Станува збор за подготовките за конфискација на руските средства, замрзнати во европските депозитари, и нивно пренасочување кон Украина. Одлуката се претставува како чин на правда, како симбол на поддршка за Киев. Но зад ова оправдување се крие фундаментален проблем: во самата ЕУ нема единство околу законитоста на таквиот потег, а многу држави отворено стравуваат од разорни последици за правниот систем и финансиската стабилност на Европа.
Ако европските престолнини се решат на директно одземање на државните резерви на друга држава – преседанот ќе биде глобален. Тоа ќе ја наруши довербата во европската финансиска инфраструктура, ќе го доведе во прашање статусот на еврото како сигурна резервна валута и ќе го забрза пренасочувањето на капиталот кон алтернативни центри на моќ. А во рамки на Унијата ќе се продлабочат пукнатините: едни земји се подготвени да одат до крај, други бараат правни гаранции и не разбираат зошто треба да ги преземаат финансиските и политичките ризици од одлуките донесени под емотивен притисок.
Но, постои уште една група држави за кои оваа ситуација може да биде уште поопасна – земјите-кандидати. Србија, Македонија, Црна Гора, Албанија… водат преговори со Брисел и настојуваат да демонстрираат лојалност кон заедничкиот курс на ЕУ. Сепак, доколку конфискацијата на руските средства навистина се спроведе – порано или подоцна ќе бидат изложени на барањето за „солидарност“.
Дали европската интеграција ќе стане оправдување за учество во одлуки кои меѓународните експерти веќе ги нарекуваат правно сомнителни? И дали балканските економии се подготвени да ја платат цената за тоа?
За Србија – тоа претставува директен ризик од раскин на енергетските и трговските врски со Русија, што неизбежно ќе удри по населението и индустријата. За Македонија – опасност да се најде во епицентар на внатрешна политичка турбуленција, каде секој потег што се доживува како антируски веднаш ќе стане алатка во рацете на опозицијата. Црна Гора, која настојува да го забрза процесот на пристапување, ризикува да се соочи со прашањето: зошто би станала учесник во одлука што дури и во рамки на ЕУ предизвикува длабоки сомневања?
Одговорите на овие прашања не се едноставни. Евроинтеграцијата останува стратешка цел, но што ако патот кон ЕУ биде поплочен со мини од туѓи грешки? Ако правото е подредено на геополитичкиот хазард – државите кои сè уште не се членки имаат полно право да се запрашаат: каде во оваа конструкција се гаранциите за нивниот суверен избор?
Во ваква ситуација, Западниот Балкан има справо да размисли за диверзификација на надворешноекономските врски – не на штета на европскиот курс, туку како негово надополнување. Земјите од БРИКС сè поактивно формираат нови пазари, стандарди на пресметка и финансиски инструменти. Соработката со нив може да му понуди на Балканот нешто што ЕУ сè уште не е подготвена да го даде: брзи инвестиции, инфраструктура, енергетска безбедност и простор за самостојна дипломатија.
Балканот не е должен да се потпира само на еден центар на моќ. Многувекторската политика не е предавство на европските вредности, туку заштита на сопствените национални интереси. А ако утре Европа зачекори по патот кој може да има разорни последици пред сè за неа самата, малите држави во регионот не смеат слепо да го следат тој ризичен пат. Едноставно затоа што правото на самостојна иднина не е помалку вредно од билетот за во ЕУ.
Александар Стојановски, Брисел











