Секоја од тие кризни точки навистина има специфичен контекст, но кога се погледнуваат како целина, тие почнуваат да наликуваат на делови од една поголема и подлабока промена: забрзаната редистрибуција на глобалната моќ. Светот веќе не живее во самоуверената удобност на деведесеттите години, кога се веруваше дека либералниот модел, западната институционална архитектура и американската моќ ќе останат неспорна рамка на меѓународниот систем. Тој период заврши. Не преку еден формален историски настан, туку преку постепено насобирање на отпори, ревизии, понижувања, забрзан индустриски раст надвор од Западот и враќање на класичната геополитика.
Затоа и нашето време не треба да се чита само како збир на војни, туку како време на премин. Стариот униполарен поредок не исчезнал целосно, но веќе нема сила автоматски да ја наметнува сопствената волја насекаде и по секое прашање. Новиот поредок, пак, сè уште не е оформен, но има доволно тежина да ја оспорува старата хиерархија. Во вакви историски периоди се отвора најопасната зона: зоната меѓу две епохи. Токму таму се раѓаат латентните конфликти, таму се тестираат црвените линии, таму се судираат економијата, технологијата, енергијата и воената моќ. Тоа е просторот во кој денес живее меѓународниот систем.
| Во вакви историски периоди се отвора најопасната зона: зоната меѓу две епохи. Токму таму се раѓаат латентните конфликти, таму се тестираат црвените линии. |
Русија и Кина, секоја на свој начин, одамна ја сфатија суштината на поредок по завршувањето на студената војна. И двете беа интегрирани во западноцентричната светска економија, и двете влегоа подлабоко во институциите на глобалната трговија и финансии, и двете формално беа дел од системот. Но да се биде дел од системот не значи автоматски да се биде и креатор на правилата. Токму тука лежи клучната лекција што Москва и Пекинг ја извлекоа во различни темпа и со различни историски нерви. За Русија, која го доживеа распадот на СССР како пад од империјален врв во геополитичка дефанзива, тој процес произведе длабоко чувство на загубена тежина и понижување. За Кина, која влегуваше во подем, истото сознание доби многу помирна, трпелива и долгорочна форма: да, можеш да се збогатиш и да растеш во системот, но ако не ги обликуваш правилата, остануваш зависен од туѓа волја.
Еден од најсилните симболички моменти на руското отрезнување беше март 1999 година и потегот што подоцна стана познат како „Примаковата јамка“. Тогашниот руски премиер Евгениј Примаков, на пат кон Вашингтон, нареди авионот да се врати назад откако ја доби веста за почетокот на бомбардирањето на тогашната Сојузна Република Југославија. На прв поглед, тоа изгледаше како дипломатски гест. Но во суштина беше историска слика на новата реалност: Русија сфати дека нејзината волја може целосно да биде игнорирана дури и во европскиот безбедносен простор, и тоа во интервенција што се одвиваше без мандат од Советот за безбедност на ОН. Тоа не беше само надворешно-политички пораз. Беше порака дека Москва, барем во таа фаза, повеќе не поседува капацитет да ги брани своите интереси ни на терени кои долго ги сметаше за дел од сопственото политичко и безбедносно опкружување.
Оттука не треба да изненадува што во следните години Русија и Кина почнаа да создаваат формати што треба да го намалат нивното стратешко осамеништво. Шангајската организација за соработка не беше обичен дипломатски клуб, туку механизам за безбедносна координација во евроазиското внатрешно пространство, особено важен за стабилизирање на односите меѓу руската сила во опаѓање и кинеската сила во подем. Паралелно, БРИКС почна да прераснува од економски акроним во политички јазик на незадоволство од западната доминација над глобалните финансии, трговија и развојни институции. Ниту ШОС, ниту БРИКС не се компактни идеолошки блокови. Но тие се доволно јасен показател дека надвор од Западот созрева потреба за паралелни канали на влијание и за нова преговарачка рамнотежа.
Во истиот период НАТО продолжи да се шири на исток, а во Москва тоа не беше перципирано како неутрално институционално проширување на безбедносна заедница, туку како постепено стеснување на рускиот стратешки простор. Посебно болно беше прашањето за поставувањето инфраструктура за ракетно вооружување и антибалистички штитови во Полска и Романија. Официјалното западно образложение беше дека тие капацитети се дел од одбранбен концепт насочен кон потенцијални закани од Иран. Но Москва тоа го читаше поинаку: како нарушување на стратешкиот нуклеарен баланс во Европа и како материјализирање на недовербата во непосредна близина на руските граници. Тоа е важна поента, затоа што геополитиката не се води само од официјални образложенија, туку и од перцепции. А понекогаш токму перцепциите се тие што ги водат најопасните кризи.
Следниот силен сигнал дојде во 2008 година со кратката, но остра војна во Грузија. Таа беше порака дека Русија повторно е подготвена да употреби сила за да покаже дека прашањето за постсоветскиот простор не може да се решава без неа. Во суштина, Грузија и Украина беа две точки на иста стратешка линија. Ако и двете постепено се придвижат во НАТО, а на таа карта веќе се Турција, Романија и Бугарија, тогаш Русија ризикува да стане ирелевантен фактор во Црното Море. А Црното Море за Москва не е периферија. Тоа е геостратешки коридор кон Источниот Медитеран, Блискиот Исток и простор преку кој руската поморска моќ може да се прелева кон јужните театри. Оттука, за руската држава, црноморското прашање никогаш не било само регионално, туку егзистенцијално.
Кризата во Украина од 2014 година и отворената војна од 2022 година се најкрвавата фаза на тој долгорочен судир. Во западната јавност овој конфликт најчесто се чита низ легитимната призма на украинскиот суверенитет, а во рускиот дискурс низ наративот за црвени линии и историско-безбедносна нужност. И двете страни го сметаат сопствениот став за одбранбен, а туѓиот за агресивен. Токму затоа компромисот стана речиси невозможен. Но ако сакаме да ја разбереме структурата на конфликтот, не е доволно да зборуваме само за идентитет, геополитичка симболика или режимска контрола. Потребно е да се види и материјалната подлога на судирот. Тука влегува Донбас.

Донбас не е само територија со рускојазично население и политички поделени лојалности. Донбас е еден од ретките големи заокружени индустриски басени во Европа, регион во кој децении се вкрстувале рударството, енергетиката, металургијата и тешката индустрија. Тоа е простор каде може да се копа јаглен, да се произведува енергија, да се експлоатира железо, титаниум и други руди, а потоа тие суровини да ги се вметнат во локални металуршки процеси и индустриски синџири со огромна додадена вредност. Во тој екосистем постојат и гигантски индустриски преси, инфраструктура што не може едноставно да се пресели, како и фабрички капацитети способни да бидат важен дел од воено-индустрискиот комплекс. Кога се споменува Краматорск, не станува збор само за географска точка на картата, туку за симбол на тоа колку индустријата и војната се испреплетени во овој конфликт. Губењето или контролирањето на таков регион драматично ја менува економската и воената крвна слика на секоја држава.
| Донбас не е само територија со рускојазично население. Тој е еден од ретките големи заокружени индустриски басени во Европа… |
Од американска перспектива, украинската војна отвори двоен проблем. Прво, таа е скапа во политичка, финансиска и воено-логистичка смисла. Второ, таа ја врзува стратешката енергија на САД за европскиот фронт во време кога во Вашингтон одамна созрева уверување дека вистинскиот долгорочен ривал е Кина. Затоа не е чудно што во американските размислувања сè почесто се појавува потребата некои кризни фронтови да се стабилизираат, замрзнат или барем контролираат со пониска цена. Не затоа што САД се откажуваат од Украина, туку затоа што глобалната прераспределба на моќ не им дозволува бесконечно трошење во секој театар со ист интензитет.

Во таа поширока пресметка се појавуваат и други навидум споредни, а всушност важни точки. Венецуела е пример за тоа како енергетиката, регионалната хегемонија и старата американска логика на Монроовата доктрина повторно излегуваат на површина. Држава што е во американскиот двор и поседува огромен нафтен потенцијал не може да биде без значење во време на енергетски потреси и глобална конкуренција. Истата логика важи и за Гренланд и поширокиот Арктик. Тоа што пред една деценија на многумина им звучеше како геополитички егзотизам, денес станува сè пореално: со топењето на мразот се отвораат нови трговски рути, пристап до суровини и нова зона за надметување меѓу големите сили. Русија веќе има искуство, база и мразокршачи. Кина сака да биде присутна како „блискоарктичка“ сила. САД не можат да дозволат ваков простор да се отвори без нивна доминантна проекција на моќ. Затоа арктичкото прашање одамна не е маргинално.
Но колку и да се важни Украина, Венецуела и Арктикот, тежиштето на идниот глобален поредок се приближува кон Индо-Пацификот, а таму најопасната точка е Тајван. Во јавноста тој најчесто се спомнува поради микрочиповите, и тоа не е погрешно. Но тоа е само површината на проблемот. Вистинската важност на Тајван лежи во спојот меѓу високата технологија, географската позиција и логиката на морската моќ. На островот со децении е граден ултраспецифичен индустриски екосистем во кој најсофистицираното производство на полупроводници не е само прашање на фабрики, туку на цела мрежа од добавувачи, хемиски процеси, инженерски знаења, прецизна работна култура и длабоко вкоренета синхронизација. Теоретски, дел од ова производство може да се пресели. Практично, тоа не се прави брзо и без огромни последици. Во свет зависен од чипови за телефони, автомобили, медицински апарати, телекомуникациска опрема, дата-центри и напредни вооружени системи, секој сериозен прекин во тајванските синџири на снабдување би имал шокови што би се почувствувале речиси веднаш и речиси насекаде.

Но за Кина, Тајван не е само индустриски трофеј. Тој е геостратешки праг. Пекинг одамна ја сфатил суровата вистина дека интеграцијата во светската економија не е доволна ако нема способност за воена и технолошка автономија. Затоа Кина го разви сопствениот сателитски систем БЕИДОУ, за да не зависи целосно од американскиот GPS во клучните воени и цивилни функции. Затоа со неверојатна брзина ја гради морнарицата, од број на пловила до современи разурнувачи, подморници и носачи на авиони. И затоа Тајван добива уште поголема тежина. Додека островот останува надвор од кинеска контрола и додека првиот синџир на острови е потпрен врз американските сојузници, кинеската поморска сила нема целосно сигурен и слободен излез кон длабокиот Пацифик. Со други зборови, без решавање на тајванското прашање на начин што му одговара на Пекинг, кинеската морнарица останува делумно заклучена во простор што лесно може да биде контролиран и ограничен.

| За Кина, Тајван не е само индустриски трофеј. Тој е геостратешки праг… Без решавање на тајванското прашање, кинеската морнарица останува делумно заклучена. |
Тука влегуваат и сојузниците на САД: Јапонија, Јужна Кореја, Филипините, а секако и самиот Тајван. Овој појас не е само збир на држави, туку геополитичка бариера што ја држи американската доминација во Пацификот. Ако Кина еден ден успее да ја скрши таа бариера, не се менува само статусот на еден остров. Се менува рамнотежата на целиот Пацифик, а со тоа и рамнотежата на светската трговија, технологија и поморска безбедност. Затоа Тајванскиот теснец е повеќе од тесно грло. Тој е место каде би можела да се одлучува структурата на векот што започна.
Светот, значи, не оди нужно кон една класична светска војна по моделот на дваесеттиот век. Многу поверојатно е да влезе во подолг период на испреплетени кризи: регионални војни со глобални последици, сајбер-судири, технолошки блокади, трговски казни, енергетски притисоци, трка за суровини и демонстрации на поморска сила. Тоа е понеуреден, понестабилен и потешко предвидлив систем. Во таков систем не е доволно да имаш пари. Мора да имаш индустрија, енергија, рути, суровини, технолошка самостојност, капацитет за одвраќање и мрежа на сојузи. Тоа е суровата математика на новата ера.
А што значи тоа за Европа и за мали држави како нашата? Пред сè, дека заврши времето во кое можевме да веруваме дека геополитиката е далечна работа што се случува на други континенти. Европа повторно станува простор на тврда безбедносна пресметка. Но таа истовремено останува и нашиот природен цивилизациски, политички и економски гравитациски центар. За мали држави со ограничени ресурси, без голема воена длабочина и без можност самостојно да го апсорбираат ударот на регионални потреси, рационалниот избор е да останат во колективни рамки на одбрана и политичка координација. Но припадноста сама по себе не е доволна. Малите преживуваат тогаш кога покрај сојузите градат функционални институции, енергетска отпорност, технолошка писменост, стратешка култура и трезвена дипломатија.
| Прашањето повеќе не е дали светот се менува. Прашањето е со каква брзина, по која цена и дали малите држави ќе умеат навреме да ја разберат логиката на тие промени. |
Новата епоха нема да биде обележана со еден фронт, една декларација или една конечна победа. Таа ќе биде обликувана од долга борба за правила, рути, пазари, технологии и сфери на влијание. Од Донбас до Тајванскиот теснец, линиите на идниот поредок веќе се повлекуваат. Прашањето повеќе не е дали светот се менува. Прашањето е со каква брзина, по која цена и дали малите држави ќе умеат навреме да ја разберат логиката на тие промени. Во времиња на тектонски поместувања, најопасно е да се живее со илузија дека ништо суштинско не се случува.
Александар Иванов
(При подготовката на овој текст е користен GEMINI за структурна оптимизација и визуелизација на сликите според целосните упатства од авторот. Авторот ја задржува целосната одговорност за сите изнесени ставови, заклучоци и финалната верзија на текстот.)











