четврток, 19 септември 2024

Кој е осомничениот за атентатот на Трамп: објавил книга, има досие, врбувал странци да се борат во Украина

Објавено е името на осомничениот за обидот за убиство на републиканскиот претседателски кандидат во САД Доналд Трамп. Станува збор за Рајан Весли Рут (58) од Хаваи. Напаѓачот е уапсен, а како што соопшти ФБИ, Трамп е безбеден по атентатот во близина на неговиот терен за голф во Вест Палм Бич на Флорида.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Би-би-си нашле профили на социјалните мрежи со тоа име. Тие покажуваат дека Рут врбувал странски борци да одат во Украина за да се борат против руските сили. Не неговиот профил има и протајвански и антикинески пораки, вклучувајќи тврдења за кинеско „билошко војување“ и спомнување на ковид-19 како „оружје“.

Рут, кој нема воено искуство, кажал за Њујорк тајмс во 2023 дека отпатувал во Украина веднаш по почетокот на руската инвазија во 2022 за да најде воени регрути меѓу авганистанските војници кои избегале од талибанците. „Веројатно можеме да купиме некои пасоши преку Пакистан, бидејќи тоа е толку корумпирана земја“, кажал тој.

Се чини дека бил вклучен во регрутацијата и ова лето, а во јули на Фејсбук напишал: „Војници, ве молам, не ми се јавувајте. Сè уште се обидуваме да ја придобиеме Украина да прифати авганистански војници и се надеваме дека ќе добиеме некои одговори во следниот период. Ве молам за трпение“.

Рут во јуни 2022 разговарал со романската филијала на Њузвик, исто така за напорите да регрутира доброволци во Меѓународната легија за одбрана на Украина, единица на украинските копнени сили. „За мене многу светски конфликти се сиви, но овој дефинитивно е црно-бел. Ова е приказна за доброто против злото“, кажал тогаш Рут.

Минатата година самиот издал книга, во која детално ги опишува своите напори да ја поддржи Украина. во книгата од 291 страница, Рут го опишува своето разочарување од војната во Украина, која ја нарекувал „непобедлива“.

Во книгата расправа и за талибанското преземање на власта во Авганистан и политичката ситуација на Тајван, соочен со сè поголема воена закана од Кина. Книгата е објавена на Амазон без наведен издавач, а насловена е „Непобедливата војна на Украина: фаталната мана на демократијата, светското напуштање и глобалниот граѓанин – Тајван, Авганистан, Северна Кореја и крајот на човештвото“.

Во неа Рут опишува како патувал до полско-украинската граница обидувајќи се да се пријави за војување, но „во 56-тата година од животот без какво било воено искуство персоналот ме одби со жалење“.

Наместо тоа, како што вели, се обидел да ангажира повеќе борци за воените напори – отпатувал во Киев и поставил импровизиран волонтерски центар на Плоштадот на независноста пред полицијата да го избрка.

Претходни извештаи сугерираат дека Рут има криминално досие. Според извори на Си-би-ес, Рут бил обвинет и осуден за бројни кривични дела во Северна Каролина меѓу 2002 и 2010 година.

Кривичните дела вклучуваат носење скриено оружје, отпор при апсење, возење со одземена дозвола, кражба и предизвикување несреќа и бегање од место на несреќа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ