петок, 10 јануари 2025

Кој го платил патувањето во САД, одговори од премиерот чекаат и ДКСК и кабинетот за добро владеење

Објавено на

часот

Сподели

Би било речиси неверојатно децата да отишле на сметка на државата и тоа би било луда храброст во време кога и технологијата е на помош за полесно дознавање на информации, но сепак, во име на декларираната транспарентност, редно е да се соопшти. Зашто, сепак, никогаш не се знае.

И веројатно премиерот е во право кога вели дека и неговите деца имаат право да патуваат и се гледа лутина на лицето кога на прес-конференции или брифинзи му се поставуваат такви прашања, како на пример прашањето дали има судир на интереси тоа што неговата сопруга има удели во фирма за фотоволтаици, па ќе рече дека и таа има право на работа. Кога се навлегува во приватноста не е пријатно. Но власта мора да прикажува сметки, зашто јавноста има поголемо право бидејќи граѓаните избираат и финансираат.

б

Неодамна претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска го повика премиерот да даде одговори на тоа прашање.

„Треба да покаже кој го платил патувањето бидејќи вака остава лош впечаток, лоша перцепција се создава дека ако е таткото некој функционер, може цела фамилија да оди. Не е единствен случај, за жал, таа перцепција треба да се промени, но тоа ќе се промени со фактичка состојба. Нека оди, нека патува, но нека покаже кој тоа го покрива“, рече Ивановска одговарајќи на новинарско прашање.

Ивановска тогаш најави дека ќе биде разгледано прашањето и ќе се донесе одлука дали антикорупционерите ќе отворат предмет.

Деновиве ја прашавме Ивановска дали премиерот одговорил на нејзината прозивка и можеби доставил доказ како е платено патувањето за децата.

к

„Не доставил затоа што ние кажавме дека оставаме простор вицепремиерката Славица Грковска, како одговорна за добро владење и за спроведување на етичкиот кодекс да ја испита работата“, изјави за МКД.мк Ивановска, од што произлегува дека засега не е отворен предмет.

„Алатката“ за премиерот да достави доказ е во рацете на вицепремиерката Славица Грковска која, како и Антикорупциската комисија, нема мандат да гони и суди, но може да „става ред во власта“.

На нашето прашање до кабинетот на Грковска дали премиерот доставил доказ како е платено патувањето за децата, добивме одговор според кој таму очекуваат информација за вкупните трошоците направени во Америка.

„Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, побара од Генералниот секретаријат да достави информација до нејзиниот кабинет за трошоците што се направени во рамките на посетата на Њујорк и Вашингтон, САД“, гласи одговорот за МКД.мк.

г

Останува самиот премиер да одлучи дали и кому ќе достави податоци за патувањето на децата, а за вкупните трошоци, кои подразбираат престој во Њујорк и Вашингтон, патни, хотелски и други сметки, очигледно треба еден извештај да адресира и до Грковска, која пак, и самата беше дел од владината делегација во посета на Америка.

Тоа ќе биде важно за да не се расипат импресиите од посетата кои беа силни, а владините соопштенија дишеа со огромно задоволство од резултатите на средбите и разговорите со државници и други официјални лица, од обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации, како и во Советот за безбедност на ОН.

Инаку, Грковска кон крајот на минатата година побара објаснување од вицепремиерот Артан Груби за користењето на службени возила во кои беше фотографиран одејќи на партиски настани. Грковска објаснување не доби, а Груби од неа доби – опомена.                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                         П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ