вторник, 25 јуни 2024
Парламентарни избори 2024

Коалициите на СДСМ и ДУИ се изедначија според бројот на мандати, СДСМ има повеќе вкупно добиени гласови

Ако до вчера се сметаше дека ДУИ со својата коалиција стана втора политичка сила во земјава, а коалицијата на СДСМ спадна на третата позиција, по вчерашното прегласување на седум избирачки места во изборните единици пет и шест, тоа, се чини, веќе не е така. Коалициите на ДУИ и СДСМ имаат по 18 пратеници, но во вкупнот број на освоени гласови СДСМ е во предност. Коалицијата на СДСМ има 154.444 вкупно освоени гласови на парламентарните избори, додека коалицијата на ДУИ има вкупно 137.690 гласови.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Спопред бројот на пратенички мандати, прва политичка сила во Македонија е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници и 436.393 вкупно добиени гласови од избирачите, следува СДСМ со 18 пратеници и 154.444 гласови, потоа е коалицијата на ДУИ со 137.690 гласови, на четврто место е Вреди со 14 пратеници и 106.946 гласови, петта политичка сила е Левица со 6 пратеници и 68.636 гласови, а во парламентот уште влезе ЗНАМ, исто така со 6 пратеници и освоени 56.221 гласови.

Која коалиција, односно партија ќе биде прогласена за втора политичка сила, односно во случајов, водечка опозициска коалиција не е небитно, бидејќи според законите ќе им припаднат некои државни функции предвидени за опозицијата, почнувајќи од претседател на ДИК, во собраниски комисии и водечки позиции во некои државни агенции.

Останува да се види дали резултатите ќе останат какви што се имајќи предвид дека сега течат роковите за приговори за прегласувањата. Рокот е до петок, до 19 часот, а за сумирање и утврдување на резултите до петок, во 22 часот.

По вчерашното прегласување на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6, сумираните резултати синоќа ги соопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Во Изборната единица 5 коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 74.287 гласови или 10 мандати, коалицијата Европски фронт на ДУИ има 27.278 гласови или четири мандати, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ доби 26.668 гласови или три мандати, Левица има 9.850 или еден мандат, коалицијата Вреди 10.793 еден мандат и ЗНАМ со 8.671 глас или еден мандат

Во ИЕ 6 Европски фронт освои 53.731 глас или осум мандати, Вреди 47.849 гласови или 8 мандати, Твоја Македонија има 21.639 или три мандати, а За европска иднина освои 6.414 или еден мандат.

Прегласување во петата изборна единица се спроведе на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ