сабота, 21 декември 2024

Коалиција Маргини: Владата да ги спроведе препораките на ОН за заштита на човековите права

Иако Македонија поддржа неколку препораки од четвртиот циклус на Универзалниот периодичен преглед на Обединетите нации (ОН), сепак вознемирува фактот што токму оние препораки кои се однесуваат на преземање конкретни чекори за заштита на ЛГБТИК луѓето беа отфрлени, тврдат во денешната реакција од Коалицијата за заштита на маргинализираните групи Маргини. Оттаму додаваат дека се загрижени и за „отфрлањето на препораките од Исланд и Белгија кои Македонија ги добила за вклучување на сеопфатна дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик, која експлицитно би ги препознала сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитени категории“.

Објавено на

часот

Сподели

„Иако го поздравуваме поддржувањето на препораките од САД и Уругвај за засилување на спроведувањето на законите за родово-базирано насилство и дискриминација, сметаме дека овие напори нема да бидат доволни без експлицитно препознавање на говорот на омраза во домашното законодавство“, велат од Коалицијата Маргини.

Оттаму  тврдат дека државата исто така ги отфрлила препораките од Германија, Исланд и Кралството на Холандија за воведување на брза, транспарентна и пристапна процедура за правно признавање на родот врз принципот на самоопределување.

„Иако дел од препораките кои повикаа за итно усвојување на Законот за родова еднаквост беа поддржани, загрижува фактот што државата ја отфрли препораката на Германија која беше експлицитна во насоките дека овој закон треба да биде во согласност со стандардите на Европската унија и Обединетите нации“, реагираат од Коалицијата Маргини.

Дополнително, велат оттаму, Комитетот за тортура при Обедините нации неодамна ја повика државата „да преземе ефективни мерки за брзо и непристрасно справување со насилството врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет и побара од Македонија воведување на дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик.

„Овој комитет исто така изрази загриженост за зголемените ризици со кои се соочуваат ЛГБТИК затворениците, посочувајќи дека недостатокот на напредок во проценувањето на овие ризици ја отежнува превенцијата на меѓузатвореничкото насилство. Ја повикуваме Владата да ги испочитува и спроведе препораките од страна на земјите-членки и експертските тела при Обединетите нации, да ги усогласи домашните политики со меѓународните стандарди за човекови права и да осигура дека сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација или родов идентитет, имаат еднакви права и заштита“, се наведува во соопштението на Коалицијата Маргини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ