четврток, 1 јануари 2026
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Аeрозагадувањето на градовите и решенија како да се намали и отстрани (2)

Во претходната колумна објавена пред неколку дена беше нагласено дека главна причина за аерозагадувањето во Скопје и други градови во Република Македонија е греењето на домаќинствата и други објекти во кои престојуваат луѓе. Беа наведени и други причини кои имаат влијание, но тоа е доста помало.

Греење со дрво

Свежо исеченото дрво има вода околу 50% и тоа никако не смее да се користи веднаш за горење, туку мора да биде суво со соджина на вода од 15 до 20%. Ако огревното дрво е влажно над 20%, огнот не се разгорува како што треба, а дел од топлината се троши за испарување на водата наместо да се развие поголем пламен и повисока температура. А водената пареа излегува со димните гасови, и тоа е загубена топлина. При вакво неквалитетно согорување се таложат саѓи и материја слична на катран, а емисиите на честичките ПМ10 и ПМ2,5 се значително поголеми.

Во РМ како огревно дрво најмногу се користи даб и бука за кои е потребно сушење од 12 до 24 месеци за да се постигне 15 до 20% влага. Од друга страна, главниот снабдувач „Македонски шуми“ по сечата го испорачува дрвото до купувачите за две до неколку недели, значи со голема содржина на влага. Корисниците не се доволно упатени во овој проблем и користат влажно дрво за горење.

Во Стратегијата за енергетски развој на РМ е наведено дека над 60% од домаќинствата користат дрво како основно гориво за греење, а според Заводот за статистика на РМ тоа се околу 253.000 домаќинства. Тоа значи дека се работи за огромно аерозагадување од користењето на влажно огревно дрво.

Предлагам „Македонски шуми“ да ги чува дрвата под настрешница 6 до 12 месеци заради сушење и потоа да ги испорачува. Ова претпријатие е државно и има подружници (складишта) во сите градови во РМ во кои може да го спроведе овој начин на работа. Државата да наложи на националната телевизија (МТВ) секој ден во ударен термин да се емитува соопштение за некористење на влажни дрва за греење во зимската сезона. Слична кампања да емитуваат и другите ТВ канали со национална концесија.

Во некои одредени услови огревното дрво може да биде обновлив извор на енергија ако не врши аерозагадување (на пример во рурални средини), а притоа се користи соодветно исушено дрво и квалитетни печки со голема енергетска ефикасност.

Топлификација (т.н. „парно“)

Владата објави дека проблемот со аерозагадување на градовите во РМ ќе го решава со изградба на нови когенеративни гасни централи и соодветни градски мрежи за градска топлификација за загревање на домаќинствата и другите објекти. Ова може да биде само парцијално решение за дел од Скопје и уште еден или два града во државава. А што бива со другите градови во РМ кои се исто така многу загадени од греењето со дрва? Не верувам дека во сите ќе се градат гасни когенеративни централи.

Плус има дополнителни дилеми дали граѓаните ќе го прифатат овој градски централен систем, а нема закон со кој ќе се уреди задолжително приклучување. Овој концепт има и предности и неповолни страни кои не можам овде да ги анализирам заради ограничениот простор.

Ако владата го одбере решението со когенеративни централи, според мое мислење инвеститор треба да биде државата со најмалку 51% сопственост. РМ има голема потреба од базно производство на електрична енергија, а во случај на странски инвеститор ќе мора да купува електрична енергија на отворен пазар со доста повисока цена.

Ако се направи преглед на сегашниот градски систем за топлификација во Скопје, во топланите „Исток“ и „Запад“ има капацитет за производство со топлинска моќ од околу 440 MW со кои може да се покријат потребите за централно греење на околу 80.000 потрошувачи (домаќинства и други објекти), а приклучени се околу 60.000 потрошувачи. Ако на ова се додаде топлинскиот капацитет за греење на „ТЕ-ТО“ од 160 MW, веднаш се наметнува прашањето: зошто да се чека изградба на нови гасни когенеративни централи во Скопје? Значи, на располагање има доволен капацитет за илјадници нови корисници и тоа веднаш да се приклучат. Ако е така, зошто државата не презема мерки да ги информира граѓаните преку јавните медиуми?

Треба да се има предвид дека постојната градска топловодна мрежа во Скопје е многу стара (50 до 60 години), има делумно кородирани цевки и слаба топлинска изолација, како и големи загуби на вода и топлина. Но има и уште еден неповолен факт, а тоа е загубата на искусни инженери и мајстори од поранешната „Топлификација“ АД, како и одливот на млад стручен кадар во странство.

При изградба на нов систем за топлификација треба да се знае дека денес се применуваат нови концепти, се оди на помали топлински капацитети за одредени градски реони, температурата на топлата вода во цевките и грејните тела е пониска, се оди на нови извори на топлина наместо природен гас…

Ќе има и трето продолжение што ќе биде објавено по неколку дена во кое ќе бидат опфатени можностите за греење на просториите со природен гас и топлински пумпи. Целта е да се намали и отстрани аерозагадувањето на градовите во РМ.

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Бeз илузии во новата година. Venceremos!

Алекандар Иванов

Македонија АД: Земја каде граѓаните станаа „несакан трошок“

Љубомир Николовски

Кошаркарска симфонија во „забавена снимка“

Братислав Димитров

Дали играте девојко?

Алис Тејлор

Сојузник или непријател? Комплексната природа на влијанието на Турција во Албанија

Александар Иванов

Геополитичкиот рефлекс на Босфорскиот престол

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ