вторник, 18 јуни 2024

„Кој го уби Едгар Алан По“ – нов роман на Владо Јаневски

Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечер ќе биде промовиран најновиот роман „Кој го уби Едгар Алан По“ на писателот Владо Јаневски, во издание на издавачката куќа „Или-или”.

Објавено на

часот

Сподели

Рецензентката на романот Анета Тасова пишува дека самиот наслов на романот доволно интригира и фрла сенка врз смртта на еден од главните претставници на американскиот романтизам и предвесник на симболизмот По; дали тој починал од природна смрт или можеби е убиен, нешто што и ден денес е мистерија.

„Се знае само дека По бил пронајден во пијана состојба откако неколку дена лежел на некоја клупа во парк, носејќи туѓи алишта и, според некои тврдења, последните зборови му биле повторување на името „Рејнолдс“. Тука се и чудесните очила, без кои писателот Феликс Рејнолдс, ликот од романот на Јаневски, го гледа светот наопаку. Истовремено, очилата му помагаат и да ѕирне во минатото, па ако сакате и на некој начин да комуницира со По. Во романот се сретнуваме и со неговиот психијатар Груми Блум, чија канцеларија е во Замокот, чудесно место каде што оживуваат критични моменти од животот на Феликс и се испреплетуваат многу времиња, судбини и разговори“, пишува Тасова.

Владо Јаневски е роден во Прострање. Детството го поминал во Битола, каде завршил основно и средно образование. Високо образование стекнал на УКИМ во Скопје. Член е на ДПМ. Живее во Сиднеј.

Автор е на романите за возрасни: „Кој го уби Едгар Алан По“ (Или-или, Скопје), „Смртта не е крај“ (Арс Ламина, Скопје), „Мртвите знаат најдобро“ (Арс Ламина, Скопје – награда Пегаз за најдобар роман во 2020 г.), „Чудо зад аголот“ (Магор, Скопје), „Под друга капа“ (Магор, Скопје), „Made in Jabana“ (Слово, Скопје); поетската збирка: „На грбот на неповратот“ (Агенција за иселеништво, Скопје); збирката наградувани раскази: „Нема враќање“ (Студентски Збор, Скопје). Филмско сценарио „Под друга капа“ (награда за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ во 2021 г.) Автор е на следниве книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ (Стрип-Квадрат, Скопје), „Луѓето и змејовите“ (Арс Ламина, Скопје – наградена бајка).

Автор е и на редовниот стрип „Палавковците Влатко и Емче“ во „Колибри“, во весникот „Нова Македонија“. Се појавува и како ко-автор во книгите за деца: „Нови бајки од Македонија“ (Арс Ламина, Скопје), „Детелинки Белинки“ (Арс Ламина, Скопје) и други. Со проза и поезија е застапен во повеќе антологии и списанија за култура. Се занимава и со сликарство, учествувал на ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот.

Добитник е и на наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво, доделена на Меѓународниот фестивал„Книжевен круг“ 2024.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ