сабота, 27 јули 2024

Кои Македонки ги помниме по панталоните?

Објавено на

часот

Сподели

 

Јованка Орлеанка заврши на клада зашто носеше панталони

Ниту беа секси ниту беа удобни. Иако груби и масивни, сепак беа основен аргумент за пресудата на Јованка Орлеанка. Во далечната 1430 година, на листот-обвинување пишуваше: таа носи панталони! Неразбраната девојка, како што знаеме, заврши запалена на клада од страна на инквизицијата. 20 век дефинитивно ги промени погледите кон панталоните. Сепак, последната бариера падна прилично доцна. Сѐ до 60-тите години на минатиот век, верниците не можеа да влезат во ватиканскиот Свети Петар не само во куси панталони, туку ни во долги. Прифаќањето на идејата жените да носат панталони не значеше само еманципација, туку и поистоветување со мажот.

Заводнички без здолништа

Но откако еднаш влегоа во гардероберите, панталоните засекогаш се населија тука. И повеќе од тоа – тие радикално ја сменија својата улога, од пркосно средство за борба со мажите станаа благороден предмет за нивно заведување. Ексклузивното машко право на панталони кога-тогаш мораше да им биде препуштено на жените. Коко Шанел значително ги промени тековите на женската мода. Поаѓајќи од себе, облекувајќи се онака како што мисли и сака да изгледа, а не онака како што од неа се очекува, Коко беше првата што внесе нови правила на модната сцена. Од својот стил направи модно движење и набргу цела низа жени ги прифатија нејзините идеи. Панталоните, кои до тогаш ги позајмуваа од своите сопрузи и љубовници, станаа дел од тој голем моден и социолошки пресврт. Речиси во исто време една актерка во Холивуд ја шокира јавноста со својата амбивалентност, често облекувајќи се како маж. Марлен Дитрих, актерката со прекрасни нозе и провокативен поглед, сфати дека ореолот на бисексуалност може да ѝ помогне на патот кон славата. Тоа што во почетокот се чинеше како ексцес стана вистински моден хит, кој привлекуваше сѐ повеќе следбенички. Една друга ѕвезда од тоа време отиде чекор понапред. Интелектуализмот како нејзин имиџ и неконвенционалноста како нејзин стил, направија икона од Грета Гарбо. Со француска капа на главата, ладен поглед и панталони! Грета носеше сѐ што сакаше и тоа го правеше со многу стил.

Марлен Дитрих ја диктираше машката мода во Холивуд

Кетрин Хепберн, секогаш поинаква од другите, секогаш на свој ризик, стана херој на женскиот лежерен стил упорно носејќи панталони. Позната е епизодата од нејзината биографија кога не ѝ дозволија да влезе на премиерата на нејзиниот сопствен филм само поради тоа што за таа свечена пригода беше облечена во панталони!
А кој не би се сетил на прочуените капри-панталони во комбинација со балетанки, кои прво ги облече детски разиграната Одри Хепберн, а потоа и сензуалната Брижит Бардо. Силното феминистичко движење во 70-тите години ги избриша модните граници меѓу половите, а панталоните, особено фармерките, за новата доба престанаа да бидат табу. А кога Брук Шилдс невино изјави дека нема ништо помеѓу неа и нејзините фармерки „Келвин Клајн”, мажите останаа без здив.
Од сите модни креатори Џорџо Армани беше оној што прв сфати дека на жените треба да им се понуди машки тип на облека. Затоа и денес многу жени го доживуваат како моден спасител. Го следеа многу од креаторите, а денес не постои ниту еден креатор во светот што нема линија на женски панталони. Во ова време кога начинот на живот е стресен, брз и динамичен, панталоните се наоѓаат во секој гардеробер на секоја модерна или деловна жена. И не само тоа, малку по малку, панталоните ги истиснаа женските здолништа и станаа задолжително нешто, оставајќи ја другата облека во втор план. Најпосле, жената не доби само избор, туку и модна удобност.

Во поранешна Југославија Тереза Кесовија беше синоним за елеганција во панталони

Кога се изборија за своите права во модната свест на жените, панталоните почнаа да живеат и свој моден живот, кој веќе не зависеше од борбата за еманципација. Напротив, тие денес се дел од шикот и елеганцијата. Бидете жена, носете панталони! – е порака што се чита во сите модни списанија, тие се начин да се искаже модерната личност на жената. По долгиот и мачен пат, најпосле го добија своето место што одамна го заслужија – станаа женска облека број 1.

Годинава 2.000 нови вида панталони

Во почетокот панталоните мораше да бидат машки, со машки кроеви. Потоа стана јасно дека не мора да се жртвува форсирањето на фините линии, заради некаква борба за еднаквост на половите. Така почнаа од моливите, па потоа и од ножиците на големите магови да се раѓаат нови креации, кроеви, меки, нежни, тесни, широки… со различни должини и дезени. Истовремено и фармерките доживуваат промени и влегуваат во модните рамки, а нивниот татко, Леви Штраус, воопшто не би се согласил со денешната мода, особено не со стреч-ткаенините.
Жената повторно се избори за својата женственост, а воената контра повторно се претвори во – про. Да, за панталоните што ја загубија својата идеолошка вредност, а трофејот му го препуштија на нивниот вистински сопственик-  мажот. Со тоа жените добија предност, бидејќи за разлика од психолошки непремостливата ограниченост на машкиот имиџ, постојат идеални панталони за секоја жена. Може да бидат елегантни, со светки, тесни, широки, со потпис на Ив Сент Лорен, или на некој сосема непознат креатор, со висок или со низок струк. Кратки, долги, полукуси, до колената… Не е ни важно. Важно е дека тоа се панталони!

Хероина на панталоните, Цветанка ги облече најсмелите модели

Во годинава што следува ќе бидат лансирани уште најмалку 2.000 вида и креации на панталони, техно, транспарентни, од тешки или лесни материјали, сомотски, свилени, искинати, куси и уште покуси… Има ли воопшто смисла да се објаснува зошто да се купат едни фармерки? Дури и тие се класика, макар и излижани – остануваат посебно парче, денес наречено винтаж. А и лесни се за комбинации. Може да бидат дел од лежерен стил, но и за поелегантна пригода. Со едноставна бела маичка или со црвени чевли на високи потпетици. И кој ли ќе им одолее, и зошто?

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ