петок, 25 октомври 2024
Се засилуваат протестите за поголеми пензии

Кочанските и тетовските пензионери бараат линеарно зголемување на пензиите

Објавено на

часот

Сподели

На собирот пред просториите на Здружението на пензионерите беше нагласено дека причина за протестот е лошата состојба во која се наоѓаат пензионерите, посебно оние со најниски пензии кои не можат да си ги купат основните прехранбени продукти и лекарства.

„Крајно време е Владата да се погрижи за нас, бидејќи и ние имаме право на живот. Затоа, бараме линеарно покачување на пензиите по 3.500 денари за сите пензионери, а износот на најниската пензија да биде ист како минималната плата. Пензионерите со најниска пензија да добијат по три кубни метри огревно дрво или во ист износ да им биде платен надоместот за струја, како и обезбедување бесплатни лекарства за хронично болните пензионери“, истакна Моне Ѓоргиев, претставник на пензионерите од Кочани.

Присутните на протестот повторија дека во кочанскиот регион има над 6.200 пензионери, a линеарното покачување ќе биде поправедно, затоа што повеќе од половината од нив земаат пензија под 15 илјади денари.

Протестен собир денеска организираа и пензионерите од општина Виница, при што беше дадена целосна поддршка на иницијативата за линеарно зголемување на пензиите.

По втор пат мала група пензионери од Тетовско денеска пред објектот на Здружението на пензионери јавно го изразија револтот од ниските пензии и дадоа поддршка на барањата за зголемување на пензиите.

„Бараме како линеарно покачување на пензии, потоа бараме на позитивна листа да се стават лекови кои досега ги немало, а пензионерите не се во можност да ги набават, поради високите цени. Собираме потписи да видат колку има незадоволни пензионери поради ова процентуално зголемување, што сметаме дека е ништо во однос на нивните покачувања од 78 посто. Редно беше да се слушне и гласот на пензионерите“, изјави Дивна Зафировска.

И тетовските пензионери најавуваат дека во понеделник ќе дадат поддршка на протестот во Скопје.

„Во понеделник се оди во Скопје, ги молам сите пензионери кои се можност во 9.30 да си дојдат пред Веро за да одиме на протест во Скопје. Имаме доволно потписи, без разлика на националност, кои даваат поддршка за покачување на малите пензии, овој живот е многу тежок живот. Не се преживува со 12 илјади. Како што ќе биде минималната плата, да биде и минималната пензија“, изјави Летка Мишовска.

Во Тетовско има околу 13 илјади пензионери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ