Историски контекст (Картата на писменоста)
На таа карта е видлива бездната помеѓу териториите под владение на Австро-Унгарија и остатокот од Балканот. Оваа разлика е особено трагична кога ќе се погледнат податоците за писменоста на териториите под Отоманската империја, каде што спаѓала и Македонија сè до Балканските војни. И да се разбереме, тоа не е толку далечно минато. Тоа е времето кога се родени моите прародители.
Оваа „цивилизациска граница“ можеби најјасно е врежана во Сараево, кое и денес е поделено на исток и запад, но видлива е и во Белград, како и во делови од Романија. Ме притиска прашањето: дали овие разлики, по повеќе од еден век, се сè уште релевантни? Или, можеби поправилно е да се запрашаме – зошто во последните децении не успеавме да ги избришеме?
Шизофренија на меморијата и периодот помеѓу војните
Македонија има објективни причини за својата „шизофренија на институционалната меморија“. Таа е директен резултат на инфериорната позиција, особено по Балканските војни, кога земјата служеше само за поткусурување. Тој период ја носи најголемата трагедија на разнебитување на македонското национално ткиво, кое и покрај херојската борба за своја територија, не успеа да конституира своја држава. Затоа денес сме сведоци на изјави од соседите дека „тие нè ослободиле од Турците“. Во пријателски дебати често аргументирам: точно е дека вие командувавте со операциите, но населението што живееше овде беше она кое активно крвавеше за слободата.
Во меѓувоениот период, македонското ткиво, изложено на брутална асимилација и репресија, го роди едно од најагресивните и најорганизираните форми на политичко насилство во Европа. Тоа беше толку интензивно што стана повод за првите меѓународни правни кодификации за борба против тероризмот. Да не заборавиме, тероризмот, во својата дефиниција, е облик на политичко насилство наменето да сее страв заради остварување политички цели.
Кралството СХС и Тито (Политичката маестралност)
Создавањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) на тлото на Македонија се манифестираше преку еден од најрепресивните апарати во тогашна Европа, владеејќи преку подзаконски акти со законска сила, во перманентна вонредна состојба. Во такви услови, македонското население немаше никаква шанса да изгради своја интелигенција или слободно национално движење.
Тука доаѓаме до „политичката маестралност“ на Јосип Броз. И покрај своето формално ниско образование, надоместено преку „едукација“ во театарските кружоци и ноќните барови на Москва и Виена, тој успева да го воочи клучното: српскиот хегемонизам во Југославија е закана за самата федерација. Затоа, тој го поддржува создавањето на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија како противтежа.
Државотворноста (АСНОМ до 90-тите)
Така, пред 81 година, Македонија за првпат добива шанса за организирано државно делување. Тоа подразбираше создавање интелигенција, образовен систем, безбедносен апарат и култура – темелите на секоја здрава социјална хиерархија. А социјалната хиерархија е иманентен дел од битието на Хомо Сапиенс, вградена во нашиот еволутивен развој.
По 1944-та, ние успешно ги градиме столбовите: Националната библиотека, првиот Универзитет, МАНУ, па дури и првото црковно осамостојување. Колку и да сме свесни дека двоглавиот византиски орел симболизира поделба на власта, не можеме да ја негираме важноста на организираната религија, особено во држави базирани на византиските принципи. Црквата беше чуварот на идентитетскиот код – кој од 9-тиот век до денес е доминантно словенски и христијански.
Вториот универзитет се формира во 1979 година, потпирајќи се на најстарата членка – Институтот за тутун (1922). Низ целата држава никнуваат театри и домови на култура. Ако земеме предвид дека тргнавме од НУЛА, растот на социјалната интелигенција во тие први децении е импресивен.
Декаденција и партизација (Клучниот проблем)
Имајќи го ова предвид, се поставува прашањето: зошто во последните децении, наместо развој, живееме декаденција? Како е можно во функционална држава да се протестира за некој Закон да не важи?
Институциите се составени од луѓе кои се движат во рамки на правила – пишани (норми) и непишани (етика, морал, деонтологија). Зошто првите луѓе на осамостојувањето не успеаја да ја продолжат хуманата димензија на развојот? Ако ги анализираме владите, ќе забележиме тренд на опаѓање на авторитетите. По експертската влада, секоја наредна сè потешко можеше да се пофали со вистински капацитети, а тоа ниво вртоглаво се урниса по 2001 година.
Тука неминовно стигнуваме до политичките партии. Во нив владеат критериуми sui generis, каде првиот и најважен услов е лојалноста. Но, не лојалност кон идејата или државата, туку лојалност кон Лидерот. Ако имате два субјекти – едниот со став и знаење, а другиот без свое мислење (или спремен веднаш да го смени за да биде „на линија“) – партијата секогаш ќе го избере вториот. Се сеќавам на еден директор на Државен инспекторат кој покажа пркос и остана доследен; за жал, неговиот став не преовлада. Системот го исфрли.
Феноменот „Наше дете“ и убиството на меморијата
Оваа негативна селекција започнува од најниското ниво. Човекот што носи 200 гласа во месната заедница е критичен по важност во изборот на градоначалник, кој по обичај во псоледно време како да мора да биде доктор, по можност специјалист . Таа логика се пресликува насекаде: при вработување, во управни одбори, при именување министри и нивните советници. Тоа е раководење без лидерство, самопотврдување БЕЗ самоактуелизација.
Овде би нагласил една самоубиствена тенденција. Замислете еден студент, посветен, кој учи на државен универзитет, зборува англиски, кинески, свири пијано. Се подготвува да и служи на државата во дипломатијата или безбедноста. Реторичкото прашање е: дали тој ќе биде селектиран?
Или предност ќе има фамозното „наше дете“, за кое „се подразбира дека знае англиски“ (а што ќе му е друг јазик?). Овој феномен е убиецот на нашата институционална меморија. Селекторите се локални моќници кои оперираат со валутата на гласови, а не со валутата на компетенции.
За разлика од нас, во развиените либерални демократии (па дури и во Кина), политичарот се гради од најрана возраст. Тој мора да има компетитивен дух, волонтерско искуство и докажана експертиза. Лојалноста и таму постои, но таа е дополнителен, а не единствен критериум.
Институционален дисконтинуитет и заклучок
Кај нас, секоја промена на власта значи „ресет“ на системот. Нема никаков континуитет. Проектот „Полиција во заедницата“ се промовира како откровение веќе 20 години. Сведоци сме на бизарни ситуации каде со месеци немаме регистарски таблички или обрасци за пасоши, само затоа што „се местат коцките“ за нови тендери.
А врв на апсурдот е китењето со туѓи перја – сечење ленти за проекти завршени 90% од претходникот, или како денес во Скопје, најави за тунели кои инвеститорот веќе ги изградил и платил. Тоа е навреда за интелигенцијата на секој што памети подалеку од вчерашниот ручек. Длабоко сме навлезени во колективна рационализација – психолошки механизам со кој си наоѓаме оправдување за сопствената неодговорност и мрзеливост.
Како да излеземе од оваа жива кал?
- Враќање на политичката сатира. Да научиме да им се смееме на глупостите на власта (која и да е) во реално време. Смеата е првиот чекор кон критичката свест.
- Култура на поддршка на подобрите. Покрај грижата за ранливите, мораме да ги стимулираме оние над просекот. Тие се задушуваат во ова просечно мочуриште.
- Рационализација на администрацијата. Ние сме мала држава која измислува „Национални координатори за дебатни клубови“ со астрономски коефициенти. Тоа мора да престане.
- Вистински, а не телевизиски експерти. Партиите мора да сфатат дека интелектуалниот крем не е во нивните редови. Треба да го користат знаењето на професионалците, наместо да ни сервираат партиски послушници кои на вести ни објаснуваат дека „е незаконски да се вози без возачка“.
Развојот на мислата бара слобода, а не грч. Решенијата често се логични и едноставни, само треба да се почитува здравиот разум. Оти, како што рекол мудриот Соломон: „Сè е суета и нема ништо ново под сонцето“. Затоа, нека нашата парола за промена биде: Знаење, работа, доблест.
Александар Иванов










