Во изјава за медиуми пред денешната седница на Советот на јавни обвинители, на прашање на што се повикува предлогот, Коцевски одговори дека отприлика се повикува на она истото што беше во медиумите истакнато во последниот период.
„Во текот на вчерашниот ден доставен ми беше предлогот од страна на Советот на ЈО, и во еден разумен рок ќе се произнесам по сите точки. Останувам на тоа дека од она што имав можност да го разгледам, дека во предлогот нема ниеден основ за утврдување на тешка дисциплинска повреда“, рече Коцевски.
Државниот јавен обвинител, како што посочија тогаш од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Во врска со кривичната пријава поднесена од Мустафа Хајрулахи, суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, против државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, за злоупотреба на службена положба и овластување, според член 353 од Кривичниот законик, како и пријавата против Татјана Кацарова, јавен обвинител во ОЈО Штип, Ристо Бојаџиски, Виш ЈО на ВЈО Штип и Ермон Незири, член во Советот на јавни обвинителипротив, Коцевски изјави дека е чудна и оти нема основ за кривична одговорност.
„Од она што го слушнав од медиумите до сега на навистина чудна кривична пријава, барем ако е тоа содржината дека наводно сите тројца обвинители се теретат за некакво соизвршителство, затоа што јавниот обвинител во Штип постапувал по предмет односно за кривично дело по член 143 за коешто е предвидена казна, за кое што е нужно да се води истрага. Тоа не може во никој случај да биде никаков основ за кривична одговорност“, рече Коцевски.
Според информациите, на денешната седница не е превидено да се дискутира за барањето на обвинителката Наташа Крстева Цалева да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје поради отсуство на членот Кети Петкова.
Коцевски се осврна и на испразнетите обвинителски места за кои денеска во Советот се избираат нови јавни обвинители.
„Со новиот избор на новите кандидати очекуваме да се подобри ефикасноста во ЈО, имајќи предвид дека над 90 јавни обвинители се помалку. Така да, од ова што денеска го слушнав дека сепак не се пријавиле доволен број според она што беше објавен огласот. Тоа во текот на денешната расправа ќе го образложи претседателката, со тоа што дознавме дека и некои кандидати дури и се откажале“, посочи тој.
На денешната седница е предвидено да се изберат 47 обвинители во осумнаесет јавни обвинителства.Најмногу, односно 14 јавни обвинители, треба да се изберат во Основното јавно обвинителство Скопје.