сабота, 26 октомври 2024

Колку Македонија е блиску до зелена енергетска транзиција?

Со над 700 MW капацитети што произведуваат струја од сонце, колку што во моментов имаме во земјава, Македонија силно чекори кон зелената транзиција. Со ваква бројка капацитетот на централи кои го користат сонцето се изедначи со оној кој го имаме во хидроцентралите. Имено, ланската година ја завршивме со инсталирана моќност од 1.311 MW од обновливи извори енергија (ОИЕ), од кои најмногу – 720 MW беа хидроцентрали, а веднаш зад нив беа фотоволтаичните централи со капацитет од 506 MW. Од обновливи извори лани имавме производство од 2.173 GWh што е 33% од вкупното производство на електрична енергија.

Објавено на

часот

Сподели

Зелената транзиција инаку е многу значајна не само за земјата, туку и во поглед на нашите чекори кон приклучување на Европската Унија. Тоа го потенцираше и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при нејзината неодамнешна посета на Македонија потврдувајќи ја поддршката која ја дава ЕУ за проекти за поттикнување на обновливите капацитети, спомнувајќи ги соларните паркови во Осломеј и Битола, како и ветерниот парк во Богданци како обновливи извори на енергија поддржани од европските банки.

Но, Македонија многу скоро ќе го дуплира својот капацитет во обновливи извори на енергија со оглед на најавите за изградба на два големи капацитети, едниот со искористување на ветерот и вториот на сонцето.

Компанијата Алказар Енерџи веќе најави инвестиција од 500 милиони долари во изградба на ветерен парк со капацитет до 400MW, со повеќе од 50 ветерници каде се предвидува производство на приближно еден милион мегават часови годишно. Тоа е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјава. Стартот на изградбата на ветерниот парк кој ќе биде лоциран помеѓу три општини, Карбинци, Радовиш и Штип, е најавен за втората половина на идната година. Првата струја, пак, се очекува да се произведе во втората половина на 2027 година.

Како дополнение на ова е неколку години најавуваната инвестиција во Штип за голем соларен парк „Стипион“ на француската компанија „Акуо енерџи“. За француската гринфилд-инвестиција беа пласирани податоци дека ќе вреди 270 милиони евра, а годишно ќе произведува околу 650 гигават-часови електрична енергија.

Овие инвестиции ќе го зголемат обемот на инвестиции во државата, ќе го зголемат извозот и секако ќе донесат нови вработувања. Со нив сериозно ќе се зајакне енергетската независност на Македонија и ќе помогнат на земјава да го изоди својот амбициозен европски пат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Зелената транзиција инаку е една од целите зацртани во предлог на програмата за спроведување на Националната развојна стратегија за периодот  2024-2028 година, која ја усвои новата Влада, во која една од основните мисии е Македонија да се позиционира како регионален лидер во одржливиот развој и грижата за животната средина, притоа имплементирајќи ја транзицијата кон ниско јаглеродна економија и обезбедувајќи раст.

Националниот план за енергија и клима на Македонија (НПЕК), кој беше подготвен истовремено со пристапувањето на земјата како триесеттата членка на НАТО Алијансата, исто така предвидува промовирање на транзицијата на енергетскиот сектор кон ниско-јаглеродни технологии, кој предвидува силен план за постепено затворање на електраните на јаглен и забрзување на искористувањето на обновливите извори за производство на електрична енергија во комбинација со мерките за енергетска ефикасност во сите сектори.

A.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ