понеделник, 8 декември 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

2027 – Нова ера во европската кошарка?

Aмбициозниот план на НБА за лансирање професионална кошаркарска лига во Европа, со таргетиран датум од октомври 2027 година, полека влегува во реализација. Овој масивен потфат на НБА, поддржан од ФИБА, има две основни цели: проширување на глобалното влијание на НБА, но сигурно многу повеќе, искористување на она што комесарот на НБА, Адам Силвер, го нарече пазар на „неискористени пари“. Според внатрешните проекции на НБА, европскиот и блискоисточниот кошаркарски маркет е проценет на потенцијални 3 милијарди долари годишни приходи. Финансиските перспективи секако се огромни, но проектот се соочува со сложен пат до реализација, особено во однос со постоечката структура на Евролигата.

 

Зборувајќи на фудбалскиот бизнис форум на Универзитетот Бокони во Милано, претседателот на НБА Европа Џорџ Ајвазоглу го прецизира долгонајавуваното проширување на НБА на европскиот континент со лига од 16 тимови. Планот опфаќа 7 држави и 12 градови со исто толку клубови, плус уште 4 кои би се квалификувале за влез во оваа лига.

Таргетирани се најголемите економски центри во Англија – Лондон и Манчестер, во Шпанија – Мадрид и Барселона, во Германија – Берлин и Минхен, во Италија – Рим и Милано, во Франција – Париз и Лион, во Грција – Атина и во Турција – Истанбул. Ајвазоглу не открива многу детали околу називите на клубовите. Дури остава можност да се формираат сосема нови клубови или да се возобноват некои што имаат голема историја, но веќе не постојат, како поранешниот римски гигант Виртус. Меѓутоа не крие дека сите учесници треба да имаа неограничена поддршка од големи компании или спортски институции и дека за таа цел се разговара со најголемите фудбалски клубови во Европа, како Манчестер Сити, Милан, ПСЖ, Баерн, Реал… Тоа се клубови што имаат огромна база на навивачи во светски рамки. Засега е познато дека НБА Европа стапила во контакт и со големи инвестициони фондови, со приватни еквити фирми и, интересно, со богати семејства. Ова последното многу веројатно е насочено кон семејството Ал Тани од Катар кои се сопственици на брендот Пари Сен Жермен и семејството Ал Нахјан од Абу Даби, сопственици на ФК Манчестер Сити. Семејство Ал Нахјан кое своите инвестиции ги реализира преку инвестиционен фонд, од поодaмна изрази интерес за сопственост на НБА клуб во САД, но правилата на НБА лигата засега не дозволуваат инвестициски фондови да имаат поголемо учество од 20% во еден клуб. Нивната желба за аквизиција на НБА клуб е поттикната и од нивниот партнер во Манчестер Сити, инвестициската фирма Silver lake од Њу Јорк, кои сега се носители и на разговорите со НБА Европа. Најавениот процес за формирање на лигата се одвива забрзано, а датумот за старт е најавен за октомври 2027. Дека по оваа најава НБА нема намера да се премислува потврдува и фактот дека за големи пари веќе се ангажирани експерти од една од најголемите американски и светски банки JPMorgan Chase и Raine Group да направат план, да бидат дел од советодавното тело за финансии и стратегија и да лоцираат потенцијални големи спонзори. Според Ајвазоглу, Европа и Блискиот Исток имаат пазар од 50 милијарди долари за спорт, а кошаркарските лиги во моментов заработуваат помалку од 0,5 проценти од тоа. НБА комесарот Адам Силвер потврди дека врвни правници работат на адаптација на НБА моделот на акумулација и делба на профитот според законите на ЕУ и дека без оглед на обемот на предизвикот, проширувањето е неизбежно.

 

Евролига и НБА Европа

 

Покрај 12-те постојани клубови во НБА Европа лигата, останатите 4 места според планот би требало да им припаднат на првакот од европската лига на шампиони на ФИБА, како официјален партнер на НБА, и на клубови од некои од претходно наведените држави кои ќе го освојат домашното првенство. За да се придонесе за привлечноста на новата лига, во план е финален НБА куп на кој би настапувале најдобрите тимови од НБА и НБА Европа. Најавите се дека новата лига ќе користи европски правила (на пр., натпревари од 40 минути) и би функционирала во рамките на постоечкиот меѓународен календар, односно со систем на натпревари во кој тимовите сè уште би можеле да учествуваат во домашните лиги и ФИБА натпреварувања. Ваквиот систем е очигледно подготвен во соработка и на барање на ФИБА. НБА Европа сепак сеуште не ги открива сите „карти“. Орландо Меџик и Мемфис Гризлис во јануари 2026 ќе играат во Берлин и Лондон и, веројатно, некои поконкретни информации за новата лига може да бидат објавени тогаш.

Ајвазоглу воедно потврди дека постојат контакти и со клубови кои настапуваат во Евролигата. Во НБА Европа се оптимисти дека дел од нив ќе се придружат на нивната лига. Таргетирани се пред сѐ Реал и Барса, како и Баерн, Асвел, ПСЖ и Армани. Според најавите постои идеја, покрај Армани Милано, да се воскресне некогашниот великан Виртус Рома како втор учесник од Италија. Од Грција, доколку не се успее со еден од двата гиганта, Олимпијакос и Панатинаикос, изборот би бил АЕК, кој има своја верна публика што може редовно да ја полни арената. Од Истанбул најверојатен избор е членот на ФИБА Лигата на шампионите – Галатасарај, исто како и германската АЛБА Берлин која по цели 24  години настап во Евролигата, реши годинава да се натпреварува во ЛШ. Многумина оваа одлука ја видоа како подготовка за премин во НБА Европа. Ако преговорите со Катарците за ПСЖ се сѐуште во тек, тогаш Асвел Вилербан е сигурен за премин во НБА Европа со оглед на тоа дека мнозински сопственик и претседател на клубот е легендата на Сан Антонио Спарс – Тони Паркер. Мнозински сопственик на Евролигашки клуб е и легендатата на литванската кошарка, Арвидас Сабонис, кој е и претседател на Жалгирис. Тој во неколку интервјуа нагласи дека, кога за тоа ќе дојде време, има интерес за премин во НБА Европа, но за НБА Литванија е премал пазар со недоволно силни спонзори.

Неофицијално, европската НБА лига би ја сочинувале Реал, Барселона, Асвел, ПСЖ, Баерн, Алба, Армани Милано, Виртус Рома, АЕК, Галатасарај, Манчестер Сити и Лондон Тауерс. Плус уште 4 квалификанти или премини од Евролигата. Наспроти нив во Евролигата би настапувале Ц.Звезда, Партизан, Олимпијакос, Панатинаикос, Монако, Фенербахче, Анадолу Ефес, Жалгирис, Баскониа, Валенсија, Дубаи, Хапоел Тел Авив, Макаби Тел Авив, Бешикташ, Виртус Болоња, уште еден тим од Италија и многу веројатно ЦСКА и Зенит.

И сега се поставува прашањето, што од овие две лиги е поинтересно. Евролигата има свои корени, воспоставени релации и публика. Евролигашките тимови имаат своја децениска традиција. Нема сомнеж дека доколку Олимпијакос и Панатинакос не се дел од НБА Европа, нивната публика нема да ги напушти. Нивните меѓусебни натпревари се долгоочекуван датум за секој навивач во Атина. Без оглед што двата клуба не се сакаат, или можеби попрецизно – се мразат, ниту едниот, ниту пак другиот би ја смениле лигата ако со тоа го загубат ривалството и меѓусебните натпревари на меѓународна сцена. Тоа значи дека или двата во пакет, или никој. А, НБА во план има само еден тим од Атина. Затоа пак, водени од финансискиот потенцијал на пазарот, НБА планира два клуба од Англија. Таму секако можат да најдат силни спонзори, но прашање е кој ќе ги полни салите. Евролигата во 2013-та својот завршен Ф4 турнир го играше во Лондон – пред речиси празни трибини. Англиските спортски фанови никогаш не биле мотивирани од кошарката. Ако е така во Лондон кој, колку-толку, има некоја кошаркарска историја со тимот на Лондон Тауерс, каква би била состојбата во Манчестер. Дури и ако ФК Манчестер Сити на навивачите им дава бесплатни влезници за својот кошаркарски тим, тешко дека тие ќе се решат да ја наполнат арената. Проблем со пополнетоста на домашните натпревари отсекогаш имала и Алба, како и Асвел. Асвел ги напушти настапите во поголемата LDLC арена која има капацитет од 12.500 гледачи и игра во далеку помалата Astroballe сала со капацитет од 5.500 гледачи токму поради недоволниот интерес на навивачите. Преминот во НБА Европа веројатно не може да ја промени оваа реалност. Прашање е дали и навивачите на Реал или на Барселона би ги наполниле Мовистар и Блауграна арените при гостување на Лондон Тауерс, Алба или АЕК.

Тоа може да биде сериозен проблем за идната европска НБА Лига. Но, од друга страна, доколку НБА го понуди својот систем на организација со поделба на профитите меѓу газдите, инвеститорите и здруженијата на кошаркари, нема сомнеж дека најквалитетните играчи ќе бараат свое место таму. Во таа поделба клубовите добиваат пари од целиот финансиски колач на лигата за исплата на играчите според нивните договори. На овој начин клубовите ќе имаат помал финансиски притисок и ќе можат да потпишуваат поскапи договори со кошаркарите. Тоа ќе ги остави евролигашите со далеку помал играчки квалитет. Запрашан за таквиот развој на ситуацијата, претседателот на Евролигата Дејан Бодирога, потврди дека тоа е можност, но дека за најквалитетните европски играчи таргет повторно ќе биде НБА, а не НБА Европа. Со други зборови, НБА Европа може во одредена мера да го собере играчкиот „крем“ од тие што настапуваат во Европа, но нема да има сериозен удар за популарноста и навивачката база на Евролигата. Јасно дека навивачите на Панатинаикос нема да го напуштат својот клуб затоа што на пр. Кендрик Нан заминал во Лондон Тауерс.

Парите го вртат светот…

Сепак, и покрај извонредната навивачка база, за Евролигата главниот проблем и натаму остануваат финансиите, односно борбата за балансирање на квалитетот и финансиската одржливост. Клубовите се соочуваат со зголемени загуби.

Не постои унифициран комерцијален модел кој ќе ги оправда вложувањата и ќе обезбеди долгорочен раст. Нешто што НБА многу успешно знае да го проектира и реализира. Не е тајна дека сите клубови од Евролигата трошат, за европски прилики, големи пари во одржување на конкурентноста на своите тимови и секоја година ја завршуваат во минус. Просечниот приход на Евролигашки клуб за оваа сезона е проектиран на 19,5 милиони евра. Буџетите на тимовите за сезоната 2025/26 варираат, но Монако на пр. најави буџет од околу 38,7 милиони евра. Дури и ако има 10 милиони повеќе од просечниот клупски приход од лигата, Монако повторно ќе се соочи со загуба од скоро 10 милиони евра. Просто неверојатно звучи податокот дека лани Реал Мадрид сезоната ја заврши со минус од рекордни 35 милиони евра. Барселона од своите тимови од спортови во сала (кошарка, ракомет, одбојка) бележи загуби од 36 милиони евра. Од нив скоро половината, односно 17 милиони одат на кошаркарскиот клуб. Панатинаикос има загуби од преку 10 милиони.

Лани Евролигата најави проширување и зголемување на сопствената пазарна вредност за три пати до крајот на 2029-та. Моментната пазарна вредност на Евролигата е проценета на 665 милиони евра. Тоа значи дека за 4 години треба да има вредност од скоро 2 милијарди евра. Колку се реални овие планови, посебно сега со најавата на нова професионална лига, е друго прашање. Чисто за споредба, најевтиниот НБА тим Мемфис гризлис, сам има пазарна вредност од 3,2 милијарди долари, речиси пет пати повеќе од целата Евролига со сите свои 20 тима. Дури ни по 4 години Евролигата нема да ја достигне вредноста на Мемфис…

Ниту една од засегнатите страни не крие дека постојат одредени трипартитни разговори на Евролига, ФИБА и НБА. Главна забелешка на челниците на Евролигата во однос на НБА е управувањето со европската кошарка, културниот идентитет и заштита на навивачките бази. Без оглед на силната традиција, посветеноста и верноста на навивачката база и карактеристиките на европската кошарка, влегувањето на НБА сигурно ќе донесе тектонски поместувања во целиот систем на клупската кошарка во Европа.

Доколку не дојде до некој компромис, европската кошарка може да има повеќе штета отколку корист од влегувањето на НБА на континентот.

Идеалната визија би била потенцијална соработка меѓу НБА и Евролигата што го би го зајакнала целиот кошаркарски екосистем во Европа. Успехот на овој потфат зависи од способноста на НБА да го најде балансот меѓу желбата за постојано зголемување на профитот и способноста да најде компромис во сложената мрежа на постоечки лиги, национални федерации и Евролигата, обезбедувајќи заеднички придобивки за сите.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ