сабота, 27 јули 2024

Кој го налути Интернет?

Објавено на

часот

Сподели

„Сега знаете што се случува кога ќе го налутите Интернет“, гласи пораката испратена од Дејвид А. Фарентолд од Вашингтон пост, политички новинар на овој престижен американски весник.

Повеќе од 10.000 веб-страници, предводени од Википедија, во текот на вчерашниот ден се придружија во „помрачувањето“, протестот против двата закони што американските властодршци се обидуваат да ги протуркаат, во јавноста познати како СОПА (Stop Online Piracy Act) и ПИПА (Protect Intellectual Property Act).

Интернетскиот бунт во рекордно краток рок доби позитивни резултати. Пред само неколку дена СОПА и ПИПА имаа силна поддршка и од Републиканската и од Демократската партија. Се очекуваше гласањето да пројде без проблем и тие да станат закони. Ситуацијата, меѓутоа, се смени во последните неколку часа: покрај тоа што протестот против цензурата силно одекна низ целиот свет, компаниите како Гугл и Фејсбук покажаа дека и тие имаат свои лобирачи.

Демократскиот сенатор Бенџамин Кардин, кој ги поддржуваше законите против пиратерија, јавно изјави дека се премислил, исто како и, како што јавува Њујорк тајмс, републиканските сенатори Марко Рубио и Џон Корнин. Шест републиканци дури и писмено побараа одложување на расправата за СОПА, за во текстот на предлог-законот да се внесат измени.

Овие закони, составени под притисок на силно лобирање од страна на филмската и на музичката индустрија, требаше да ѝ стават крај на интернет-пиратеријата. Меѓутоа, јазикот на кој тие се напишани ги издава дека вистинската цел е да се создадат услови за цензура на Интернет.

Многу правни и технолошки експерти тврдат дека СОПА и ПИПА треба да бидат првиот чекор кон интернетскиот „прекинувач“, алатка што ќе овозможи гасење на „непослушните“ интернет-страници. „Соочени сме со застрашувачки обид за цензура на Интернет“, вели Џими Вејлс, таткото на Википедија.

Проблемот е во следното: кога двата предлог-закони би поминале во американските Конгрес и Сенат во сегашниот неизменет облик, сопствениците на интернет-страниците би морале пред законот да одговараат за содржините што ги ставаат нивните корисници. Ако некој на Фликр стави фотографија заштитена со авторско право, Фликр мора да одговара. Ако некој неовластено стави музички спот или сцена од филм на Јутјуб, Јутјуб мора да одговара. Ако некој стави линкови за симнување забранети содржини на Фејсбук, Фејсбук мора да одговара.

Казните што се предвидени се или поголеми парични глоби, па сè до исклучување на страниците што ќе бидат оценети како дистрибутери на пиратски материјали. А ефектите ќе се почувствуваат и надвор од САД, бидејќи алатките како Гугл и Фејсбук нема да можат да упатуваат кон нив.

„СОПА не е напишан од луѓе што не разбираат како функционира Интернет. Го пишувале луѓе што предобро го познаваат Интернетот и сакаат засекогаш да го сменат“, верува Ланс Уланоф, главен уредник на порталот Машабл. Уланоф е сигурен дека станува збор за иницијатива насочена кон слободата на изразувањето и медиумите што не можат да се контролираат. Првата битка можеби е добиена. Но војната за Интернет допрва почнува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ