„Апелациониот суд го враќа предметот на повторно судење по претходната одлука донесена од Основниот суд Тетово, каде што се одолговлекуваше и се менуваа неколку судии додека не се донесе скандалозната одлука под притисок на поранешниот министер за правда Кренар Лога, партиските печати да ѝ припаднат на фракцијата што ѝ се придружи на ДУИ“, велат од крилото на Таравари.
Во реакцијата се додава дека очекуваат судска разрешница во нивна полза.
„Имајќи ги предвид доказите депонирани во Апелациониот суд во Гостивар, се очекува конечната одлука да биде во наша корист и партијата заедно со печатите да остане кај нејзиниот легитимен претседател Арбен Таравари“, реагираат со соопштение од крилото на Таравари.
Самиот Таравари на Фејсбук објави своја изјава: „Алијанса за Албанците е наша! Апелациониот суд одлучи партијата да припаѓа на апсолутното мнозинство. Партијата се враќа во своето членство! Честитки за сите!“, напиша Таравари.
По ваквата одлука на повисокиот суд, а конкретно и по соопштението од крилото на Таравари, реагира Кренар Лога потпретседател на Алијанса за Албанците од крилото на Села. Лога крилото на Таравари го именува како „Алијанса за услуги на Мицкоски“.
„И по притисокот на Таравари и неговиот газда, тој не го добил предметот за ‘печатите на АА’. Предметот за легитимноста на Алијансата за Албанците се вратил на повторно судење во Основниот суд во Тетово“, вели Лога и додава:
„АУМ – Алијанса за услуги на Мицкоски е најдобро име за да се нарече новиот субјект по разделбата од нашата партија. Стоте дена владеење со ВМРО-ДПМНЕ се докажува квислиншката активност во секоја секунда“ вели Лога и на крај порачува:
„И во Апелациониот суд во Гостивар сменета е судијката, ама… нема врска друже, не спомнувај бидејќи е во наша корист“.
Инаку, расколот во партијата започна откако Таравари, како претседател на Алијанса за Албанците донесе одлука за изборен настап со партиите од Европскиот сојуз за промени, која коалиција потоа се прошири со дел од Алијанса за Албанците и косовското Самоопределување и се преименува во коалиција Вреди.
Зијадин Села со своите истомисленици беше на став дека на изборите треба да се оди самостојно и како претседател на Централното собрание на партијата соопшти дека одлуката на Таравари не е легитимна бидејќи не поминала на тоа партиско тело, но и затоа што е соопштена на несоодветен начин – преку Фејсбук.
Потоа настана расколот, и двете крила одржаа состаноци, ги потврдија сопствените одлуки по однос на изборите, а одржаа и одвоени конреси на кои Села и Таравари беа избрани за претседатели.
Пред самите избори, крилото на Села одлучи да оди во коалиција со ДУИ, со Европскиот фронт, со образложение дека поради тоа што печатите се во фиоката на Таравари, не е можно пријавување за изборите во Државната изборна комисија. Опциите, како што кажа тогаш Села, беа или да не се учествува на изборите или да се оди на избори во коалиција.
П.Џ.