниците (без оглед дали Божиќ се одбележува по еден или друг календар, во демекеври или јануари), вклучувајќи ја и Новата година. Во нашиот дел од светот, постои и терор на полни стомаци (трпези, пијанки и веселби) баш како да е крај на светот! Онаа српска поговорка „удри бригу на весеље“, сите овде сме ја попримиле. Овој период од годината се нижат и цела серија верски празници (од втората половина на декември, Св. Никола) до крајот на јануари (Водици). Луѓето, дури и најсиромашните, го вадат последниот денар за да си приуштат задоволство. И првенствено, заборав. Тешко се живее под постојан притисок и страв, сиромаштија, распаднат јавен систем, несигурност и лична и колективна. Затоа, славењето има доза на тага, бунт и заборав. Барем за миг.

Она што, сепак, денес ме тера да се осврнам на 2025 година и оваа што ќе ја наследи, е длабоката грижа за тоа каде оди човекот, светот. Веројатно секоја генерација си имала вакви моменти кои се чинат моменти на драматичен пресврт: или кон подобро или кон најлошо. Деновиве некој баш ме потсети на новогодишното писмо на Маркс до Енгелс (од 1861): „Дозволи ми однапред да ти посакам сета среќа во Новата година. Ако биде барем малку слична на старата, јас, од своја страна, попрво би ја препуштил на ѓаволот.“

Еден личен пријател, кога е загрижен за мојата психофизичка состојба, ме потсетува: Билјана, што ѝ да направиш, нема да го смениш светот. Одмори. Светот ќе оди каде што решил да оди и твоите коментари нема да го сменат текот на настаните. Му простувам; тој само се грижи за мене.

Камарадите од левицата повторуваат: дефетизмот е контрареволуционерен; не смееме да дозволиме да нè совлада. Револуционерниот порив и борбата продолжуваат без оглед на датумот. Колегите, пак, од областа на истражувањата на мирот и конфликтите потсетуваат дека инсистирањето на тезата која сè почесто се форсира во глобалниот (главно западен) јавен простор дека третата светска војна е веќе во тек, исто така, водат кон очај и пасивност пред „неизбежното“. Таквата дијагноза означува фатален крај: тоа повеќе ја наметнува идејата за „еутаназија“ на лекување на болното глобално општество. Левичарите и мировниците се разликуваат во многу нешта, но и споделуваат заедничка желба за поправеден свет, еманципација на човекот, крај на експлоатацијата и милитаризмот. Јас и натаму се наоѓам на клацкалката на песимизмот на умот и оптимизмот на волјата за непредавање пред силите на злото.

Прогнозата за 2026 не бара да си Касандра: борбата (со сите средства и капацитети) не само што треба да продолжи, туку и да се интензивира. Не смееме да дозволиме „лошите“ (какистократите на власт) да се поорганизирани од нас. Како човечки суштества, но и како општества, немаме многу време за мудрување, геополитички анализи, теориски елаборации… А состојбата е на поликриза: не знаеш од каде да почнеш! Сепак, и кога ја сфаќам сложеноста на моментот, на прво место ми доаѓаат на ум децата на Газа. Каква срамота за сите нас како човештво (ако можеме така да се наречеме) да наоѓаме причини за среќа и веселба во време на отворен геноцид, кој не престанува дури и за време на божемно примирје. И сето тоа (да биде иронијата поголема) на земјата на која се родил и чекорел Исус. Всушност, во негово име и за негова „сметка“, Доналд Трамп ја бомбардираше Нигерија, додека уживаше во божиќната веселба на неговиот кичест дом во Мара-Лаго. Но, ајде да кажеме дека и борците заслужуваат мигови на личен спокој и среќа, за да можат да продолжат да се соочуваат со грдотијата и злото на западниот гнилеж. Освен тоа, ние на „Западот“ (или на неговата периферија) сме веќе зависници од „црнила“, од песимизам, тешко успеваме да сфатиме дека светот не е Запад. Има делови на светот кои имаат право да се задоволни од среќата која самите ја создале за себе и своите заедници.

Одамна заклучивме дека Трамп не смее да биде ни почеток ни крај на секоја длабока анализа за дегенерацијата на светот. Тој е само симптом на болното американско општество. Гангрената на мегаломанијата и хубрисот се шири и на европскиот континент, кој веќе не месечари, туку отворено се подготвува за војна со Русија. За таа болештина најважна задача е да се спречи евентуален мировен договор меѓу Киев и Москва. Тоа на Трамп му ги пореметува другите воинствени планови (а ги има многу, почнувајќи од Венецуела, која е фактички нападната држава без оглед што нема инвазија на трупи).

Кога ги редам во мислите најдраматичните настани од 2025 година, повторно се „сопнувам“ на Трамп (иако често се чини дека тој не е домаќин ни во својата куќа, зошто оние околу него умешно му работат и зад грб; тоа не го ослободува од одговорност). Листата на држави, кои од стапувањето на функција до денес, ги има бомбардирано неговата администрација и Министерството за војна го опфаќа: Авганистан, Иран, Ирак, Сирија, Сомалија, Нигерија, Јордан, Јемен, Либан, Карибите, Венецуела… Да не заборавивме некого? Да! САД се соучесник во геноцидот во Газа! САД ја кршат Повелбата на ОН секогаш кога отворено се закануваат со воена сила – без оглед која е адресата. Нивните обоени револуции (рпоеман на режими) не престанаа, само го сменија ликот. Секогаш кога ќе чујам дека З-генерацијата се кренала на некаков „спонтан“ бунт против корумпираните елити почнува да ми свети црвениот аларм. Тоа е ребреднираната обоена револуција.

Покрај САД, Израел и Европа се најголемите милитанти во светот, кои уште и мантраат за мир. Точка. Без американска поддршка Израел немаше да може да го прави неказниво ова што е најголем злостор врз цивили во нашата ера (по холокаусотот и Хирошима и Нагасаки). Дали знаете дека и во самоодбрана се вршат воени злосторства? Да, такви имавме и за време на југословенските војни во 90-тите. Но, светот не трепнува ни кога се нападна Иран или сега се загушува Венецуела или бомбардира Нигерија. Светот не препознава ни што се случува со протестите на Балканот (Бугарија, Србија, Албанија или дури и Унгарија).

Да се свртиме кон оној Левијатан – НАТО! Големите „успеси“ на Украина (терористички напади на цивилни објекти и лица) не се возможни без сателитско и друго наведување на НАТО. Ако Американците знаат за тоа – соучесници се, иако божем преговараат за мир. Ако не знаат, тоа значи ни НАТО не е она што беше. Освен тоа, 2025 година ќе ја запаметиме (особено ние посиромашните држави членки на НАТО) и поради Хашкиот самит на кој сите здружено се согласија да го помогнат американскиот воено-индустриски комплекс со издвојување од 5% од БДП. Тоа за Трамповата администрација е бизнис зделка, не ги интересира ни социјалната цена, ни дестабилизацијата што настапува, протестите на земјоделците или работниците. Битно е да се врти пара. Па таман и милитаризацијата да доведе до нуклеарен судир или внатрешна дестабилизација.

А 2025 година можеше да биде и инаква: замислете година во која светските лидери ќе си подадеа рака на 80-та годишнина од завршувањето на Втората светска војна, а САД ќе се извинеа и покајаа за употребата на атомските бомби врз Јапонија! Јапонија ќе се извинеше за ѕверските злосторства сторени во Кина и другите боишта. Наместо тоа, оваа годишнина покажа дека раните останале закопани, милитаризмот и фашизмот само си го смениле ликот, а фарсата на Европскиот мировен проект пукна како балон од сапуница. Заедно со јапонскиот „мировен устав“.

Војната на царините покажува дека таа не се води само со воени средства. Хегемонот е подготвен на сè. Европа е во делузија дека е голема и важна сила. Но, мене повеќе ме интересира што навистина прави БРИКС+? Ако се направи карта на светот со жаришта (т.е. места на кои се замешаа Американците и генерално Западот), можеме да зборуваме за војна против светскиот поредок во создавање. Замешателството од Авганистан, до Шинџијанг и Тајван, па преку Ерменија и Иран, до Западна Азија, Нигерија и Венецуела, заедно со бранот на крајните десничарски режими во Латинска Америка, растот на популарноста на Болсонаро (иако во затвор) и веењето на знамиња со ликот на Пиноче во Чиле – сето тоа треба да се гледа заедно, бидејќи заедничкиот именител е саботирање на незападната визија, или поточно визијата на Глобалното мнозинство за поправеден свет.

Сликата е со темни бои. Ние од левицата баш и немаме со што да се пофалиме кога сме пожестоки во нападите внатре во своите редови и во фрагментацијата, отколку во обединувањето. Цензурата се нормализира. Гласните мировници се „животни во изумирање“. Академската заедница се милитаризира. Од каде побогу да тргнеме? Можеби од себе лично. Деновиве со восхит го слушав данскиот научник, инжењер и експерт за дронови, професор кој ја напуштил професорската работа кога сфатил дека проектите на кои работи се нарачани за вепонизација на сите цивилни сврхи за кои можат да служат дроновите. Додека го слушав ме потсети на едно старо предупредување на преумниот Хауард Зин, кој велеше дека науката не е неутрална, дека треба да биде или етична или дека ќе послужи за уништување на човештвото. Ако секој од нас собере храброст да каже „НЕ“ на инволвирањето во милитаристичките структури, тоа ќе биде голем чекор. Секој оној кој нема да се исплаши од „рестриктивите“ мерки на Кала Калас и Урусла фод дер Лаен и ќе продолжи да зборува гласно и да ја кажува вистината е наш пример и херој. Поврзувањето е од суштинска важност: во локални, регионални или глобални групи! Само така ќе знаеме дека не сме сами. Што би рекол нашиот Кочо Рацин, така ќе дознаеме дека „не сме саде ние, та не сме саде тука, ние сме по цел свет“.

Не очекувајте среќа во 2026, туку труд, борба и подготвеност за саможртва.

Ќе победиме! VENCEREMOS!

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Аeрозагадувањето на градовите и решенија како да се намали и отстрани...

Алекандар Иванов

Македонија АД: Земја каде граѓаните станаа „несакан трошок“

Љубомир Николовски

Кошаркарска симфонија во „забавена снимка“

Братислав Димитров

Дали играте девојко?

Алис Тејлор

Сојузник или непријател? Комплексната природа на влијанието на Турција во Албанија

Александар Иванов

Геополитичкиот рефлекс на Босфорскиот престол

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ