среда, 24 декември 2025
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Аерозагадување на градовите и решенија како да се намали и отстрани (1)

Деновиве прва главна вест на јавните медиуми беше енормното загадување на амбиенталниот воздух во Скопје и во другите градови во Република Македонија (РМ). Според IQAir и други меродавни институции градот Скопје беше неколку пати на прво место во Европа по загаденост на воздухот со ситни честички ПМ10 и ПМ2,5.

Министерството за животна средина известува/алармира кога е надминат критичниот праг на суспендирани честички ПМ10 над 150 μg/m3 во текот на два последователни дена. Воедно дава препораки до сите работодавачи да ги ослободат од работните обврски бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, оние што имале срцев инфаркт или мозочен удар и друго. Тогаш и Град Скопје јавно објавува препораки и презема пропишани мерки за заштита на граѓаните. А во уштина заштита нема, не ја гледаме.

Институтот за јавно здравје на РМ има објави дека во земјава годишно умираат околу 4.000 луѓе како последица на загадениот воздух. Тоа е катастрофа! Според УНИЦЕФ: секој деветти смртен случај во земјава кај новороденчиња е поврзан со аерозагадувањето. ТВ каналот Еуроњуз соопшти дека РМ е со најмногу починати лица како последица од аерозагадувањето. На ова треба да се додаде и голем број луѓе на кои големото загадување остава трајни здравствени последици во животот.

Ова се познати работи што се повторуваат секоја година во текот на грејната сезона. И Владата и градската власт изјавуваат дека претходната власт не направила ништо да го реши овој голем проблем. Но еве сега тие подготвиле стратегија за спречување на аерозагадувањето, ама тоа не може да се реши „преку ноќ“. А јас велам дека има решенија и тоа „преку ден“.

Првин би сакал да кажам нешто околу причините за големото аерозагадување во градовите во РМ.

Последниве неколку години градежната експанзија во земјава има голем замав, најмногу во изградба на патишта. Но има експанзија и во изградбата на згради во Скопје, Охрид и други градови. Владата објави дека изминатава година се издадени голем број градежни дозволи. Тоа се кажува како позитивен податок бидејќи така се зголемува БДП на државата.

Велат побарувачката за станови е голема, па не само што се гради повеќе, туку и цените по квадратен метар се зголемја речиси двојно. Според мене, главната причина за ова е што дел од граѓаните имаат големи штедни влогови во банките кои даваат камата нула на обични депозити, а на орочени депозити од 1 до 2%. Тие се пониски од инфлацијата која изнесува околу 4%. Затоа, многу граѓани решаваат да ги вложуваат парите во станови. А изградбата на згради, особено во Скопје, од друга страна, има влијание на аерозагадувањето. Се претпоставува дека околу 33% од становите во градот Скопје се празни. А во одредени делови од градот Скопје (центар, Водно, Карпош…) се гради зграда до зграда. Во таква густина на изграденост природното струење на воздухот е намалено. Не само што има влијание на аерозагадувањето, таквата бетонизација влијае и на создавање т.н. топлински острови во летниот период така што надворешната температура во Скопје надминува 42оС. Очигледно профитот на градежната мафија има предност пред здравјето на граѓаните. А најмногу страдаат малите деца.

Пред земјотресот во Скопје (1963 г.) имаше фабрики во блиската околина на градот. Но по земјотресот се дозволи неконтролирана градежна експанзија така што градот со околу 170.000 жители порасна (денес) на околу 600.000 жители. Но има нешто неповолно во таа експанзија, а тоа е што големите фабрики, кои што беа во околината, сега се во самиот град. Па цела индустриска зона во Автокоманда сега е во самиот град, да наведам само неколку фабрики: Железарница (комплекс од фабрики), Скопска пивара, Европа, Алкалоид, Жито-Лукс, МЗТ (комплекс), цементарница УСЈЕ-Титан… Сите тие имаат преземено мерки за почист воздух, но состојбата кај некои од нив не е со целосно чисти решенија.

Преку јавните медиуми гледаме/читаме за причините за аерозагадувањето со ситни ПМ честички во Скопје и во многу други македонски градови. Притоа се наведуваат следниве: загревање на домаќинства и други објекти, сообраќајот со патнички возила, емисии од индустриски објекти, градежни активности на отворен простор, палење на отпад и друго. Но факт е дека (големо) аерозагадување се јавува само во текот на грејната сезона. И во лето има сообраќај на возила, работат фабриките, но загадување нема или е мало освен при инцидентно палење на некоја депонија. Значи може да се заклучи дека главната причина за аерозагадувањето на градовите е од загревање на домаќинствата и други објекти во кои престојуваат луѓе. Се разбира дека и другите спомнати причини имаат влијание, но тоа е доста помало.

Во продолжението што ќе биде објавено по неколку дена ќе дадам предлози и решенија за начини на греење на просториите/зградите, а со цел да се намали и отстрани аерозагадувањето на градовите во РМ.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Александар Иванов

Балканот во сенката на Украина: помеѓу историјата и хибридната иднина

Перо Димшоски

Кaко до членство во ЕУ? Лично искуства

Марија Коробар Белчева

Уште еднаш за јубилејот

Александар Стојановски

Европа плаќа и за војната и за корупцијата

Весна Попоска

Како хибридните закани ги користат граѓанските слободи за да ја поткопаат...

Билјана Ванковска

Кафкијанскиот запад: од владеење на правото до ерата на избришани личности

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ