сабота, 19 октомври 2024

Кога Џафери пие кафе и мерцедесот мора да е тука

Луѓе одат низ главниот плоштад во Скопје и се чудат кој тоа се дрзнал со црни лимузини да го ремети спокојот на пешаците и гулабите низ пешачката зона. Дали на ум им падна дека тоа е премиерот Талат Џафери кој не со една, туку со две државни лимузини во работно време отиде во кафуле одалечено неколку стотини метри од Владата? Сигурно НЕ!

Објавено на

часот

Сподели

А уште помалку некому ќе му текне дека на првиот вистински работен ден (бидејќи вчера Ковачевски му го предаде кабинетот) се ескивира работното место каде исто така служат кафиња, а првото кафе испиено на работа треба да е закон.

Не треба многу ум за да се открие дека токму премиерот е тој што си дозволил развозување на премиерскиот возен парк низ плоштадот. Еден е таков црн мерцедес. И сигурно му е убава глетката на Џафери додека срка од кафето да го гледа тоа чудо од кола со триста тракатанци и со двд-екранчиња на задниот дел од предните седишта за да можат и деца и внуци удобно седнати позади да гледаат цртани филмови.  Ех, до каде дотурка црната лимузина.

Самиот Џафери даде скромна изјава дека не му е битно дали се вози со мерцедес или со друга кола. Тоа го рече кога де лукс мерцедесот отиде да го земе од неговото Форино и да го однесе во Собранието во Скопје за да го изгласаат за премиер. Таму беше и шкодата, која возела, очигледно вози и ќе вози за да му го чисти патот и да му го чува местото во мерцедесот.

А во Форино, во мерцедесот и во шкодата, влегоа и избрани новинари од Косово и Албанија кои го овековечуваа џаферовиот трнлив пат од Форино до белата зграда на Владата, од офицер во ЈНА и АРМ, преку командант во ОНА до највисоките и највисоката државна функција. Новинарите, тие избраните-странските, ги однесе со истите црни лимузини во парламентот каде им беше обезбедена дипломатска ложа за да не седат со обичните македонски новинари, Македонци и Албанци. Со нив потоа го славеше својот избор со пиење коњак Скендербег и пушење пури (дали кубански дали американски, тој си знае), со музика лично обезбедена од грлото на Али Ахмети. Дали инспекцијата му пишува казна за пушењето во службени простории можеби Џафери знае или не знае или не го интересира. Дали му пишуваат казна и никој не знае во Македонија.

Вратоврските, произведени во Србија на кои пишува прв премиер Албанец со датум на изборот, Џафери и Ахмети во текот на церемонијата на староалбански песни и пијачки, им ги подарија на привилегираните новинари од Косово и Албанија кои воодушевено се беа придружиле во славењето и пеењето.

Кафето на плоштадот е можеби кафе дружба со тие избрани странски новинари. Се разбира дека на пријателите кои нему и на неговиот лидер изминативе недели им изготвија серија емисии и интервјуа како на историски личности пред историскиот чин, пред заминување треба да им се даде кафе на ниво.

Каде? Па во кафуле на убавиот скопски плоштад реконструиран и надградуван по 2014 година. Со поглед кон историјата и иднината и кон мерцедесот со разни сензори и тракатанци и двд-ија.

Каде потоа заминаа мерцедесот и шкодата и преку кои плочки од забранетиот плоштад? Можеби на работа? А ќе дознаеме преку соопштение во кое ќе се вели дека  Владата на седница раководена од претседателот на Владата на Република Северна Македонија донесе повеќе одлуки… и му наложи на инспекторатот за животна средина…

🙂

Не, не, сигурно ниту тоа знакче за смеење 🙂 не е доволно за реалноста.

Реалнa е само фотографијата што ВМРО-ДПМНЕ ja направи или ja доби па ja објави. Очигледно во таа бела зграда на Владата решиле едни со други да се следат. Како и што доликува на една техничка влада. Едни со други да се следат, едни со други да се контролираат и да си ги врзуваат потписите. Сѐ во интерес на изборите.

Па има ли нешто поважно од изборите во Македонија?

Не. 🙂

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ