Зеленски постојано вели дека би бил спремен да се повлече од функцијата доколку тоа обезбеди влез на Украина во НАТО, додека изборите во Украина во моментов се невозможни поради воената состојба, иако мандатот на Зеленски е истечен. Американците што го фаворизираат Трамп, од друга страна, веруваат дека тоа ќе го отвори патот за мировен договор меѓу Украина и Русија.
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам порача дека Украина можеби ќе треба да најде нов лидер доколку Зеленски не успее да ги поправи односите со Трамп. „Не знам дали Зеленски може да нѐ одведе таму каде што Украина треба да биде во односите со Соединетите Држави“, рече Греам и додаде дека Зеленски „или треба да поднесе оставка и да испрати некого со кого можеме да работиме, или треба да се промени“.
Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон рече дека „нешто мора да се промени“ за да дојде мир. „Или Зеленски ќе се вразуми и ќе се врати на масата со поголема благодарност, или тоа ќе мора да го направи некој друг“, рече Џонсон. Советникот на Трамп за национална безбедност Мајк Волц предупреди дека на Украина ѝ треба лидер способен да разговара и со Америка и со Русија за да ѝ се стави крај на војната.
Периодов се појавија неколку имиња како можни нови претседатели на Украина.
Валери Залужни, поранешен врховен командант на украинската армија и актуелен амбасадор во Обединетото Кралство, е едно од најчесто споменуваните имиња. Залужни ја водеше одбраната на Украина до 2024 година и беше разрешен по несогласувањето со Зеленски околу воената стратегија. Според анкетите, Залужни е попопуларен од Зеленски и во некои сценарија убедливо би го поразил на изборите.
Како можен кандидат се појавува и Витали Кличко, градоначалникот на Киев и поранешен боксер. Тој веќе го критикуваше Зеленски за неговите оптимистички изјави за текот на војната, додека го поддржуваше Залужни поради, како што рече, неговата искреност. Кличко рече дека политичарите, вклучително и Зеленски, ќе мора да се соочат со одговорноста за успесите и неуспесите на крајот на војната.
Руслан Стефанчук, претседателот на украинскиот парламент и близок соработник на Зеленски, е уште едно име што се споменува. Тој е познат по неговото силно противење на повиците на Трамп за избори среде војната, велејќи дека на Украина сега ѝ требаат „куршуми, а не гласачки ливчиња“. Тој неодамна ја повика ЕУ да ја зголеми воената помош за Украина и предупреди на заканата што доаѓа од Русија. Се чини дека Стефанјук е највоинствениот од тројцата кандидати.
Без разлика кога ќе се одржат изборите во Украина, тие ќе зависат од повеќе фактори.
Прашање е до која фаза ќе дојде конфликтот, дали ќе има прекин на огнот или траен мир и дали на изборите ќе се кандидира Зеленски.
Сите опции се на многу тенок мраз бидејќи ситуацијата во Украина и на глобалната мапа се менува од ден на ден.