Новите сознанија за оваа грчко-бугарска координација се однесуваат на индикаторите дека Грција е во „стратешка дилема“ (од формалниот тип „затвореничка дилема“ или „дилема на кукавица“) кога се работи за прашањето дали ако утре Скопје стане членка на ЕУ, наредната генерација на овие „северно-Македонци“ би ја раскинале (или „поништиле“) Преспанската спогодба. А во овој тренд е и договорот со Бугарија.
Независно од фактот што ние „знаеме ЗА НАС“ дека ниту една генерација Македонци нема (никогаш) да се осмели да ги раскине нелегитимните и етноцидни договори, за Грција и натаму останува таа „стратешката дилема“, според која аналитички не смее да се допушти веројатноста да се случи ова сценарио (т.е. раскинување/поништување) во кое било време во иднината! И сега, на ова место настапува координацијата во која Грција (според сознанија) инсистира и бара од Бугарија процесот на условување да се тегне до максимум (односно теориски до „бесконечност“).
Ако утре Сверна Македонија стане членка на ЕУ, веќе со ништо не би можела да биде уценувана, и природно некоја идна партија (од типот на Левица), од инает, би можела без последици да го оспори и раскине Преспанскиот договор. А вакво нешто од стратегиска гледна точка е неприфатливо и за Грција, како и за Бугарија.
Ќе заклучам дека поаѓајки од горе спомената стратешката дилема во која Грција и Бугарија се наоѓаат по прашањето за идентитетот на соседот (т.е. нашиот идентитет), дека единствена излезна стратешка опција е максимално да се опструира влезот на Северна Македонија во ЕУ, бидејќи само на таков начин ќе се обезбеди континуирана идентитетска редефиниција. Или поедноставено, „Република Северна Македонија” не смее никогаш (да се дозволи) да стане членката на ЕУ (т.е. не смее да се допушти никогаш оваа земја да се здобие со капацитетот за независно функционирање).
Во вакво светло, секој обид од македонската влада да побара посредништво (а во моментот бара од Австрија) ќе биде решително блокиран од бугарската страна (а тајно и од грчката дипломатија), така што македонската дипломатија и натаму ќе остане изолирана и од сите упатена само на разговори со Бугарија (а оваа нема да даде никакви отстапки, впрочем како и досега, а слично и во иднината). Генерално, РСМ никогаш нема да стане членка на ЕУ, бидејќи со зачленувањето Грција и Бугарија ја губат тактичката и стратегиската предност која моментално ја поседуваат. И натаму, според математичка анализа на стратешката дилема, се докажува дека: со зголемувањето на посредници (посебно пристрасните посредници од ЕУ членките) се намалува, а не зголемува веројатноста за решавањето на проблемот. Австрија исто како и Германија (а според ЕУ критериумите или всушност уцените) ќе ги поддржи ставовите на Бугарија (како ЕУ членка, имајќи го предвид и потпишаниот Протокол меѓу Бугарија и РСМ). А ако Бугарија и загуби дел од поддршката, на страна на бугарската дипломатија ќе се „нареди“ и ќе помогне и грчката дипломатија, која нема да ѝ дозволи на РСМ да однесе каква било победа по идентитетските прашања кои ги засегаат и двете земји на ЕУ, чија единствена заедничка стратегија е оспорување на македонскиот идентитет, односно трајното редефинирање на истиот.
Игор Јанев