сабота, 27 јули 2024

Коцевски: Мoтивот за убиството на Вања е јасен – откуп

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најавува дека наскоро Јавното обвинителство би можело да излезе со одлука во врска со изборот на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“.

Објавено на

часот

Сподели

„Преземени се доста работи. Се работи таму за конзорциум од три фирми кои се испитуваат. Досега има некои нелогичности во договорот. Се преземаат дејствија и јас сметам дека, можеби набрзо, Јавното обвинителство ќе излезе со јавнообвинителска одлука, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 за предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“.

За предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, државниот јавен обвинител информира дека се преземени доста работи и дека наскоро, исто така, може да има јавнообвинителска одлука.

Прашан дали со ваквиот одговор сака да најави отворање истрага за овој случај, тој во интервјуто не одговара директно, туку вели дека многу работи се испитуваат токму во делот со лиценците, каде што, како што нагласува, на пример, фирмата „Електра солушнс“ обезбедила лиценца за надзор откако веќе била распишана јавната набавка.

Обвинителот Коцевски соопшти дека Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, се уште не бил на распит бидејќи, како што рече, во моментот се вештачат предметите што ги донел со себе од Турција, а за кои проценката на предметниот јавен обвинител е дека може да бидат корисни за истрагата.

Коцевски, исто така, упати апел до медиумите да не даваат опис на дејствата за тоа како се извршени кривичните дела во случајот со двојното убиство. „Апелот е имајќи предвид дека обвинителниот акт сè уште не е стапен на сила, откако ќе стапи на сила, сите медиуми, известувачи да се воздржат од коментирање на дејствата, имајќи предвид дека се со вознемирувачка содржина“, додаде Коцевски.

Тој вели дека откако ќе се соберат овие докази, ќе следува обвинение и за Палевски, а оваа постапка подоцна ќе може да се спои со постапката која ќе се води за четири други лица кои се обвинети за соучесништво во убиствата и грабнувањето.

Прашан зошто во соопштението од ОЈО Скопје од петокот за обвинителниот акт против четири лица, од една страна, се вели дека обвинетите „испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп“, но потоа не се објаснува зошто не останале на тој план, туку многу брзо по грабнувањето го убиле девојчето, Коцевски одговара дека мотивот е јасен, но дека известувањето е срочено така за да не се предизвика вознемирување кај јавноста.

„Во актот, описот на дејствијата е јасно даден и основата по која се товарат обвинетите е јасно определена. Во однос на мотивот, тој е јасно наведен, а во однос на други подробности, од причините претходно изнесени, не сакам да ги коментирам бидејќи се работи за дете кое е убиено на свиреп начин, а тоа е страдање претходно“, изјави државниот обвинител.

За случајот со хируршките сали во Клиничкиот центар, Коцевски, рече дека се проверува дали евентуално е сторено кривичното дело.

„Јавното обвинителство постапи по известување на министерот за здравство. Нема поднесено кривична пријава против евентуални пријавени, туку има само известување за она што се случило. Јавното обвинителство оформи предмет со тоа што отпочна процесни дејствија. Има сослушано голем број сведоци, собрано материјални докази, со тоа што постапката сè уште е во тек. За јавното обвинителство важно е во конкретниот случај дали евентуално постојат елементи за некакво кривично дело. Тоа би можело евентуално да биде диверзија од член 314 или саботажа од член 315 од Кривичниот закон“, вели јавниот обвинител Коцевски.

Во интервјуто Коцевски, исто така, информира дека за три и пол месеци, колку што е на функцијата државен обвинител, за градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко има поднесено четири обвиненија, а денеска е поднесено уште едно, петто обвинение за кривично дело несовесно работење во службата. Од информациите, како што рече, има околу, не знам точна бројка, можеби пет-шест предмети во Основното јавно обвинителство Струга.

Љупчо Коцевски е шеф на Јавното обвинителство околу три и пол месеци, откако беше избран од Собранието на 13 февруари годинава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ